Овој пат ќе се потсетиме на една италијанска композиција од пред три децении која беше изведена на 40 тото јубилејно издание на фестивалот на забавна музика Сан Ремо.
Се работи за песната „ Жена како тебе“ во изведба на тогаш мошне атрактивната пејачка Ана Окса.
Автори на песната се Данило Америо и Лусијано Боеро. Интерсно е да се каже дека песната требало да ја изведе Пети Право која за време на пробите се пожалила дека текстот не и се допаѓа и побарала големи измени во стиховите на песната. На крајот таа одбила да ја испее песната на фестивалот.
Авторите на песната и организаторите побарале замена кај пејачките Марина Фиордалисо, Лорета Кукарини и Лина Састри за на крајот да биде избрана Ана Окса.
Таа ја прифатила понудата а песната „ Жена како тебе “ по завршувањето на фестивалот станала една од најслушаните песни во 1990 година од фестивалот Сан Ремо.
Ана Окса , со родено име Ана Хоџа, има албански корени бидејќи нејзиниот татко е роден во Албанија а нејзината мајка е италијанка.Таа е родена во Бари а својата кариера ја започнува токму на еден од фестивалите во Сан Ремо во 1978 година каде настапи 14 пати. Во 1989 година во дует со Фаусто Леали победи на фестивалот во Сан Ремо со песната „ Ќе те оставам“кога со истата песна беа италијански преставници на Песната на Евровизија во Лозана.
На фестивалот во Сан Ремо за последен пат настапи во 2011 година.
Да напоменеме дека алтернативната изведба на песната „ Жена како тебе“на фестивалот беше на француско бразилската група „Каома“ која една година порано се прославија со светскиот мега хит „ Ламбада“.
Ве потсетуваме и на двете изведби на оваа прекрасна композиција од причина што иако се работи за иста песна изведбите аранжмански се сосема различни.
Пишува:Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк