Традиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2024 година, француски поет Жан Пјер Симеон, по традиција се одржа во црквата „Света Софија“ во Охрид. Претседателката на Управниот одбор, книжевната теоретичарка Елизабета Шелева, во својата беседа истакна дека при изборот на нов лауреат годинава сите едногласно се приклониле кон името на Жан Пјер Симеон.
На барање на пове читатели ја замоливме д-р Шелева да ни ја испрати во целост беседата и еве ја објавуваме во нашата рубрика ВО ПОТРАГА ПО ТРАЈНАТА УБАВИНА
Оваа година се соочивме со сериозна и одговорна задача, да одбереме лауреат на СВП од листата на предложени кандидати, а тој избор особено кога станува збор за автори и авторки, кои се мошне воедначени по својот квалитет никојпат не е, ниту бил лесен и едноставен. Непосредно по смртоносната ковид пандемија, во светот се случуваат две тековни војни и бројни жаришта на несигурност, кои имаат свое глобално влијание и тешки последици.
Отаде, е мошне важно: каква порака испраќаме со изборот на лауреатот – ние, во име на Струшките вечери на поезијата, како најстар (во континуитет) и меѓународно препознаен поетски фестивал. Самиот избор на лауреатот воедно е рефлектира и своевиден политички став – во најшироката и благородна смисла на овој, денес често злоупотребуван збор, „политика“. Со изборот на лауреат, ние, во истовреме, оддаваме и порака до светот, дека, на поезијата денес и’е потребна поинаква одежда и реторика, за таа одново да му се приближи и – не само да го освои, туку и да го лекува денешниот читател – со својата автентична по(етика)!
Очигледно е за почеток, дека во ова турбулентно и крајно непредвидливо време – сите сме суштински гладни, за автентична и нова, не само поетика, туку, и Етика, проткаена со нова смисла, нова надеж, нова верба, на којашто, треба да се потпреме, бидејќи, сето друго околу нас, буквално, е во атмосфера на распад, на негација, на обезвреднување, обесмислување, еден комплетен и конечен апсурдизам без преседан, што е, навистина, неразбирливо, бидејќи сме опкружени со еден неверојатен голем напредок во сите домени – во науката и во техниката . Никако да се смири или отстапи злокобниот Танатос, како нагон на смрт, на деструкција, на поништување на сѐ што е благородно, и сѐ што може да биде поинаку. Веројатно заради сето тоа при изборот на нов лауреат годинава – сите едногласно се приклонивме кон името на Жан Пјер Симеон…
Жан Пјер Симеон е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски подрачја. Тој e се’стран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист.
Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на Љубовта и Убавината. Во песните на Симеон од почетниот период одѕвонува една самосвојна дидактика на Љубовта – а која стреми и досега отаде (похотливата и голосетилна) еротика “на прва рака.“
Во овие песни кога се пее за љубовта, таа самата е доживеана како вид уметност, како маестрална вештина; виртуозност – во духот на прочуениот донжуански мит, особено влијателен во француската литература од XVII век и движењето на „либертинизмот“. Тоа во никој случај не е вулгарна, похотлива слика за љубовта како сиров нагон, туку еротика – чии главниоружја и адути имаат реторички и заводнички признак – низ јазичните игри, раскошните слики, елегантниот поетски стил.
2. Од друга страна, Симеон, негува своевиден естетизам (благородна доверба во моќта на зборот), кој останува до крај имун, резистентен кон денес, помодните искушенија на анти-естетизмот, како и кон владејачката поетика на грдото. Поетите денес се натпреваруваат кој од нив ќе биде пожесток, пошокантен, кој ќе каже нешто поскандалозно, по секоја цена да се соголи, да се „приземји“, себеси, јазикот и песната. Тоа е оној суров и сиров, безмалу натуралистички опис и глас, што го знаеме уште од времето на Ш. Бодлер. За разлика од тоа, Симеон и неговите песни, бегаат од се’присутната (и општа) приземност, која владее и со медиумите и со културата и уметноста. Симеон напротив тежнее и се залага да се сочува од (фаталното) сквернавење скапоценото достоинство на зборот и на песната.
Отаде, зборот и песната, за Симеон не се нешто што е блазирано, истрошено, депласирано. Неговиот естетизам моќно одекнува наспроти хорската врева на овој токсичен нихилизам – кој се препознава денес – во потребата да се обезвредни, да се исмее, да се понижи, да се деградира сѐ што вреди. Песните на Симеон се воедно и гласен отпор кон еден ‘профетизам’, кој цело време заговара крај на уметноста, крај на историјата, крај на поезијата, дека нема чуму да се пишуваат понатаму песни. Наместо тоа нихилистичко, или, есхатолошко побивање на книжевноста, Симеон, на програмски начин, ја брани надежта како наше право, а не само уточиште во кое веруваме.
