Надалеку прочуената гастрономијата на Охрид: охридско ѓомлезе, комат, питулици, макало.., но и гастрономската традиција на нашата земја, локалните производители, чувари на традицијата.., ви закажуваат состанок, оваа сабота, 27 јули во 19 часот.
Имено, Слоу фуд Охрид по третпат го организира настанот „Вкусете го Охрид – локално“, сидрото е на атрактивната локација на Плоштадот кај Долна Порта, и, сите се добредојдени.
Организаторот советува да не го пропуштате овој интересен разновиден пазар: ќе се потсетите на изворниот вкус на охридски и македонски специјалитети приготвени на традиционален начин, ќе слушнете како што настанало и ќе уживате во добра музика.
Слоу Фуд Охрид е дел од Слоу Фуд Македонија и поради извонредната местоположба и преку своите уникатни приказни е надоен со искрена љубов кон традицијата, почитување на природниот биодиверзитет и локален идентитет. Та, нели сме ние она што го јадеме?!
Настанот во сабота е можност да ја промовираме храната што генетски ја препознаваме, да ги измериме капацитетите на “бавна” храна наспроти трендот на брза и неквалитетна храна.
Слоу Фуд посакува свет во кој сите луѓе ќе можат да уживаат во храна која е добра за нив, за производителите и за конзументите.
Пристапот се заснова на концептот за храна што е дефиниран со три меѓусебно поврзани принципи: добра, чиста и правична.
Настанот „Вкусете го Охрид, локално“ е организиран од Слоу Фуд Охрид со поддршка на Општина Охрид и „Слоу Фуд Македонија“ .
Охрид повикува: ве очекуваме во сабота, 27 јули на Плоштадот Долна порта од 19 часот.
Публицитет.мк