Со низа и свечености и културни манифестации Охрид деновиве ја одбележува 130-годишнината од смртта на великиот поет и преродбеник, Григор Прличев. Чествувањата по повод годишнината од упокојувањето на Прличев почнуваат вчера, со промоцијата на книгата „70 години библиотека „Григор Прличев“-Охрид“од авторот Милчо Јованоски.
Празнувањата во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ продолжуваат в недела со изложба на ликовни дела од колекцијата на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“, по што следува централната свеченост посветена на годинешниот лауреат на наградата за најдобра поема што го носи Прличевото име.
На свеченоста посветена на најдобриот поет за 2022 година ќе се чита наградената поема „Коњски житија“ на лауреатот Зоран Анчески.
Чествувањата за Прличев продолжуваат и во понеделник, со положување цвеќе пред споменикот на Григор Прличев и панихида на неговиот гроб во непосредна близина на црквата Света Богородица – Перивлепта.
Предвидено е празнувањата во чест на големиот охридски поет да продолжат со доделување награди од конкурсот за основците од училиштето што го носи неговото име, како и традиционалната средба насловена „Прличева визита“ во родната куќа на Прличев.
Во рамки на чествувањата на охридската библиотека ќе и бидат предадени и примероци на „Автобиографијата“ на Прличев отпечатени во Брајово писмо за луѓето со пречки во видот.
По повод годишнината од упокојувањето на охридскиот преродбеник ќе се одржи уште и „Беседа за Прличев“ во неговата куќа, со обраќање на д-р Александра Ѓуркова и д-р Кристина Николовска, претседателката на Собранието на Друштвото на писатели на Македонија. Притоа ќе бидат прогласени и најдобрата беседа за 2023 година на тема „Прличев и
ние“, а ќе биде промовиран и аудио-записот, есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски.
Манифестациите по повод јубилејот ќе бидат заокружени со традиционалната свечена приредба на основното училиште во Охрид што го носи името на патронот Григор Прличев.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ е во организација на Општина Охрид, НУ Центар за култура „Григор Прличев“, НУБ „Григор Прличев“, ООУ „Григор Прличев“ и Друштвото на писатели на Македонија.
Публицитет.мк