Во јули месечникот „Македонска виделина“ што излегува во Панчево соседна Србија објави интервју со Зоран Георгиев, пеач – истакнат уметник. Во интервјуто тој се потсетува на своите корени и минати лета во Охрид и Скопје, но и на шест децениската кариера. Желба му е да направи солистички концерт во Скопје.
„Публицитет.мк“ на овој начин ја започнува соработката со колегите од „Македонска виделина“ и преку нив со македонската дијаспора ширум Србија.
Наградата „Буба Мара“ зa „Животно дело“е највисока титула за еден пеач и Прва е во Републиката доделена на заслужен вокален уметник, кој во светот ја прослави Македонската забавна музика..
Ова високо признание го добив за 50 годишнината на Првата награда од Опатискиот фестивал (1962) со композицијата „ Еден бакнеж“ на Петре Пешев, што ја пеев на оваа престижна манифестација, според пропозициите, во алтернација со Нина Спирова. По тој повод, пред три години, во преполната Универзална сала во Скопје, во моја чест, беше приредена голема свеченост која траеше повеќе од четири часа. Пееа само домашните изведувачи од сите генерации и јас како лауреат, а температурата ја зголемуваа овациите од публиката, што се чувствуваше како нова награда за првиот најголем успех на една македонска песна, на фестивалите во некогашната заедничка држава. Тоа во интервјуто за Македонска виделина го истакна Зоран Георгиев посочувајќи дека, како и пред половина век во Пула, и признанието во Скопје го доживеал многу возбудено, особено фактот дека сите заедно на бис ја пееле славеничката песна. Наградата од МРТВ и надлежните за култура е највисока титула за еден пеач и Прва е во Републиката која е доделена на заслужен вокален уметник, кој во светот ја прослави Македонската забавна музика, истакна Георгиев кој годинава одбележува 55 години од уметничката кариера, која после родниот Охрид (11 април 1940) и школувањето во Скопје ја продолжи во Белград во кој и денес како пензионер и слободен уметник твори и ги шири културните и музичките врски меѓу двете соседни земји.
МВ: Годинава се навршуват 55 години од присутноста на музичката сцена, дали планирате некој камбек концерт во Србија или во Македонија?
ЗГ: Засега, не. Точно е дека имам верна публика за мојата забавна и староградска музика, а на прашањето кое ме изненади, одговарам дека ќе биде добродојдена секоја таква иницијатива, доколку се појават такви спонзори. Лично, многу сум задоволен со начинот на кој во Македонија ја одбележавме 50 годишнината од наградата во Опатија и зошто сега, или пак и 60-годишнината во музичката дејност, да не ја одбележиме со концерт, кој се разбира ќе биде и убава средба со публиката.
МВ: За овој ветеран на нашата забавна музика се знае дека е добар пеач и дека најголемите успеси, покрај споменатиот „Бакнеж“, првата награда на фестивалот „Скопје 70“ и за најмодерна песна, што ја изведуваше во алтернација со Златко Голубовиќ, на „Белградската пролет 67“,ги постигна и со мелодиите од филмот „Аламо“ и мексиканските песни „ Една солза“ и „ Драга мајко“. Особено добар потег ви е компакт – дискот со „Песните на мој начин“ и албумот со македонските староградски песни и бисери, во кој централното место го заземат песните „ Зајди, зајди“, од Александар Сариевски и „ Еден бакнеж“.
ЗГ: Времето го носи своето, па и јас следејќи ги модерните трендови, како што истакнува оперскиот ас Оливер Њего, се определив да снимам и некои од тие песни што често ги пеам од мерак и за своја душа и кои се популарни и надвор од Македонија. Ме определи и желбата, како Македонец да бидам постојано близок со таквата музика, која никој не го остава рамнодушен со текстовите за чуствата на нашинците печалбари кои стремат да се вратат, како што тоа го стори дедо ми кој после 16 години во Америка, во Охрид ја купи куќата во која како дете секое лето останував по три месеци, далеку од горештините во Еврејското маало во Скопје. Таквите песни се рефлекс на нашиот мелос и лесни за пеење: „Дафино, вино црвено“, „Си заљубив едно моме“, „Леле мајко што ме роди толку сиромав“, „Нели ти реков моме Донке“, истакнува Георгиев и со гитарата ги пее нивните почетоци затоа што, вели, не е поборник на плејбекот и верен е на живите изведби. Не крие дека често размислува за изминатиот пат, ако човекот има два живота, едниот е физичкиот, таков е како што е запишано, но психичкиот ме прави и среќен, а некогаш и загрижен, па се прашувам дали сум го одбрал вистинското што ми следува или не. Зошто? Дали, тоа што сакав да бидам или успехот што го остварив на музичката сцена за која не размислував, уверен дека ќе бидам сликар и студирам на Академијата во Љубљана. Живевме карши главните институции на културата на Македонија, почнувајќи од театарот, како место за секакви детски желби и соништа да се биде актер на некое собитие. Мајка ми беше една од првите составувачи на оперскиот Анасамбл за Скопската опера, пред која како артист и сопран се отвораше кариера на врвен солист, како што проценуваа инструкторите од другите републики и педагозите од странство, предвидувајќи ѝ настапи на светските оперски сцени. За жал, заради големите семејни обврски со две деца, татко ми беше воен офицер, застана пред таквото непознато иако оствари вредни епизодни улоги во оперските претстави. Од неа ја наследив љубовта кон музиката, а од татко ми да свирам виолина, што ми беше главен предмет во основното и средното училиште. Професорот од Италија, мајстор Москатели, беше строг но праведен педагог, кој го помнам по казните со гудалото по прстите уверен дека со апсолутниот слух морам да бидам голем виолинист…
