Со решеност и подготвеност за уште поголема посветеност на учењето и проучувањето на и за македонскиот јазик, литература и култура, идеи и планови за истражувачки проекти посветени на македонистиката, како и за нови книжевни преводи преку коишто современата македонска реч ќе се афирмира во странските култури, викендов заврши Втората зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којашто започна на 24 јануари 2022 година и се одвиваше во виртуелен формат. На Школата учествуваа над 40 странски слависти и македонисти – семинаристи од универзитетските центри од Австралија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска, Чешката Република и Швајцарија.
Меѓу учесниците на Школата имаше и истакнати имиња на славистиката, универзитетски професори со долгогодишно искуство и автори на референтни истражувања на европската и светската филологија, но и слависти и македонисти коишто за првпат учествуваа на школа на МСМЈЛК при УКИМ – идни афирматори на македонскиот јазик, литература и култура во светот. Дел од нив, оние коишто веќе со години се посветени на македонистиката, преку Школата не само што стекнаа нови знаења, туку препознаа и нови, истражувачки и научни предизвици и планови за следни активности преку коишто македонскиот јазик, литература и култура ќе ги афирмираат на своите универзитетски центри, како и воопшто во своите културни средини. Од друга страна, учесниците коишто се на почетните рамништа на познавање на македонскиот јазик, во текот на Школата ја потврдија својата професионална определба да останат посветеници на македонистиката. Ама сите заедно ја истакнаа својата вљубеност во македонската култура и ставот дека за меѓународно вреднување на македонските културни вредности и натаму ќе се залага секој од нив одделно, преку својата академска, научна и истражувачка или преведувачка активност, но и сите заедно – во изминатите шест дена веќе се иницираа низа соработки и заеднички активности.
Сето ова беше потврдено и преку виртуелниот настан со којшто беше затворена Втората зимска школа, којшто следеше по завршувањето на шестдневната настава на курсевите за основно, средно и напреднато ниво на познавање на македонскиот јазик и на курсот по македонска литература. На овој настан на коешто на учесниците, виртуелно им беа доделени уверенијата за успешното следење на 30 часа лекторска настава, покрај директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и лекторите на курсевите на Школата, се обратија и семинаристите, од сите групи коишто посветено работеа во периодот од 24 до 29 јануари. Меѓу другото, покрај ваквите определби и оцени и особено задоволството од големата посветеност на лекторите, семинаристите иницираа Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ којашто за прват се одржа минатата година, да прерасне во традиција и понатаму да се одржува и со физичко присуство, а не само во виртуелен формат. Сите ја искажаа желбата да бидат дел и од 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, којашто ќе се одржи во август годинава, но и да се посветат на активности во сферата на македонистиката во текот на целата година. Несомнено, уште еднаш се потврди дека семинаристите на МСМЈЛК при УКИМ се најголемите афирматори и поддржувачи на македонската култура во светски рамки и она што особено радува – поттикнати од школите на МСМЈЛК при УКИМ, вклучително и оваа Втора зимска школа, подготвени да остварат и натамошен, голем влог за македонистиката.
На завршната средба беше истакнато дека впрочем, потврда на взаемната голема посветеност и на лекторите на Школата и на семинаристите се согледува и преку обемот на наставата, со 30 часа од секој од курсевите за само шест дена, што е приближно до бројот на предавања или вежби по еден предмет во текот на еден цел семестар.
Наставата за групите ја изведуваа лектори коишто го вложија сопствениот максимум во пренесувањето знаења на странските слависти и македонисти – доц. д-р Гордана Алексова (за напреднато ниво на познавање на македонскиот јазик), проф. д-р Борче Арсов и доц. д-р Бобан Карапејовски (средно ниво на познавање на македонскиот јазик), м-р Биљана Стојановска м-р Марија Пандева (основно ниво на познавање на македонскиот јазик), како и асс. м-р Иван Антоновски (напреднато ниво за литература).
Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ за првпат се одржа минатата година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј, 100 години од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, особено на Летната школа, којашто традиционално се одржува во Охрид. Со минатогодишното издание се постигна голем успех, видлив и преку публикацијата „Конески на 11 јазици“, во којашто за првпат некои сегменти на творештвото на великанот се објавени во превод на толку јазици, како и преку активностите коишто лекторатите по македонски јазик и воопшто универзитетските центри во светот ги остварија за одбележување на стогодишнината од раѓањето на Конески. Радува што успехот од минатата година се повторува и со Втората зимска школа.
Инаку, одбележување значаен јубилеј за македонската култура беше остварено и со годинешното издание на Зимската школа – курсот по литратура (напреднато ниво), во целост беше посветен на дело од творештвото на великанот Горан Стефановски, по повод 70 години од неговото раѓање. За оваа година, МСМЈЛК при УКИМ планира и натамошни активности за одбележување неколку значајни јубилеи за македонската култура, во рамките на остварувањато на својата програма за работа.
Интересот и посветеноста на учесниците на Втората зимска школ на МСМЈЛК при УКИМ е причина и мотив со засилено темпо да се продолжи со вложувањата во афирмацијата на македонистиката во меѓународната академска средина.
Публицитет.мк