Тишината како мотив е честопати застапена во музиката.Една од најпознатите музички композиции кои говорат токму за неа е „ Звукот на тишината“во изведба на еден од најпознатите дуети во поп музиката, Сајмон и Гарфанкел.
Песната ја напишал Пол Сајмон во текот на неколку месеци во 1963 и 1964 година.Потеклото и основата на песната остануваат нејасни а со текот на годините објавени се неколку „вистини“ за тоа како е создадена таа. Една од нив вели дека песната го коментирала убиството на претседателот Кенеди од причина што песната е објавена три месеци по атентатот. Меѓутоа , според кажувањето на Пол Сајмон во едно интервју има своја верзија.
„ Јас песната ја напишав кога имав 21 година. Песната ја напишав во купатило при што го исклучив светлото за подобро да се сконцентрирам.. Гитарата ми овозможуваше да бидам сам , да свирам и да сонувам. Сето тоа ме правеше многу среќен.Ќе ја ставев тапата во кадата и ќе ја пуштев водата да тече. Тој звук ми се допаѓаше многу и ми делуваше смирувачки“.
Гарфанкел вели дека песната за прв пат била напишана во ноември 1963 година, но на Сајмон му биле потребни уште три месеци за да ги усоврши стиховите на песната. Според неговите зборови песната била готова на 19. Февруари. 1964 година.
Гарфанкел при тоа кажал и неколку зборови за значењето на песната, велејќи дека песната говори за неможноста на луѓето да комуницираат емотивно меѓу себе , а особено на меѓународно ниво што се пресликува на она што го гледаме околу себе каде луѓето не се сакаат и не се почитуваат меѓу себе.
Песната е снимена во март. 1964 година во студијата на „ Колумбија “во Њујорк и била дел од нивниот дебитантски албум насловен како: „ Среда наутро, 3 часот“кој бил објавен на 19. Октомври.1964 година.
Албумот доживеал комерцијален неуспех што било причина дуетот да се распадне.Пол Сајмон се вратил во Англија а Арт Гарфанкел им се вратил на студиите на универзитетот Колумбија.
Но, во 1965 година песната започнала да се врти на радио станиците во Бостон , Масачусетс но и низ цела Флорида.Зголемениот интерес за песната го натерала продуцентот на песната Том Вилсон да направи ремикс на песната за кој Сајмон и Гарфанкел воопшто не занаеле до нејзиното издавање во септември 1965 година.
Ремиксираната верзија на песна мошне брзо се нашла на првото место на Билборд 100 во неделата која завршила на 1. Јануари. 1966 година. Ова го поттикнала разделеното доу повторно да се соедини и во мошне кусо време да го сними новиот албум кој го именувале по големиот хит „Звукот на тишината“обидувајќи се да го искоритат успехот на песната.
Песната мошне брзо се најде меѓу првите десет на топ листите во Австралија, Австрија, Западна Германија, Јапонија и Холандија.
Многумина на оваа песна се сеќаваат како една од многуте кои беа искористени во филмот „ Дипломец“ на режисерот Мајк Николс од 1967 година.Тие најпрвин сакале да ја искористат за неколку сцени во филмот каде таа би ја заменила оригиналната музика . Сепак на крајот одлучиле да ги купат правата за песната и да ја употребат во филмот. Ова била невообичаена одлука од причина што песната веќе била хит пред повеќе од една година а едно вакво рециклирање на веќе слушнта песна не било вообичаено во тоа време.
Песната освен во овој филм е искористена и во неколку други филмови како и во неколку телевизиски проекти.
Потсетување на оваа прекрасна музичка тема во изведба на дуетот Сајмон и Гарфанкел.Иако од нејзиното создавање поминаа 56 години таа сеуште се слуша со задоволство.
Пишува: Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк