Oд пред една година во рамките на Здружението на пензионери од Општините Охрид и Дебрца постои детскатата рецитаорско – драмска група “Развигорче”.
Меѓугенерациска соработка успешно функционира под раководство на наставничката во пензија Ристана Меруџеска -Мојсоска.
Децата со своето присуство, младост и енергија ги збогатуваат нивните приредби по разни поводи а нивните дружби пред тоа и потоа се многу интересни и несекојдневни.
Во знак на благодарност за вложениот труд, заедничкиот меѓу генерациски спој вчера беше заокружен со уште едно незаборавно заедничко дружење на Преспанското Езеро.
Претставниците на здружението на пензионери заедно со Развигорци и дел од нивните родители беа во посета на музејот „Драги Тозија” во Ресен, Етно музејот во селото Подмочани, локалитетот “Маркова Нога” како и во селата Љубојно и Брајчино.
„Идејата за заедничка прошетка се роди при посетата и настапот на клубот „Развигорче“ на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца, ова лето. Среќни сме кога сме во друштво со децата, се надеваме дека ќе има уште многу вакви заеднички екскурзии особено напролет”, вели претседателот на ЗП Охрид и Дебрца, Ѓорги Трпчески.
Радосни и задоволни беа и децата,ама и нивната наставничка Ристана:
„Драго ми е што токму во рамките на Здружението на пензионерите функционира една ваква група, која е составена од околу десетина деца на возраст од 12-14 години. Сите се мирни, послушни и исполнителни во извршувањето на зададените задачи. Навистина посебно е задоволството да се работи повторно со деца и во пензионерските денови”, рече Меруџеска.
Еднодневната екскурзија заврши со ручек во Претор. Следна нивна заедничка активнот ќе биде меѓугенерациската средба кон крајов на месецов во ОУ „Христо Узунов“ во Охрид.
Публицитет.мк