МВ: – Меѓутоа вашиот живот тргна по другите патишта…
ЗГ: – Да. Во Белград дојдов, да речеме, сосема случајно, после работната акција на автопатот Ниш – Параќин, и победата на натпреварот за најдобар пеач меѓу младинците од Словенија, Белград и Скопје затоа што имав искуство и музичко образование. Настапив со песната од Сан Ремо „Чао, чао бамбина“, а музичките дејци и уредниците ми рекоа „Ти мораш да бидеш пеач“. Дојди во Белград, ќе снимиме неколку песни и ќе бидеш пеач. Стигнав во Белград после победата на фестивалот во Опатија 1962 година, во кој добив ангажман како естраден пеач, а плочите ги снимав за ПГП, бидејќи во земјата освен неа постоеше и „Југотон “. Во „ПГП“ бев уредник за Пропаганда и како слободен уметник ексклузивно врзан за Втората програма на Радио Белград. И така започна мојата кариера надвор од Македонија и продолжи со чести пaтувања низ републиките во заедничката држава и во странство, од Америка, Канада, Европа и во Русија на повеќе од 20 турнеи од кои некои траеа и до шест месеци, во континуитет од 16 години. Се разбира, чест гостин бев и на фестивалите во соседните земји, и на едно забележано шоу во емисијата на Будимпештанската ТВ, но со радост се сеќавам на аплаузот од публиката во Атина, поздравувајќи ја грчката изведба на култната композиција Гркот Зорба.
МВ: Кој ќе ја наследи музичката традиција на семејството …
ЗГ: Постариот син Зоран, кој како и јас има голем слух. Меѓутоа, можеби виновник што тоа досега не го направи сум и јас самиот, со изитрениот предлог како еден од најдобрите ученици во гимназија да бира и некое друго занимање, бидејки е тешка пеачката дејност.
МВ: Меѓутоа, таа дејност Вас ви донесе и голема радост и признанија во еснафот и од публиката која ве почитува и цени. И самите знаете дека секоја професија бара многу труд и истрајна упорност, да се стигне кон целта, a важна е и среќата, се разбира.
ЗГ: Тоа го знае и син ми, и затоа кога има време ја земе гитарата и одвреме на време свири да остане во форма, за некои опции во иднина. Сега се актуелни некои други правци во музиката…
МВ: Дали ги следите настаните на македонските пеачи, на просторот на некогашната заедничка држава и како ги оценувате младите таленти кои се јавуват на тие натпревари…
ЗГ: Знаете како, позната е поговорката дека во Македонија можеш да работиш сѐ, но немој да пееш бидејќи таму убаво пеат сите и симни им ја доле капата. Сите натпреварувачи во таквите натпреварувања покажуват, и не само во Белград, дека имат убави гласови, големи дијапазони и интерпретации кои пленат и сега целиот трнам кога ќе се сетам со колкава љубов ги пеат одбраните мелодии. Гласовите се дарба од Бога, а на натпреварувачите од Македонија таа не им недостасува, напротив.
МВ: Дали сакате уште некој впечаток да поделите со читателите на МВ, а не ве прашав?
ЗГ: Сакам да потсетам, дека со задоволство ги негувам врските со нашинците во странство. Во оваа пригода, ќе го издвојам впечатокот кој го носам во себе дека пеењето е тешка и со циклични успеси професија, но токму заради тоа сум среќен, затоа што еве ги уживам сите децении откако сум присутен на естрадната сцена. И затоа сум им благодарен и на оние луѓе што доаѓаат да ги гледат концертите и да ме наградуват со огромни аплаузи и на оние што биле порано, пред дваесет, триесет години со мене. Значи, тоа е мојата благодарност кон тие луѓе што доаѓаат да ги слушат моите интерпретации и наградуват со овации. Оваа професија бара и многу одрекнувања и врзана е за една константна присебност, ако почнеш да ги проредуваш тие гостувања, почнуваш да губиш многу. Доаѓат нови генерации и луѓе што ги следат новите трендови. Кога би имал можност, сакам да отпатувам во Русија и со публиката да ја поделам култната песна „ Журвали“ (Жерави),која ја доснимив на Дискот од 2009 година и верувам дека ќе им се допадне топлата интерпретација.
МВ: Благодарам за разговорот, многу среќа и уште прегршт убави нешта во кариерата, пари и здравје пред сѐ, со желба некој спонзор да го исполни Вашето ветување, да ја реализирате секоја иницијатива за „Концерт за збогум“ по повод јубилејот за сегашните 55 или 60 години на музичката сцена, како што и доликува за една таква реномирана музичка sвезда која со љубов широко ја однесе убавината на македонскиот мелос низ светот.
ЗГ: Ви благодарам многу за убавите зборови и желбата со едно дополнување „ако се создаде можност за таков еден, макар и последен концерт, сакам да биде одржан во Скопје и заедно со музичките пријатели да уживаме во песните што досега ги снимив и кои публиката убаво ги прифати и во личните дискотеки ги чува плочите“….
Кирил Панов
Македонска виделина – Србија