Мора да признаеме дека „Златна Бубамара“ е еден од највозбудливите настани во нашата земја и секоја година сите со нетрпение очекуваме да се одржи и да поминеме неколку часа уживајќи во вистинска забава. Вчера во Вип Арената Борис Трајковски се одржа 21 издание и може да се каже дека е едно од најдобрите досега.
Доколку немавте можност да бидете дел од оваа неверојатна манифестација и со нетрпение очекувате да дознаете кој се доби награда и каква беше атмосферата во текот на целата вечер, нема потреба да чекате бидејќи сега сѐ ќе споделиме со вас.
Пред сѐ сакаме да споделиме дека целата сала беше полна, но полна со весели и насмеани лица, кои вистински уживаа и за момент заборавија на сите останати работи и проблеми. На самиот почеток на сцената настапија слатките „славејчиња“, кои испеаа неколку преснички и имаа прекрасна кореографија, а дефинитивно ја разнежнија целата публика и предизвикаа насмевка кај сите. Следна на сцената излезе Дани, која облечена во долг црн фустан, со сребрени детали, изведе песна од својот нов албум „Град за љубов“. Додека настапуваше на сцената излезе и Кили, кој ѝ подари бела ружа, а потоа по настапот ѝ ја додели и наградата за Најдобар албум на годината.
Важно е да се спомене дека на овогодинешната „Бубамара“ настапија околу 350 луѓе, меѓу кои музичари, актери, танчери, спортисти и тв-лица. На почетокот во улогата на водител беше Кирил Поп Христов – Кили, кој изјави дека е пресреќен што повторно е дома. Тој ја додели наградата на Џамбо Агушев, кој оваа година повторно доби „Златна Бубамара“ за Прва труба на Македонија. По него награда добија Дубиоза Колектив, за Група на годината и потоа сите заедно настапија со песните „Пионирска“ и „Бријуни“.
На сцената се појави и Корнелија Коневска која ја зема наградата наменета за Остен, а потоа Октет Македонија ја добија наградата за Животно дело. Тие уште еднаш потврдија дека се незаменливи и на публиката ѝ овозможија вистинско уживање со изведбата на песните „Ако одам во Битола“, „Не стој Доне, Донке“и „When the saints go marching in“. Потоа, Октет Македонија ја додели наградата за Најпопуларен комрцијален ТВ спот на НЛБ банка, а во позадина на екраните беше пуштена рекламата во која се појавуваат членовите на октетот.
„Девојче, сакаш да испееме нешто заедно?“, кога Тијана ја прими наградата за Најдобар мултимедијален уметник, нејзината сестра се појави од позадина и ѝ го постави прашањето. Двете сестри блескаа на сцената во црн и сребрен комбинезон, а ги изведуваа песните „Ladies Night“, „Get down on it“ и на крајот ја пееја песната Шила, со што ја најавија и Маја Оџаклиевска, која ја доби наградата за Трајни музички вредности. Маја се заблагодари за наградата, а крајот изјави дека со пеењето не ѝ оди во последно време, но и покрај тоа таа уште еднаш докажа дека е вистинска дива. Со изведбата на песните „Многу солзи исплакав“ и „Буди добар као што сам ја“ предизвика целата публика да пее, а на крајот таа доби најгласен аплауз од сите.
Конечно на сцената се појави и Сашко Коцев, а гласниот аплауз и викањето беа доказ дека сите со нетрпение го очекуваа. Очекувано беше дека сите навистина ќе нѐ забавува. Нема да ви откриеме за сѐ што зборуваше, но верувајте дека ќе посакате да го гледате и слушате повеќе пати. Потоа на сцена дојде Влатко Стефановски кој му ја додели наградата на Дадо Топиќ и кој како вистински фан побара од него да му се потпише на албум со маркер „како што е редот“. Дадо настапи со песната „Бољи живот“, а за тоа ја повика Тамара да му се придружи, но направи грешка и ја нарече Тамара Дапчевиќ. Сепак изведбата беше извонренда, а Тамара на сцена се појави со долг бело-зелен фустан.
Наградата за Филм на годината ја доби „Исцелител“, наградата за Актерско откритие ја доби Благој Веселинов, а наградите за Актер и Актерка на годината ги добија Александар Микиќ и Нина Деан. Серија на годината е Фамилија Марковски. Слаткар оваа година доби две награди за Интернационален успех и Видео спот на годината. Секако дека и оваа година на сцената се појави Игор Џамбазов, кој му ја додели наградата на Игор Атанасовски.
Едина Муса ја додели наградата за Најдобра театарска претстава, која за оваа година е „Вардарски пастуви“. Доделувањето на оваа награда беше проследено со еден од најубавите моменти на манифестацијата. На сцената настапија хорот Мирче Ацев, Наум Петрески и Виолета Томовска кои ја изведуваа песната „Ој Вардаре Македонски“. На сцената беа повикувани сите ракометари еден по еден и секако на крајот се качи и Стојанче Стоилов кој доби најголем аплауз. Сите заедно пееја на сцената, а публиката уште еднаш покажа колку ги поддржува храбрите момци и колку се радува на секој успех.
Останати кои добија награди се и Фчерашни новости, за ТВ забавна сатирична емисија, Нови Фосили за Трајни музички вредности, Инсајдер за најпопуларна ТВ серија, Еден на еден за ТВ емисија на годината, Патот до успехот за ТВ проект и Меморија за концерт на годината.
На крајот беше доделена наградата за Мјузикл на годината, која ја доби МНТ за мјузиклот МАМА МИА и потоа следуваш спектакуларен настап кој како за крај навистина ги расположи и воодушеви сите.