Нашиот Охрид е град – Галерија. Од стариот Лихнидос до денеска секоја педа земја во себе крие минато. Секој агол секоја куќа, посебно овде во Варош и на овој Рид си има своја приказна и историја.
Но Охрид и Езерото биле, се’ и ќе бидат вечна инспирација за сите уметници а посебно за сликарите. Тие на своите платна, фигури и скулптури во разни техники го заробиле мигот и го претвориле во вечност. Понекогаш и несвесни дека создаваат колективна меморија на еден град кому луѓето му подариле безброј епитети.
Убаво некој рекол ако не можеш нешто да опишеш со збор, стори го тоа со слика. Но, што, кога ќе дојде време и токму тие уметниците ќе побараат од Вас за нивната уметност и креативност да се изразите со збор?
Немаш каде, освем да се обидеш да „копаш“ под нивните бои и совршено – несовршени ликовни приказни. Да откриваш слоеви од понекогаш тешко дофатливо рацио и да создаваш нова приказна во случајов за четворица, исклучително талентирани уметници – сликари на кои заедничка судбина им е Охрид. Инспирација, локација, место на кое секогаш му се враќаат или од тука заминуваат по белиот свет, тие а и нивните дела. А уметноста не познава граници.
Мајкл Клос, охридски зет- канадски уметник со македонски корени. Роден е 1954 во Торонто. Интересна линија се провлекува низ неговото сликарство. Црта ликови. На прв поглед тие се универзални ликови со обоени геометриски форми кои делуваат апстрактно, но во себе со скриени мотиви од фолклорот. Клос, најчесто се изразува преку техниката акрил на платно. Тој се занимава и со сценографија за филм, театар и телевизија. Со децении наназад заедно со својата животна сопатничка Менка се во постојана мисија ширејќи ја „Вистината за Македонија“. Зад нив се околу 150 изложби на сите континенти. Патуваат и нивните слики зборуваат со универзалниот јазик на уметноста.
Демир Демироски – Мак. Роден е во Охрид во 1954 година, а живее во Германија. Завршил студии за графички дизајн и илустрации. Работи како вонреден учител по уметност во стручен колеџ и во средни училишта. Има статус на слободен уметник и во сопствената галерија ги изложува и неговите уметнички варијации изработени во техниката акрил на платно. Сликите се инспирирани од подводниот свет на Охридското Езеро и неговата околина. Техниката е нова и не може да се подведе кон ниту еден правец во уметноста. Скоро во секоја слика има повеќе од 10 000 мали кругови кои создаваат длабочина а која гледачите можат да ја осетат. Демир, живее и твори со надеж дека сепак уметноста еден ден ќе го промени светот…
д-р Наташа Попоска – Карче е родена во 1972 г. во Охрид. Таа е стоматолог а своите уметнички пориви започнува активно да ги „скротува“ на платно од 2013 година. Попоска – Карче и во сликањето се води според сопствените емоции. Омилена техника и е масло на платно. Таа е реалист и се труди на сликите во својот уметнички занес да го наслика ретко дофатливото, особено во пејзажите. Наташа ќе рече: Да можев да им свртам грб на моите мисли, не би биле создадени овие дела. Кај секој уметник, особено кај Наташа видливо е каде затреперило срцето,а каде раката. Зад себе има неколку самостојни изложби учества на ликовни колонии во и надвор од земјава. Вроденото естетско око и чувство доаѓа до израз и во нејзиното сликарство.
Ѓоко Симјаноски, роден е во 1947 година во Скопје. Тој е електро инженер, зад себе има речиси пет децениски ангажман како радио и ТВ водител на емисии сврзани со филмот и музиката. Живее во Охрид и најчесто слика со сув пастел на хартија. Паралелно фотографира и слика. Социјалните мрежи ги користи да го дофати денот и да го обои со фото порака. На тој начин тој ја обновува својата уметничка енергија и се поврзува со пулсот на градот. Симјаноски зад себе има неколку самостојни и повеќе групни изложби во земјава и надвор од неа. Тој е дел од постојаниот тим на Меѓународната ликовна колонија во Трпејца.
