Специјално од Нишвил
Валентина Ѓоргиевска Парго
На затворањето на овогодишниот фестивал „Нишвил“, 13- 16 август, главната сцена беше препуштена на нишката група “Далтони”, некогашни “нишки Битлси”, која се смета за пионер во урбаната поп рок култура.
Оттука и не беше чудно што немаше игла каде да се фрли, преполн концерт на групата, која настапи точно по 55 години по официјалното прекинување со работа, некогаш.
За среќа тоа не било крајот, повремено повторно се составувале и свиреле. Оригиналната постава ја сочинувале Жарко Станковиќ, Бранислав Цветковиќ (бас), Ристо Трајковиќ (гитара) и Мика Палигориќ (тапани). Подоцна во неа се приклучиле Гоце Николовски и Раде Радивојевиќ.
Со господинот Радивојевиќ, се прошетавме низ тие нивни времиња.
Живи Легенди на југословенскиот рокенрол!
Господинот Раде Радивојевиќ е со огромна кариера на композитор, аранжер, продуцент, инструменталист, автор на музика за телевизија, филм, театар и радио. Неговиот авторски опус опфаќа повеќе од 700 дела и 300 носачи на звук и радио-снимки. Добитник е и на бројни признанија, награден и со признанието „Дарко Краљиќ“ за животно дело во популарната музика.

Роден во Врање, а Музичката академија ја завршил во Белград во 1974 година.
*Господин Радивојевиќ, Вашиот настап на завршната фестивалска вечер и е големо изненадување за генерацијата која ве помни од времето кога сте биле екстрапопуларни, не само како композитор туку и како музичар во група.
- Лично јас тогаш почнував со музичка кариера и со групата “Далтони” почнав да компонирам. Секако тоа понатаму се развиваше, но можам да ви кажам “Далтони” во крајот на 60-тите до почетокот на 70-тите беа пионери на југословенскиот рок, и паралелно со сите големи југословенски групи учествувавме на сите фестивали и натпревари низ цела Југославија. Во 1968 година ја издадовме својата прва плоча. Вокален солист ни беше Гоце Николовски. Не баш од почетокот. Групата се формира во 1963, а Гоце веќе од крајот на 1965 година стана вокален солист, но подоцна се одвои и почна соло кариера. Гоце Николовски остави голем голем печат и во групата во “Далтони” и на нишката рок сцена. Тој беше нишлија. Тој живееше овде. Затоа на концертот ја изведовме песната која тој ја напиша “Рука од сна” (1968).
*Како почна вашата соработка?
- Ние бевме другари од музичкото училиште, бевме во ист клас 4 години. Тој веќе беше во “Далтони” кога ме предложи мене за клавијатурист во групата, и им рече “Имам јас школски другар”. Тоа што нѐ врзува, тоа е тоа другарство и групата “Далтони” која е незаобиколна и во мојот и во неговиот живот. Гоце е големо, големо име и во Ниш и во Србија. И многу се дружевме и приватно и соработуваме, сѐ до моето заминување во Белград, тој остана во Ниш. Потоа отиде во Скопје и имаше свој животен пат.
*Вашата кариера е антологиска за овие простори. Мегахитови во Србија, во Македонија, Босна и Херцеговина, па Евровизија… Тоа се знае. Меѓутоа знаете што? За Вашата историја за Гоце малку знаат новите генерации. За жал, го немаме Гоце сега, но го имаме неговото дело кое трае. Дали контактиравте откако секој тргна по свој пат, тој се префрли во фолк води, а Вие останавте во забавна музика не правевте големи експерименти.
- Се слушавме активно, додека беше во Ниш се гледавме, кога замина во Македонија со тек на време се слушавме поретко, но до крајот на неговиот живот бевме во другарска релација. Како да ви кажам, не постоеше начин да се загрози нашето дружење, нашето пријателство беше емотивна врска за сите времиња.
*И самото Ваше спомнување на Гоце на пресот, беше емотивно. Знаете дека го има најголемиот хит кај нас “Бисер балкански”?.
- Знам, како не знам. Победи на “Валандово”.
*Тоа е еден вид национална химна.
- Знам, сѐ знам…Па добро, тој го имаше “Бисер балкански”, а јас го имав “Многу солзи” со Маја Оџаклиевска.
*Големиот мегахит, евергрин. Таа година кога победи се слушаше и на бугарска ривиера. Токму тоа ми беше следното прашање. Вие дојдовте во Македонија во екот на Вашата најголема слава како евровизиски композитор, со Екстра Нена “Љубим те песмама”. Тогаш дојдовте на фестивалот “Еврофест” кој беше нискобуџетен, меѓутоа имаше душа и даде многу хитови. Се сеќавам рековте дека во една ноќ ја напишавте таа песна.

- Да, да. Па знаете како тоа се “готви” во мене и некаде постои, и во оној момент кога јас ќе седнам на клавир и ќе ги спуштам рацете, песната веќе е тука и само излегува. Просто така некако. А секако, пред тоа малку размислувам, како на кој начин да биде приспособена. И однапред знам за кого ќе е таа песна. Јас знаев дека тоа ќе биде за Маја и мораше да го следи нејзиниот вокал, сензибилитет и сета нејзина енергија, па кога ќе се спои сето тоа заедно се добива победничка песна.
*Имате и други песни со Маја?
- Има многу и тие се и изведуваат и ден денес.
*Ќе повторам дека беше силна Вашата врска со македонската фестивалска сцена. Победувавте на “Еврофест” (1998)- Скопје и “Интерфест”- Битола (1995), а бевте прогласен за композитор на годината во Македонија во 2000 година. Има многу да се зборува за Вас, но оставаме за следна прилика. Сега како ги минувате деновите? - Генерално компонирам. Пред две недели ми излезе албум со детска музика, глумци ми пеат заеднл со детски хор. ПГП РТС ми го издаде и се вика “Кад деца мала постану људи”. Работам постојано. Јас сум инаку и претседател на Здружението на композитори на Србија, и тоа ми одзема доста време, а имам и приватни обврски дома. Да, јас сум во пензија, всушност не сум во пензија ха ха.
*Би напишале ли повторно песна за Евровизија?
-Не, не. Такви стилови веќе не се бараат. Евровизија стана фестивал кој се гледа, а не се слуша. Тука музика има најмалку, така што тоа веќе не е е мое интересирање, ниту јас се гледам себе во тоа. „Љубим те песмама” беше последната претставничка песна од Југославија, а во 2002 година бев композитор на песната “На јастуку за двоје” со која Маја Татиќ ја претставуваше Босна и Херцеговина во Талин.
*Кој е вашиот најголем хит виден од Ваша страна?
-Јас ја пишувам песната и никогаш не знаеш како на неа ќе реагира публиката. Некогаш публиката не реагира веднаш, може да стане популарна по некое време. Секогаш давам сѐ од себе да напишам добра песна, да сум јас задоволен и потоа таа си добива некој свој живот и ќе биде со неа што ќе биде.
Copyright
Публицитет.мк