Симеон ја брани утопијата, утописката проекција (како што своевремено ја нарекуваше Александар Флакер – главната вредност на авангардните поети) – бидејќи (минатото и) сегашноста не е сѐ што имаме – има уште и нешто повеќе, а тоа е иднината. Значи, не само пасатизмот, не минатото, туку – попрво иднината!!!
Симеон цврсто верува во иднината на човекот во прегратка со зборот. Зборот е тој, што треба и може да биде наш сојузник во потрагата по таа подобра иднина и обнова на вербата.
Во неговите песни, Симеон ретко или воопшто не зборува директно за Франција, туку опфаќа и се обраќа низ призмата на една универзална топика, каде што, песната е уточиште на последните вистини, градина на последните вистини. Наместо евтина реторика, или, пцост, која многу поети денес ја користат, Симеон тежнее кон витешка одбрана на достоинството на зборот и песната.
Отаде, не е чудно, што поетскиот дух на Симеон тежнее отаде она што Оскар Давичо го беше нарекол ,,роднокрајна географија”, или, ,,роднокрајна историја”. Тој има полна свест и емпатија за обесправените и унижените, за заборавените и намерно поттурнатите.
Поетот вели; ,,Ти го знаеш тоа Ласло, пријателе, ти, поетот на обезнародените предградија и твоето сино како небо, поетско писмо”. Во песната ,,Туѓинци” (посветена на Форест Гарднер и градот, крстен од немајкаде од имигрантите), лирскиот субјект вели: ,,Ти за мене не живееш во град со улици и автомобили, туку, живееш во едно име во кое место за тебе нема”.
Последниот дел од оваа фраза: ,,живееш во едно име, во кое место за тебе нема”, не само што е потресна, ами звучи и толку „палестински“. Поетот сака да каже – поголеме / поголема си и од името во кое живееш – и тоа може да се однесува на песната, може да се однесува на нацијата, може да се однесува на државата, може да се однесува на земјата, може да се однесува на културата, може да се однесува на секого од нас: ,,живееш во едно име, во кое за тебе место нема”.
Поезијата е всушност една исконска, вековна борба за место меѓу луѓето, односно, почит меѓу луѓето.
Во поетската синтакса на Симеон мислата е пејзаж, пејзажот е битен, како слика на мислата. Речит пример за тоа е следниот стих: ,,Меѓу Пешта и Будим трамваите ги сечат темните магли, како да го тетовираат небото со бројот на изгорени души”. Во него, лирскиот субјект маестрално ја врзува поетската слика на трамваите со сликата на кобните испарувања од Аушвиц и концентрационите логори на смртта воопшто.
Кај Симеон се забележува една занимлива поетска урбанографија, која лежерно прераснува во суптилен опис на поетот и неговата арс поетика: ,,Ти си создавач на сосема ретки реченици, што, освен кај тебе, никаде ги нема, тие реченици твои, кои одеднаш ѝ даваат пејзаж на мислата”.
За етичкиот императив и аскетскиот raison d`etre на поетот Симеон, на полнокрвен и афористички начин, сведочат следните стихови : ,,тој (поетот) се жртвува себеси со сѐ што има, а всушност ништо нема”. Со оваа ултимативна максима, Симеон како да стапува во филозофски дијалог со нашиот (струшки) лауреат Дарвиш, кој своевремено напиша: „Не поседувам ништо – за поседуван јас да не бидам“. Токму оваа трагична апологија на вон–поседовноста како поетски аксиом , токму овој револт кон материјалното како (капиталистички) императив, револт кон сето она, што нѐ заробува сите во своите пранги – е препознатлив белег за секој автентичен поет. Оти, поетот не е тркач по титули и награди, туку е аскет, посветеник и жрец (кој често знае да биде исмеван, но не успева трајно да остане замолчан).
Симеон порачува, дека: ,,Поетот не е непријател дури ниту на своите безбројни непријатели”. Отаде, поетот се претвора во инкаранција на христијанскиот принцип (и исусовска фигура): сврти го и другиот образ, не возвраќај на ударот, што, на многумина денес може да им се види чудно и парадоксално.
Симеон порачува: ,,Поетот не е непријател затоа што одбива да го јаде смртоносно горчливиот леб” – сакајќи со тоа да предупреди – дека кога поезијата ќе влезе и ќе го прифати тој отровен мегдан со омразата (парите, моќта, политиката), таа самата ќе биде губитникот, без разлика на сите можни надежи, што претходно би ги имала.
