Само триесет проценти од вкупниот број капалишта на охридското крајбрежје и ова лето ќе имаат спасители на вода каде што капачите ќе бидат безбедни. На останатите плажи љубителите на спортот и рекреацијата на вода ќе бидат препуштени самите на себе...
На 34 поголеми капалишта на охридското крајбрежје лани биле ангажирани само 20-тина спасители на вода, така се очекува да биде и годинава. Ако се земат предвид и оние помалите процентот на безбедни плажи е околу 30 проценти. Според експертите, но и граѓаните на Охрид тоа е премалку и може негативно влијае врз имиџот на Охрид како туристичка дестинација, бидејќи за современите туристи на прво место каде и да одат е нивната безбедност.
„Не се безбедни, не се. Треба да има спасители, треба да има чувари“.
„На сите плажи треба да има спасители за да се грижат за безбедноста на капачите“.
„Некој ќе дојде од Скопје, било од каде од Република Македонија или однадвор, не знае да плива. Треба спасувачи обврзно да има на секоја плажа“.
Колку е голема улогата на спасителите говори податокот од минатата година кога тие имаа 14 интервенции при што беа извлечени 10 активни и 4 пасивни давеници.
„Спасувањето на вода не само овде, туку насекаде во светот се образложува со факти. Ние можам да кажам од 2005 година кога почнавме организирано да вршиме ваква дејност, вакви услуги, ние не сме имале ниту еден фатален случај на давеник во обележан дел каде што делува спасителот на вода“, вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.
Плажите кои немаат концесионери и годинава ќе бидат најслабата алка, кога станува збор за безбедноста на капачите. Поради тоа, на нив треба да се постават табли дека граѓаните се капат на своја одговорност.
Извор: Сашо Нелоски, МРТ
Публицитет.мк