Вевчанскиот карневал, со стаж од над 1400 години, го слави доаѓањето на Новата година по Јулијанскиот календар.
Карневалот е спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава. Со архаичноста, таинственоста и уникатните маски тој се одвојува од останатите во светот.
Вевчани од утрово се претвори во своевиден театар без граници. Прво учесниците зад кулисите ги облекуваа и обликуваа маските, далеку од очите на јавноста, смислени и правени со недели пред тоа. Од тој миг секоја куќа и улица стана сцена, а маскираните ги изведуваа своите замислени сценарија како вистински актери.
Василичарите по обичај од попладнево некаде околу 14: 30 часот до утре напладне ќе ја посетат секоја вевчанска куќа, ќе наздрават за здравје и бериќет и потоа традиционално ќе ги запалат маските за од Вевчани да избегаат злите сили и духови.
Во пресрет на Василица и пречекот на православната Нова година, вечерва во Вевчани ќе настапат: Чалгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски неодамна на прес-конференцијата рече дека Вевчанскиот карневал е бренд на Република Македонија:„Уникатен е зашто успева народните традиции да ги спои со една отворена критичка култура која Вевчанци ја негуваат. Овој фестивал има и огромен потенцијал да го развие руралниот и културниот туризам и ние во таа насока сакаме да го видиме неговиот иден развој. Министерството за култура продолжува да го поддржува карневалот“. Министерот Алаѓозовски додаде дека Вевчанскиот карневал е пример за децентрализација во културата.
Карневалот годинава е во викенд и очекуваме многу посетители од земјава и од странство. Вевчанскиот е најстар карневал, со најдолга традиција во Македонија и пошироко. Уникатен е и единствен, а учесниците ја имаат сета слобода да критикуваат и иронизираат“, вели вевчанскиот градоначалник Сашо Јанкоски.
Публицитет.мк