“Песната е живот што го издава својот костум и ја става својата рака во огнот” – вели Симеон, сакајќи да подвлече, дека песната е непоткуплива, кога го фрла „костумот“ (привидот), и ја става сопствената „рака“ во огнот – а тоа е можно – само доколку станува збор за вистинска (а не естрадна) поезија.
Симеон на друго место пишува: ,,Човекот сам се бара себеси во својата сопствена крв, како во сон од кој будење нема“. Симеон потсетува на маѓепсаниот круг на злото и општата човечка автодеструкција, што владее со луѓето денес.
Поетскиот светоглед и творечкиот регистар на Симеон е надополнет и со извонредна есеистичка дарба.
3. Симеон неодамна објави есеј, под наслов „Поезијата ќе го спаси светот“ (што опфаќа 80 страници текст) и набргу стана вирален низ Европа. Тој е проникнат со непобедливиот дух на утопизам, односно, хуманиот „екуменистички“ повик – сите заедно во светот – оној каков што ни преостана денес – да се осмелиме, наспроти се’, да веруваме во нешто, без при тоа да западнеме во сентиментален кич, или, бинарна (црно-бела) политичка логика – ами, просто – поради длабоката одговорност кон човекот и човештвото, поради наследството на хуманизмот и нашиот долг кон хуманото, а не само „транс-хуманото“ (за кое денес светот помодарски се закачи и се’ почесто се повикува).
Отаде може да се заклучи и тоа, дека третиот клучен принцип на неговата поетика е хуманизмот (односно, екуменизмот – како дух на се’општо помирување и насушна обнова на солидарноста и братството ширум светот).
Универзалниот дух и космополитски акцент што ја проникнува неговата песна е суштински признак, неразделен од светогледот и поетската етика на Симеон – затоа и неговите пораки – ги доживуваме како одамна очекувана утеха, скапоцен иљач и нова верба во Зборот.
За поет каков што е Симеон, Песната е Бастион и уточиште на последните наслади и вистини (наместоевтина Пцост за пресметано изнудување на допадливост и/ли лајковност)!
Тој смело застанува во одбрана на Песната пред агресивниот налет на баналноста што отсекаде и на штрек демне. Оти песната е пред се’ Паметник и потсетник на Убавината, возвишеноста, човечкото достоинство.
Песната е кохерентна со правото на убавина како и неприкосновеноста на поетскиот занес!
Оти без тој насушно потребен и витално значаен Занес – што би биле сите Ние, освен очајни минувачи низ секојдневието или историјата; што би биле ниебез тој занес – освен живи мртовци и доживотни “на голата реалност” Осуденици…
*
Своевремено, Милан Ѓурчинов порача – дека, книжевноста, поезијата, мора да ја прегрне својата епоха, за да биде модерна (а, според самата етимологија на зборот „модерен“, тоа значи) – поезијата да биде на достојно рамниште, кое им парира на горечките дилеми на актуелната епоха!
Поезијата на Симеон е вистинска потврда и речит пример за модерноста во најубавата смисла на тој збор.
*
Свеченото прогласување на новиот лауреат на СВП се совпаѓа со Месецот на франкофонијата, како меѓународен и безначаен настан.
Франкофонската димензија е особено значајна, не само за развојот, ами и за пошироката европска афирмација на модерната македонска литература – знаејќи за ноторниот факт, дека првата европска култура и поезија, и книжевност, која ѝ понудила подиум, односно несебична поддршка за афирмација на модерната македонска книжевност и ликовна уметност, била токму француската. Факт е дека, кај нашите повозрасни генерации писатели, преовладуваше франкофонскиот момент – и така остана се’ до 90-тите години.
Нашите постари и еминетни поети, критичари, нашите драги и почитувани професори – зборувам за генерацијата на Матеја Матевски, на Милан Ѓурчинов, на Влада Урошевиќ, Атанас Вангелов, Ката Ќулафкова, Лилјана Дирјан – своите први претставувања во периодиката (вклучително и публикувањето Антологии, тематски прилози и броеви), ги имале токму во француската културна средина. Франција, е позната по својата широкоградост и космополитска се’опфатност, и уште во тоа време, искажала голема доверба и поддршка, објавувајќи на француски јазик редица наши автори.
Отаде, изборот на Симеон како лауреат на СВП’ 2024 – покрај другото – би можел да се вреднува и како скромен гест на благодарност и поддршка кон благородниот дух на франкофонијата.
проф. д-р Елизабета Шелева, претседтел на УО на Струшки вечери на поезијата