Со тетка Фросе Маленковa често се сретнувавме на Градските гробишта во Охрид ,таа крај вечното почивалиште од својот сопруг, писателот Димче Маленко, јас кај моите родители. Тагата по најблиските како да не зближи повеќе од долгогодишното познанство и пријателство како блиски соседи. Куќите една над друга, спомениците еден во близина на друг. При една таква средба, на мое пријатно изненадување, тетка Фросе ми даде исечок од весник, грижливо свиткан во друго парче хартија за да не се оштети. Бев љубопитна и веднаш почнав да читам:
“ ПРЛИЧЕВО РАНО ДЕТСТВО”
-На поетот Прличев кој на 6 февруари 1893 година ги склопи своите очи
(Димче Маленко)”
Тажното лице на мојата драга сосетка го прекри една топла насмевка и таа почна да ми објаснува дека во личната архива на својот покоен сопруг, писателот Димче Маленко( 1919-1990) , го пронашла и овој исечок од весник од пред многу години и бидејќи во него било спомнато и презимето на моето семејство, решила мене да ми го поклони. Топло се заблагодарив за овој необично вреден дар и посакав веднаш да го прочитам:
“У КАРАДИМЧЕТА (позната стара фамилија во Охрид) имале првиче. Марија од Ѓока (Марија Ѓокова во Автобиографијата), мајка му на Глигор Прличета, била земена токму од таа видна градска куќа само малку поопадната. Поканета на првичето како тетка, таткина сестра (вујченана), облечена, променета во ново, во невестинско, натокмена , накоконтена, приќно како за на гости, децата ги оставила сами дома да ја чуваат куќата, некој да не влезе, или некој да не ја побара та да не ја најде дома во својата задомија каде што беше вдомена или да не ја преклучи некој вратата.”
Се нижат пред мене прекрасни епитети, подзаборавени народни зборови со кои раскажувачот мајсторски ја насликал Прличевата мајка Марија. Читам понатаму :
“ Кога по некое време, ѝ се искрадил ваму кај што била у Карадимчевци на првиче, по бавчите, летна доба било, ноќна месечина светела како ден, Глигорче по гаштиња. Штом го видела мајка му Глигора, исправен дури ваму сам дојден, станат, само дете од спање од постела по гаштиња со опаш од кошулката од поднив од заднив запашана со елече и со петлици недозакопчани кој го задеваат и си играат правејќи си ќеф гостите,не само што не му се вреќнала, туку уште со смеење го пречекала и го прегушнала со зборовите:
“Маже мое, мојот ми јунак, мојот ми син, мојот домаќин на мајка и ти ми си дошол на првиче; ќе ми си доносник ти мене; јас знам штом ќе пораснеш, станеш голем маж, добиеш крилја за да леташ по светот!…””
Уметничкото перо на авторот опишува настан од раното детство на нашиот познат и признат сограѓанин, Григор Ставре Прличев . При тоа, многу умешно го користи и стилoт и богатиот израз на Вториот Хомер:
“Овој “златпрстен”на мајка останал зинат од чудо како вџашен зашто “подарен од бога”, кога одвечер виеше да го земе мајка му со себе на првичето, мајка му му рекла: ” Таму те кажуваат. Уште ти си таму кусо.” Роден во најтешко време, најскудно, најскаредно, кога освен сиромаштија и немаштија немало ништо друго да се јаде и да се жвака во расталото освен сув леб на сув камен да се роди за да го приима и да го придаде господ во земјата намаченија за вдомија и за задомија жална и плачна за маки родена Македонија за што луѓето немаа и леб и заби да јадат освен сами месата да си ги изедат што се рекло, туку одеа напуштајќи го домот по светот и пак остануваа јунаци што се враќаат во светата земја што ги тргаше и ги благословуваше со род и пород, име, корен и спомен, зар му се присакало да дојде на првиче, била желбата посилна да види и да излиже прстенца од богатите јадења отколку дадениот збор дека нема да дојде, како посилно од се на светот го привлекло првичето ко со магнет.”
Очигледно,писателот Маленко одлично ги познавал приликите во Македонија во периодот на Прличевото детство, односно во првата половина на XIX век. Неговиот творечки талент му овозможил со малку зборови, концизно и јасно да го претстави тоа време-невреме, кога народот страдал за корка леб. Ретки биле приликите кога поимашливите приредувале гозби, слави,првичиња и слично. Мајката Марија, опишана во“Автобиографијата” како вредна и совесна мајка, не сакала да ја пропушти прославата кај роднините, но децата не ги зела со себе зошто сигурно немале соодветна руба за таа прилика, “за чесно”, што би се рекло. Но, кога го видела своето дете, од Бога надарено и со љубопитност, достоинствено го прифатила :
““Ич не ми е гајле и ниту на ум не си го клавам-рекла мајка му Марија Ѓокова и останала жива-не е ни крадено ни мамено детево. Не ќе го продадам некому. – На тие тука што биле до неа им кажала да знаат: – Децата е најважно добро да учат, зошто учењето е најголемото богатство, а мене слава богу Глигор мошне убо ми учи книга. Ќе му дојде времето и ќе му предојде, прекудојде на Глигора мој кога ќе се облекува и ќе се променува неизмерно“.”
Крајот на расказот ги потенцира возвишените чувства кон Прличевата мајка што во Охрид се пренесуваат од колено на колено:
“Споменот ја чува како многу умна жена во Охрид. Нејзе ѝ се препишуваат зборовите:” За дете арам се рутиштата-алал е кршенкатa !“
Времето минува. Доаѓаат нови генерации на кои треба да им оставиме во наследство дел од традицијата, историјата, менталитетот. Писателот Димче Маленко и со овој свој расказ, објавен во дневен весник во далечната 1966година тоа многу успешно го направил.
Со достојна почит кон лауреатот Прличев и кон писателот Димче Маленко .
Виолета Карадимче Јанева , со согласност на семејството на писателот Димче Маленко
Публицитет.мк