„Подобрување на соработката меѓу парламентарците и новинарите за поголема отчетност и транспарентност“ беше името на меѓусекторскиот настан кој се одржа на 1ви октомври а организиран од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) на кој учествуваа новинари, пратеници, секретаријат на Собранието на Северна Македонија и претставници од граѓански организации активни во застапувањето за слободата на изразување.
Посебно обраќање имаа Претседателот на Здружението на новинарите, Младен Чадиковски, Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери и Раководителот на Одделот за информатичко општество, Совет на Европа, Патрик Пенингс.
Овој вебинар се надоврза на новиот документ за политики во кој двајца искусни новинари, ангажирани од ЗНМ, ја истражуваа и ја оценија состојбата на соработката меѓу парламентарците и новинарите и формулираа препораки како да се подобри за да се промовира унапредување на правната рамка во медиумскиот сектор.
Вебинарот го отвори модераторот новинарката Душица Мрѓа која ги поздрави присутните, ја претстави агендата, ги најави говорниците и сподели контекст со свои видувања на темата пред присутните.
Во своето поздравно обраќање, Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека медиумските реформи и неколку закони важни за работата на новинарите се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, што се нотира и во последниот извештај на Европската комисија во кој што се вели дека „државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност“. Клучните препораки и наоди од истражувањето ќе им обезбедат на новинарите и пaрламентарците форум за размена на мислења, што пак ќе значи подготовка за теренот каде што се очекува да се зајакне меѓу секторската алијанса и ќе обезбеди понатамошна соработка помеѓу овие клучни чинители.
Свое обраќање имаше и Претседателот на Собранието на РСМ, г-нот Талат Џафери кој рече дека заеднички став на претседателството е Собранието да биде секогаш отворено и достапно за сите новинари, а преку новинарите и за граѓаните, за невладините организации и се разбира меѓународната јавност. Ја нагласи неговата достапност за новинарите, посебно на утврдените месечни брифинзи се со цел точно и навремено информирање, но исто така рече дека не може да влијание на колегите пратеници во однос на нивната достапност и желба за изложеност во медиумите. Рече дека во план е надградба на веб страницата на Собранието, по примерот на естонскиот парламент и е убеден дека сите овие активности што се во план за наредниов период, ќе го доближат законодавниот дом до новинарите, до граѓаните и целата меѓународна јавност и ќе го подобрат впечатокот за Собранието на Република Северна Македонија.
Публицитет.мк