Цел живот се даваат поуки и пораки, и тоа: во семејството, во фамилијата, во средината, во образовниот систем, во односот на државата кон своите граѓани, односно во сите пори на животот и во сите делови на светот.
Со цел да дадам најдобри насоки во животот, ќе изнесам бројни куси текстови и поучни нарации во духот на правилата за добро однесување (бонтон), но на своевиден начин. Сметам дека оваа серија, на две недели по три поуки и пораки, ќе е корисно четиво за секој читател, значаен прилог за воспитување на добро однесување на секого.

- РАБОТЕТЕ НЕШТО ШТО НЕ ЗНАЕТЕ, НО СО МЕРА
„Никој учен не се родил“ е прастара народна изрека и мудрост, со јасна порака дека сé може да се учи и да се научи. Во светот има толку многу работи, видови активности што не можат ни да се набројат.
Убаво е човек да се обиде да работи и нешто што не знае, а знае дека не го знае. Значи, ако не знаете да играте некое оро (Пајдушкото, на пример), сепак, фатете се и на тоа оро; ако не знаете да косите со рачна коса, сепак, замавнете со таа алатка; ако не знаете да искомбинирате вкусен таратур… обидете се.
Една кинеска поговорка гласи: „Паметниот ќе научи десет работи, а верува само во една, а будалиот ќе научи една и ќе верува дека знае десет“.
2. КУПУВАЊЕТО ЗА ДОБРОТВОРНИ ЦЕЛИ ВРЕДИ ДВОЈНО
„Раката што дава е секогаш над таа што прима“, вели Дидро. Многу акции се организираат со цел да им се помогне на луѓето кои се нашле во ситуација таа помош да им биде потребна, односно неопходна.
Најчести такви се продажбата на торти и други слатки производи, на уметнички дела и творби од оние на кои помошта им е наменета… Ова купување ја задоволува потребата на купувачот и потребата на крајниот корисник. Во подалечна врска со темава е мислата на Ролан: „Да се јаде леб – не е некоја мајсторија. Да се пече леб е мала мајсторија, да се заработи леб, тоа е најголема мајсторија“.
3. ИСКЛУЧЕТЕ ГО МОБИЛНИОТ ТЕЛЕФОН ВО: КИНО, ТЕАТАР, ВО КАФЕАНА, НА ПРЕДАВАЊЕ
Чудата на напредокот, на модерната технологија, на човековиот ум и дух – не престануваат. Така, мобилните телефони (достапни секогаш и, буквално, на секое место) од реткост („шпанско село“) станаа општо добро, достапни за сите луѓе.
Умберто Еко, светски мислител, Италијанец, за културата, естетиката и комуникациите смета дека мобилните телефони не се најнеопходни, освен во случаи кога треба да се спасат човечки живот и здравје. И во редовниот тек на животот се јавуваат мислења дека мобителот е, всушност, обврска – те наоѓаат секогаш, сите и не можеш да се криеш…
Култивираност е мобилниот телефон да биде исклучен во дадени ситуации.

Пишува
Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
„Уште не сум видел некого кој бил претепан тоа да го заборавил, ама стопати сум видел како луѓето ги забораваат советите и поуките“ – Иво Андриќ