Мозаикот од овој мал ликовен омнибус изгледа вака: Ѓоко е пријател со Мајкл и Менче ( историчар на уметност ), Мајкл и Демир се родени во иста година. Демир е пријател со Ѓоко а тој и со Наташа Попоска – Карче. Охрид е мал град сите сме поврзани а за моите приказни со секој одделно треба многу простор.
Ќе се обидам накусо да ве внесам во нивните уметничко – пријателски врски.
Заеднички пријател им беше прерано починатиот сестран уметник д-р Драган Спасески – Охридски. Сите биле и се длабоко поврзани со него и неговата бескрајна уметничка душа. Средбите често им резултирале со филозофски мисли, но и многу едноставност.
Четворицата уметници изложбата ја организираат токму во сеќавање на познатиот доктор и уметник Спасески Охридски со кого ги поврзува почетокот на уметничките кариери од 1985-тата година. Тогаш сопругата на уметникот Мајкл Клос, Менка, во Домот на култура во Охрид организирала изложба за аматери сликари. На таа изложба Спасески Охридски, Демироски и Симјаноски за прв пат се претставиле пред охридската јавност со свои дела. Точно пред 39 години
А д-р Наташа Попоска Карче својата ликовна кариера ја започна во 2013 година и тоа под менторство, на Драган Спасески Охридски. Тој ги отвори сите нејзини три изложби кои следуваа.
На изложбата „Ех, моја Македонија” овде пред на се изложени 40-тина дела во различни техники: масло на платно, акрил, сув пастел и скулптури.

Драган Спасески Охридски по професија беше доктор – ортопедски хирург. Ние, охриѓани го паметиме како исклучително вреден, коректен и уметнички надарен со безброј таленти.
Галеријата „Резонанса“ беше дел од неговиот семеен дом. Во неа најчесто ги изложуваше своите дела а со поезија и сликарство освен во Охрид и Македонија се претставил во САД, Германија, Србија, Црна Гора. Паралелно со книгите и сликарството создаваше мултимедијални проекти, а работеше и дизајн.
Тој е автор на стихозбирките:„Апокалиптичен нарцис“ (поезија, 1989), промовирана една ваква августовска ноќ токму на најгорниот кат во резбаната одаја на Робевци. Тогаш почнаа моите поинтензивни дружби со него.
Следеа „Сè трепери“ (поезија, 1996),Три точки – хаику ( 2008 ) „Погледни во себе“ ( 2004). Во 2012 година Спасески објави пет книги поезија со по 100 песни, по повод 50-годишнината од раѓањето. Имав чест јас да ги лекторирам овие дела.
Сите проекти беа мултимедијални. Се промовираа книги поезија со насловите на проектите и истовремено ликовни дела, некогаш масла на платна или компјутерска графика од циклусот „Охридските ангели“.
Во 2015 година излезе луксузна монографија „Охридска Мадона“ која содржи избор од уникатни сликарски дела и поезија создавани во текот на неговиот богат 25-годишен творечки живот.
Оваа вечерашна симбиоза од бои и слики, мотиви, носталгија и пориви на купче ги собира естетските и уметнички вредности на четворицата уметници кои решија под ѕвезденото небо да изложат дел од своето творештво.
Оваа изложба е и по нешто друго уникатна а ние присутните сме почестени што сме меѓу поканетите бидејќи сликите во овој прекрасен култен простор – Лапидариумот ќе се изложени само оваа ноќ.
Синтагмата „Ех, моја Македонија“ секој може да ја доживее различно. Како болка, очај, радост, љубов и надеж.
Што можевме, од каде тргнавме, што направивме, каде стигнавме и што би требало да направиме во иднина?
Наташа, Демир, Мајкл и Ѓоко. Нека ви честита изложбата и дружбата. Нека ви се множат заедничките проекти и засебните успеси.
Охрид, 7 август, 2024 г.
м-р Милчо Јованоски, новинар и публицист
Публицитет.мк