Во петокот , на 10 јули , во Каиро на 83 годишна возраст почина египетскиот актер Омар Шариф, познат по филмовите „ Лоренс од Арабија „ и „ Доктор Живаго “. Од филмската сцена замина актерот кој се прослави со улогите на романтични јунаци во чии прегратки се “топеа“ Џули Кристи, Барбра Стрејсенд, Катрин Денев, Анук Еме, Флоринда Болкан, Џули Ендрјус,Џејн Сејмур…
Мошне интересен е неговиот актерски пат, од актер кој во својата родна земја, Египет, ќе сними 20 -тина играни филмови кои се непознати надвор од арапското јазично подрачје па се` до мошне популарна филмска ѕвезда во Европа и Холивуд.
Тој е роден на 10.април 1932 година во Александрија, во Египет, како Михаел Демитри Шалхуб.Потекнува од мошне богато сириско-либанско христијанско семејство на трговци.Неговиот татко бил од Либан додека неговата мајка била Еврејка. Бил воспитуван на француски јазик (арапски јазик научил дури кога ја отпочнал својата актерска кариера).Студирајќи на Викторија Колеџот во Каиро, каде станал дипломиран физичар и математичар, се заинтересирал за актерството. Сепак пет години по завршувањето на студиите работел во претпријатието на неговиот татко. Актерство студирал во Лондон во Кралската академија за драмска уметност.Псевдонимот Омар го зел според американскиот генерал Омар Брадли, додека Шариф на арапски значи племство.
Првата филмска улога му ја дава неговиот пријател Јусеф Шаин во 1953 година во филмот “Ѓаволот од Сахара“. За време на снимањето на својот следен филм „Жешко сонце“ во 1954 година ќе ја запознае една од најпопуларните актерки од Блискиот Исток, Фатен Хамама. Во 1955 година, иако е воспитан во духот на христјанството се преобратува во ислам и го зема името Омар Ел-Шариф за да може да стапи во брак со египетската актерка Фатен Хамама. Тоа му ја зголемила неговата популарност во арапските земји. Бракот, во кој го добил синот Тарек Шариф во 1957 година, траел до 1974 година. Неговиот син Тарек Шариф го игра ликот на Јури во филмот „ Доктор Живаго“ кога тој има 8 години. Со Хамама, Шариф ќе сними неколку египетски филмови кои се непознати надвор од арапските земји.
Омар Шариф својата меѓународна филмска кариера ќе ја започне во туниско-француската копродукција –мелодрамата „ Гоха“ во 1957 година, додека својата прва улога на англиски јазик ќе ја оствари во 1962 година во филмот „ Лоренс од Арабија“ на режисерот Дејвид Лин, каде маестрално ќе ја одигра улогата на Шерифот Алија која ќе му ја донесе наградата Златен Глобус за најдобра споредна улога и номинација за Оскар во истата категорија.Успехот на овој филм ќе му донесе неколку улоги во филмови во кои ќе настапи покрај неколку големи филмски ѕвезди како: Грегори Пек, Ентони Квин, Софија Лорен, Стивен Бојд, Џејмс Мејсон, Ингрид Бергман, Рекс Харисон, Ширли Мек Лејн, Жана Моро, Ален Делон и кој уште не.Така, во 1964 година тој настапува во филмовите :„ Падот на Римското Царство“; „Жолтиот Ролс-Ројс“; „Џингис Кан“; „ И дојде денот на одмаздата“ за во 1965 година да настапи во уште еден филм на режисерот Дејвид Лин –„ Доктор Живаго“ кој дефинитивно ќе му ги отвори вратите на Холивуд. За улогата на Јури Живаго тој ќе го освои повторно Златниот Глобус , овој пат за главна улога. Следуваат улогите во филмовите: „Ноќта на Генералот “ во 1967; „ Мајерлинг“ и „ Смешна девојка“ во 1968; „ Че! “ , „ Златото на Мек Кена “ и „ Љубовен состанок“ во 1969,„Коњаници“во 1970; „Крадец“ и „ Последната долина“во 1971; „Таинствениот остров “ во 1973; „Семето на корупцијата“ и „ Господар на животот и смртта„ во 1974; „ Ас во ракавот“ и „Љубовниците на госпоѓата Фани“ во 1975; „Девојката од племето Ашанти“ и „ Крвни врски“ во 1979, „Куршумот од Балтимор“ во 1980 и многу други. Една од неговите последни улоги кои се паметат секако е онаа во филмот “Хидалго“во 2004 година каде настапи заедно со актерот Виго Мортенсен. Во 2013 година тој настапи во италјанскиот филм „Град во Италија“ на режисерката Валерија Бруни Тедесчи, филм во кој се играше себеси.
Омар Шариф честопати настапуваше и на телевизијата.Така, во 1986 година тој настапи во телевизиската серија „Петар Велики“ а во 1993 година во серијата „Мајка“. Играше и во неколку телевизиски филмови од кои најпознати секако се: „Гуливеровите патувања“ и „Катерина Велика“ од 1996 и „ Десетте божји заповеди“ од 2006 година. Во својата богата филмска кариера која траеше 60 години тој успеа да оствари над 110 улоги на филмското платно и телевизиските екрани. Некаде кон крајот на 70 -тите години од изминатиот век, тој оствари и неколку театарски улоги во Каиро.
Освен наградите Златен Глобус, Омар Шариф беше добитник и на десетина други вредни филмски награди од кои секако е највредна онаа која ја освои во 2003 година на Венецискиот филмски фестивал за најдобра машка улога за филмот „Господинот Ибрахим и цветот на Куранот“. Во ноември 2005 година УНЕСКО го награди за придонес во светскиот филм.
Омар Шариф беше познат и како врвен играч во бриџ, но и како полиглот кој течно говореше англиски,арапски,грчки и француски, а по малку се служеше и со италијанскиот и турскиот јазик.Иако, беше Муслиман тој никогаш строго не го следел Куранот.Неретко јавно се залагал Муслиманите да ги толерираат Евреите и Христијаните.
Шариф,почина во петокот од последица на срцев удар во една болница во Каиро. Во 1992 година му бил вграден бајпас, а во 1994 година имал помал инфаркт. На почетокот од оваа година неговиот агент Стив Кенис ја потврди веста дека на Шариф му е дијагностицирана Алцхајмеровата болест.
ПУБЛИЦИТЕТ.МК – автор: Ѓоко Симјаноски