-Промоција на Охрид, спортовите на вода и заштита на животната средина е целта на првиот Фестивал на водени спортови „Ohrid water festival“ кој од утре до 27 август ќе се одржи во Охрид.
Фестивалот ќе понуди богата спортска и социјално-едукативна програма, која вклучува низа интересни и забавни содржини кои ќе го привлечат вниманието на публиката.
Во рамки на спортскиот дел предвидени се 17 мастани, меѓу кои и Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 26 август. Две третини од спортовите на фестивалот се олимписки дисциплини.
Во рамки на фестивалот ќе се одржат и веслачка, кајакарска и едриличарска регата, трка со кајчиња, водени лудории, подводни активности, пливачки митинг, СУП трка и јога, акватлон, триатлон, водени лудории, трка на 5 и 10км на отворено, а преку изложби и социјални настани ќе бидат презентирани спортовите на вода, но и гастрономската и културната понуда на Охрид.
Во рамки на фестивалот на 23 август ќе се одржи панел дискусија на која покрај за спорот, ќе се говори за заштитата на животната средина и промоцијата на туризмот преку одржлив развој.
Фестивалот завршува на 27-ми август со второто издание на акватлонот на Охридското Езеро, регата со традиционални охридски кајчиња и концерт на Камерниот битолски оркестар „Рок Симфонија“.
Публицитет.мк