• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
петок, август 15, 2025
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Насте Толески oд Пештани – рибар на две езера

август 11, 2025
in Во потрага по трајната убавина
Насте Толески oд Пештани  – рибар на две езера

     Охридско Езеро-вистинска симфонија на смиреност,природна убавина и културна длабочина. Опкружено од сите страни со планини ова езеро опива со својата извонредна убавина оставајќи силен впечаток пред се поради бојата која од изгревот па се до залезот на сонцето постојано се менува.

Дел од крајбрежјето на ова езеро е и нашето село Пештани сместено во подножјето на прекрасната Галичица на 10 км јужно од градот Охрид. Тоа е едно од најубавите села во охридскиот крај, а веројатно и во Македонија заради неговата положба на брегот на Охридското Езеро и природата што го опкружува.

    Езерото е животот и основната егзистенција на Пештанци. Риболовот бил главно занимање за нив и токму поради рибарењето тие уште од дамнина ја одбрале својата локација за живеење, веднаш крај брегот на езерото. Речиси немало домаќинство кое не располага со рибарски прибор и кајче. Во рибарењето било вклучено речиси целото семејство. Мажите вршеле потешки работи,додека жените и децата биле ангажирани околу плетењето и крпењето на мрежите. Нема да ги набројувам луѓето, а ги има многу,  кои професионално се занимавале со рибарство во минатото, туку акцентот ќе го ставам  на животната сторија на еден човек-рибар по професија, рибар на двете езера и на Охридското Езеро и на Преспанското- Насте Толески познат по неговиот прекар Буга.

  Судбината посакала овој човек својот работен век како рибар да го помине покрај водите на Преспанското Езеро. Всушност, чичко Насте или мајстор Насте како што го викале останатите рибари од бригадата бил омилен како личност. Но, да се вратам малку назад. Познато е дека во Пештани се практикувал специфичен начин на ловење на рибата со прочуениот пештански чун, кој денес останал длабоко во историјата на ова село и може да се види само на старите фотографии. Пештанскиот влак бил најстариот начин на ловење на пастрмката. Всушност, тоа е најголемата мрежа.долга околу 50 метри и исто толку висока. Влакот има испуштен џеб на средината-КАЦУЉ, со поситна мрежа каде што се собира рибата. ОКЦАТА на влакот обично се со големина од 20-60 милиметри. На долниот дел влакот е изврзан со камења кои се редат на далечина од два сажни со цел да пропаѓа мрежата. На горниот дел, со цел мрежата да плива на површината се ставале ситки или мантари. На горниот дел мрежата е врзана со фортоми ( локално : фртоми)  чии краеви се наоѓале на брегот на езерото за влечење на влакот. Ловот се одвивал со два чуна кои ги опслужувале 10 рибари-една бригада. На брегот се наоѓале тргачите на фртомите кои помагале кога ќе се кревал влакот. Во собирањето односно, кревањето на валакот учествувале и двата  чуна кои постепено се приближувале, влакот се собирал а, рибите бегале кон средината и се собирале во кацуљот.

  Е, токму овој начин на ловење риби чичко Насте мошне умешно го применил со својата бригада на Преспанското Езеро. Прво работел во селото Наколец,  Долна Преспа и таму меѓу селаните бил познат како човек што умеел да лови многу крап. Потоа дошол во Сирхан каде ја дочекал својата пензија. Тој бил човек кој целиот свој живот го посветил на рибарењето-човек на двете езера што ги дели Галичица. Тој решил дека се што умее и знае несебично ќе го подели со рибарите од Преспанското Езеро. Тој не само што бил раководител на влакот-тој бил силно карактерен и духовит човек, дисциплиниран во работата и доколку сите би биле како него тогаш и не би бил потребен надзор од другите луѓе.

   Езерото секојдневно носи изненадувања.Навидум мирно, но за час го менува наравот и се појавуваат силни ветрови кои носат се пред себе. А, рибарите не би биле тоа ако не ги знаат неговите тајни. Добро го познавале езерото и ги знаеле местата богати со риби. Според одредени природни појави знаеле и какво ќе биде времето од што зависел ловот. Доколку имало тенка темна линија над езерото, тоа било знак дека ќе има бранови, кои ќе се појавеле за 10-15 минути. Па така и чичко Насте се сеќавал на црното небо кое предупредувало дека не треба да влезат во вода и за моментите кога влакот, неуморните рибарски раце морало да го влечат иако фаќале подноктици од замрнатото јаже.

