Охридската бродска флота од наредната година ќе биде збогатена со нов, модерен брод. Тоа ќе биде патнички пловен објект со досега најголем габарит, со кој ќе можат да се превезуваат двеста и педесет патници. Најголем проблем за овој брод ќе биде приемот и истоварувањето на патниците, бидејќи пристаништата на Охридското Езеро се стари и небезбедни.
Привршува изработката на челичната конструкција на најголемиот патнички брод што некогаш се градел во Охрид, со должина од 32 метри и тежина од околу 100 тони. Се очекува тој да биде модерен пловен објект, изграден по светски стандарди, безбеден и стабилен во сите услови, бидејќи лежи на два трупа. Со него ќе можат да се превезуваат 250 патници, а невообичаената конструкција ќе овозможи и побрза пловидба.
„Проектот е на еден инженер, Александар Ѓорѓевиќ од Белград, меѓутоа под надзор на „Биро Веритас“, француска компанија којашто го има одобрено тој проект и којашто го контролира тој проект во текот на изградбата“, изјави Зоран Гилевски, капетан на брод.
Наредната година се очекува во водите на Охридското Езеро да заплови најголемиот и најмодерниот брод кој се гради веќе 5 години. Според сопствениците најголем проблем ќе биде закотвувањето на пристаништата кои се стари 100 години.
„Ќе го сидриме овој вака најголемиот брод затоа што охридското пристаниште е небезбедно за овој габарит на бродови. Ако државата, Република Македонија реши да инвестира во туризмот без пристаништа, дали во Охрид, дали во Свети Наум, дали во Струга, значи нема шанси да одиме во развој“, дополни Гилевски.
Охридските бродари се охрабрени по најавите од министерството за транспорт и врски дека ќе се решава проблемот со дотраените и со мал капацитет пристаништа, бидејќи бродовите во текот на летото често се засидрени еден до друг и патниците при прием и истовар мора да се префрлаат од еден на друг брод што е најризично за повозрасните патници.
Извор: www.mrt.com.mk
Новинар: Сашо Нелоски
Публицитет.мк