Синоќа во Охрид по кратко боледување, во 66-та година од животот почина познатиот новинар Симон Илиевски. Оваа вест болно одекна меѓу нас новинарите, неговите колеги од медиумите, општината, другарите и пријателите. Беше добар колега, вреден новинар… Нека почива во мир.
Илиевски завршил Интердисциплинарни студии по новинарсво на Правниот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, запишал но не ги довршил постдипломските студии на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград.
Со новинарство се занимава од средношколските денови пишувајќи за Студентски збор,учествува во подготовката на младинската емисија на Радио Охрид и три години пишува и е член на редакцискиот одбор на Јужен бран, списание на гимназијата Св.Климент Охридски .Од 1976 е дел од редакцијата на Студентски збор, како соработник,а подоцна уредник на актуелно-политичката рубрика.Од 1978 година, како професионален новинар е член на Здружението на новинарите на Македонија и Здружението на новинарите на Југославија.
Покрај во „Студенски збор“ работи на проекти на Македонската радио телевизија, пишува за белградски Студент, загребски Студентски лист, словенечките Трибуна и Катедра, а бил дописник на радиото Београд 202 и весникот Младост. Во 1984 година се вработува во Радио Охрид како новинар, потоа бил уредник и главен и одговорен уредник. Во тој период соработува со Македонското радио, Студио Б, текстови објавува во Борба,Политика, НИН,повремено пишува за агенцијата Танјуг, и се јавува за култните емисии Зелени мегахерц и Програм у боји.
Од 1998 година беше постојан дописник од Охрид за Утрински весник и телевизијата Канал 5,работеше и за локалните телевизија ТВМ и АТВ, соосновач е на КАТ продукцијата и Агенцијата за односи со јавност ТИМ 21.Во 2010 година ја напушта новинарската професија, во 2011 година се вработи во општина Охрид во ресорот за односи со јавност од каде замина во пензија , иако новинарите никогаш не заминуваат во пензија. Слава му!
Публицитет.мк