   Бил горд татко на тројца синови: Ладе, Никола и Ѓоре. И иако таму, во неговото родно Пештани имал 3 куќи, тој живеел со најмалиот син кој бил во странство, всушност и останатите двајца биле во странство трагајќи по парче леб за своите семејства. Гордо кажувал дека сите го почитувале, дури како што ќе рече тој :,,Toj шо е со мене не можит да мрднит. Јас шо ќе речам то ќе бидит, а и друзите. Никој не ми расипвит ќејф’’, сакајќи да докаже колку впрочем е почитуван од неговата фамилија иако е оддалечен од нив низа години. Си одел дома на секои месец, месец и половина, се разбира, откако ке добиел дозвола и од Управата  и од другарите од бригадата. Живеел во обична трошна собичка заедно со неговиот најдобар другар-транзисторот кој и му пеел и му зборувал. Бил вљубеник во убавата македонска народна музика, па слушајќи ја и потпевнувајќи ја заборавал на сите маки истовремено растерувајќи ја осаменоста. А, пак таа,собичката : мала со еден железен кревет, една мала масичка на која бил поставен транзисторот, ѕидови на кои виселе некакви суви растенија-билки и секако мрежите како неизоставен дел од неговиот живот, била полна со живот со душа, со топлина. Всушност , таков бил и чичко Насте- раководител на бригадата кој ги води рибарите со својот личен пример.  Уловот ги радувал сите.  Но и покрај богатството со риба во езерото, не секогаш им се насмевнувала среќата на рибарите. И тогаш последниот рибар извикувал : ,,Утре, утре ќе имаме поголема среќа!’’ Тоа вечно утре ги влече рибарите, а тие биле мошне скромни и барале толку колку за да ги прехранат своите семејства.  Од мугрите тргнувале и по дожд, и по студ, и по бура за да се пријават на работното место.  А, чичко Насте секој ден ги чекал крај езерото. Тој бил тука постојано и му се радувал на новиот ден кој можеби ќе бил подобар од вчерашниот и ке му донесел некој динар повеќе од претходниот. Влечењето на влакот била макотрпна работа, но тие, рибарите биле судбински поврзани со рибарењето, а тоа не било можно без влакот. А,влакот ја крие најголемата неизвесност се дури мрежата не се доближи до брегот. Насте му давал ритам на влечењето. Тој го најавувал почетокот,а потоа по веќе установениот пат продолжувала работата. Оваа секојдневна борба за чичко Насте траела скоро 40 години. Големото јато риби кое ќе налета во мрежата било неизмерна радост за рибарите. Борбата за риби, а преку неа и за пари ги терала овие луѓе да не се откажуваат од надежта за добар лов.Разиграните риби,тогаш несомнено ги топлеле рибарските срца. На лицата на овие луѓе се гледала измаченост. Сите изгледале значително постари отколку што биле. А како не би биле такви кога независно од временските прилики тие биле секојдневно на езерската шир. Во вакви прилики мошне било слатко јадењето, а се јадело каде ќе се стигне и кога ќе се стигне.

     Водата има чудна привлечна моќ та го опседнала Настета и тој иако е пештанец сепак со месеци не одел дома :,, Езерото не ми дава да одам’’-се правдал тој, а кога се правдал го повишувал тонот за да биде поуверлив. Тоа било негова нарав-добро позната меѓу другарите кои со години работеле со него.

Задоволството е големо кога ќе се чујат убави зборови за чичко Насте како долгогодишен рибар и на Охридското и на Преспанското Езеро. Па така, неговиот работен колектив му пружил најсвечен чин при пензионирањето со одредено признание за неговиот вложен труд што секако останало како еден драг спомен во неговото претпријатие за чичко Насте или мајстор Насте, мајстор на влакот што нераскинливо го врзало за двете езера.

Текстот е наменски пишуван за Културното лето – Пештани 2025

Пишува:

Бети Лазеска – Симоноска

Публицитет.мк

Посетеност: 390
Share
Previous Post

Верувале или не – во Охрид се одржа средба на генерација ученици кои заедно учеле од I до IV одделение

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 390

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk