Човекот е производител на сите материјални и духовни богатства, но, пред сè, тој е производител на самиот човек. Човекот – родител произведува највисоко материјално богатство – човек – поколение. Тоа е плод од човечката полова дејност, остварувана од половата двојка, а потоа се подготвува за „обработка“ од семејството.
Утврденото гледиште дека децата се најценет капитал на општеството, неговата иднина, води до заклучок дека општеството е задолжено да ја преземе целосната издршка на поколението, создавајќи неопходни услови за неговото правилно и нормално одгледување, обучување и воспитување. Бидејќи ја исползува биолошката и емоционалната основа на родителството, општеството треба да му овозможи на семејството неопходни средства за репродукција на поколението, да инвестира во тоа производство.
Правилното одгледување и развојот на детето бара присуство на двата родители – мајката и таткото. Во првите години од животот на детето има потреба, пред сè од мајката. Докажано е дека до тригодишна возраст таа врска е од животно значење. Децата одгледувани одделно од своите мајки, поставени во најидеални услови, појавуваат болна чувствителност, нестабилно поведение, расеаност, кавга, потиштеност. Таквите деца биолошки се понестабилни и неиздржливи, а психички побавни и тешко се развиваат.
Врската на детето со мајката ја задоволува неговата потреба од емоционален контакт. Таа му дава сигурност, доверба, љубов. После шестгодишна возраст, за детето станува посебно егзистентна врската со таткото. Од таткото детето се учи на самостојност, совладување на афективни реакции, дисциплинираност, принципиелност, цврстина. Фрустрацијата, односно отсуството на животната неопходна родителска љубов и грижа, и депривацијата, т.е. пречките и ограничувањата на можностите за задоволување на основните нагони и возбудливи потреби на личноста, водат до растројство во поведението, до антисоцијални појави и психички заболувања.
Дури и денес жената да е во состојба сама да ги одгледува своите деца и со својата самопожртвуваност да се издигне до мајка – херој, самотно мајчинство, како социјална појава, е негативно, а како масовна практика – штетно и опасно. Мажот не може да биде ослободен од татковство без сериозен ризик да се обесцени социјално. Мажот не само што е должен да учествува во животот на семејството, туку тоа е негово животно право. Не без основа некои сметаат зголемување на редица негативни појави меѓу современите мажи со губење на традиционалната економска улога на мажот во семејството. Кога се лишува од авторитетот како глава на семејството, мажот го губи своето социјално, а и полово самопочитување. Од тоа страда не само тој, туку и жената. Потребата на децата од родители, обично, правилно се чувствува и осознава. Меѓутоа, се чувствува и се осознава неопходноста на родителите од деца. Создавањето на поколение и неговото одгледување е животна потреба за нормалното опстојување на човекот. Тој не би можел да се ослободи од улогата на репродукцијата на себеподобни, без сериозно да се одрази во неговата социјална суштина. Затоа, не само родителите ги социјализираат децата, туку и децата ги социјализираат родителите.
Пишува:
Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
Публицитет.мк