Учениците од медицинската струка при СОСУ „Св.Кирил и Методијˮ од Охрид ја завршија тринеделната практична обука во Медицинската Академија – Александровска Болница, во Софија, Бугарија, која траеше од 1 до 22 март 2019 година.
За време на практичната обука учениците сe збогатија со европска медицинска практика и ги збогатија своите познавања од областа на медицината. Имаа можност да присуствуваат на повеќе одделенија каде што беа дел од секојдневните активности во придружба со медицинските сестри и доктори. Откако заврши практичната обука, учениците беа испратени со голема почест и внимание од страна на д-р Чавдар Еленков, доктор по медицина, Анелија Димитрова – главна сестра и Христина В’лчева – организатор на медицинската дејност при Александровска болница.
Д-р Чавдар Еленков со големо задоволство и љубезност им се обрати на учениците со зборовите: „Вие имавте чест да изведете практична обука во нашата високо ценета болница со долга историја од која што излегле врвни доктори и професори во светски рамки. Ви посакувам и вие да бидете идните медицински сестри, доктори, професори, специјалисти кои ќе ја изградите својата кариера на високо ниво, па можеби и во некои од нашите реномирани клиники и академии. Сметам дека ние ви помагаме сега и во иднина ќе правиме сè за побрзо и полесно да се интегрирате во Европска Унија преку проектот Еразмус + кој придонесува за мобилност на младите. Најголема желба ми е да продолжиме да соработуваме и да си помагаме едни со други како луѓе. Вие сте младина во чии раце ќе биде иднината без разлика каде и да бидете. Работете напорно, бидете храбри бидејќи светот останува на вас.”
Учениците беа поздравени од страна на Анелија Димитрова и Христина Вʼлчева, кои изразија задоволство во името на сите вработени од болницата за сериозниот пристап, дисциплината, интересот и соработката на учениците со медицинскиот персонал во одделите каде што ја изведуваа обуката.
На крајот, во свое име и во името на Училиштето СОСУ „Св.Кирил и Методијˮ Охрид, срдечна благодарност за одличниот прием и поддршка на учениците (при спроведување на практичната обука во Александровска болница), на д-р Чавдар Еленков му упатија професорките Доца Цветкоска и Даниела Стојаноска, одговорни за спроведување на проектот „Учење преку практикаˮ во рамките на ЕРАЗМУС + програмата.
Тука, пред арката на Александровската болница во Софија, се споија долгогодишното искуство и знаење на вработените и ентузијазмот на младите средношколци кои врз крилјата на спознанието со себе го понесоа новостекнатото искуство и знаење, со желби за повторно видување.
Доца Цветкоска,
м-р по Комуникологија и македонстика
Публицитет.мк