Млади виолинисти што ја носат иднината на музиката Во пресрет на 11. издание на Виолин фест – фестивал посветен на класичната музика и развојот на младите гудачи – на 12 мај во Офицерскиот дом во Битола се одржа концерт на кој настапија ученици од музичките училишта од Битола, Прилеп и Охрид.
Фестивалот е под уметничко и организациско раководство на познатиот македонски виолинист Владимир Костов, роден во Битола, кој веќе единаесет години стои зад оваа визија – да се создаде платформа што ги открива, поттикнува и поврзува младите виолинисти од Македонија и од светот. Концертот во Битола беше емотивен омаж на младоста и уметноста – со изведби полни со страст, дисциплина и љубов кон музиката.

Публиката имаше ретка можност да ужива во чистата енергија на млади музичари кои со својата искреност и храброст ја претставија виолината во нејзината најавтентична форма. Претходно, во просториите на Државното музичко училиште – Битола, се одржа и јавен час, на кој учениците имаа можност да работат директно со Владимир Костов и да добијат вредни насоки и мотивација од врвен уметник и педагог.

Во охридскиот музички тим беа: Бисера Радеска и Антица Николоска класа проф. Мухамед Бајрам, Михаил Тотески и Евгенија Апостолова класа проф. Кирил Белистојаноски,Теодора Секулоска и Дарија Николоска класа професор Христина Николеска-Пецакова, Ана Јосифоска и Димитар Јанкуловски класа проф. Елица Рашкова.

Посебна благодарност до наставниците и менторите од: • Државното музичко училиште – Битола • ООМУ „Методи Патче“ – Охрид • Музичко училиште – Прилеп како и до пијанистката Доминика Робе Поповска, која со својата корепетиција создаде музички баланс и поддршка на секој настап на младите виолинисти.

Главниот фестивалски концерт на Виолин фест 2025 ќе се одржи на 9 јуни во Камерната сала на Филхармонијата во Скопје, каде повторно ќе се слави звукот на виолината. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, велат организаторите.
Фотографии: Емилија Трајковска
Публицитет.мк