Инциденти во кои на насобраните граѓани беше фрлен солзавец откако полицијата беше каменувана, го обележаа денешниот протест во Подгорица на илјадници демонстранти пред Плоштадот на Републиката, а против премиерот Мило Ѓукановиќ и неговата Влада. „Готов е“, „Мило крадецу“, се скандираше на протестот од кој насобарните испорачаа ултиматум – Ѓукановиќ итно да си оди, а до сабота да се формира преодна влада.
Ситуацијата излезе од контрола откако полицијата вчера насилно ги прекина протестите на опозицискиот Демократски фронт (ДФ) што траеа 21 ден. Еден од лидерите на ДФ, Андрија Мандиќ, на протестот изјави дека Ѓукановиќ побегнал од земјата, a во меѓувреме од владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) одговорија дека Мандиќ лаже, односно оти премиерот во моментот кога опозиционерот ја дал изјавата претседавал со седница на Советот за национална безбедност.
Инаку, деновиве Евроактив пренесе дека Црна Гора во декември може да очекува покана за членство во НАТО, а ова станало јасно на средбата меѓу преставници на НАТО и на Црна Гора што се одржа на 14 октомври во Подгорица. Сигнали дека ќе ја поддржат Црна Гора за влез во НАТО има и од САД.
Извор: kapital.mk