Минатата 2016 беше тешка, турболентна година, исполнета со многу настани во светски но и наши рамки.
Во светот се’ беше подредено во знак на бегалската криза , терористичките напади во европските центри, шокот наречен Brexit како последица на ЕУ референдумот во Англија, претседателските избори во САД, природните непогоди (поплави и земјотреси) и смртта на многу светски познати личности( истражувањето на BBC покажуваат дека до 19 декември 2016 година се починати 43 славни личности).
Во Македонија имаше големо граѓанско разбудување и сплотување изразено преку демонстрации на граѓаните од различна национална, етничка и верска определба во сите градови на Македонија во знак на протест против амнестијата на Председателот Иванов.
Највпечатлив момент од тие настани секако дека се: шарената револуција и паролата нема правда , нема мир со која граѓаните ја искажуваа својата определба за праведно, демократско и слободно општество во кое сакаат да живеат.
2016 година ќе ја паметам и по мојата заложба во Советот на Охрид да работиме во интерес на граѓаните, по моите бројни дискусии кои од душа и срце им ги посветувам на обичните граѓани од град Охрид.
И конечно на крајот од 2016 година се случија предвремените Парламентарни избори во кои зедов и лично учество како кандидат за пратеник од СДСМ во ИЕ 5 при што особен впечаток во кампањата ми оставија бројните средби со сограѓаните, разговорите со нив и нивните едноставни желби и барања.
На овие избори народот во огромно мнозинство се одлучи за промени и подобар живот односно граѓаните избраа живот во Македонија, што за мене е логична последица на се’ што се случуваше во текот на 2016 година и годините наназад.
Во Новата 2017 година очекувам промени во позитивна насока, а посакувам мир, спокојство, подобар живот за сите граѓани во Македонија, стабилизација на државата, конечно доаѓање на слободата и враќање на насмевката на лицата на нашите граѓани, малку подобра економска и социјална политика, создавање услови за нормален живот во нашата држава.
Посакувам среќа, здравје и убави моменти за сите нас …. Посакувам да нема поделби по било која основа и секој да биде свесен дека не треба на другиот да му го прави тоа што не сака нему да му го направат.
Мојата порака до Вашите читатели: во Новата 2017 Година посакувам конечно да почнеме да живееме во една нормална, европска држава, Република Македонија рамноправна членка на ЕУ и НАТО!
Жаклина Лазаревска , пратеник во Собранието на РМ
Публицитет.мк