Во петок навечер на сцената Долни Сарај ќе се одржи 31.издание на „Охрид фест – Охридски трубадури“. На фолк вечерта меѓу познатите и етаблирани македонски изведувачи ќе настапи и нашата Емилија Маринова. Ја прашавме: Како е, што прави? И како дојде до тоа да пее народно?
-Музиката за музичарите е поделена на добра и лоша, квалитетна или не’ квалитетна. Има контакт со срцето, или е само бизнис цел.
Поаѓајќи од таму, мене не ми е воопшто далечна ново компонираната македонска песна, која е исклучително вредна музика, и која беше дел од мојот дом каде растев следејќи ги фестивалите како посебен празничен ден.
Иако сум образована со занаетот на класичната музика, и забавната музика ми е дел од секојдневното делување како пијанистка и вокал, не ми беше тешко да одлучам да учествувам на овој фестивал со композиција која не ги руши моите критериуми за трајните вредности на музиката, а тука спаѓа и лирското пеење со народен мелос, кое го чувствувам блиско на мојот сензибилитет.

Со композиторот Григор Копров доста сме разговарале за овие состојби, долго се познаваме покрај заедничкото охридско потекло, и никогаш не била исклучена можноста да запеам негова композиција.
Се радувам што дојде до реализација на долгогодишната желба да испеам композиција од толку плоден композитор, кој премногу подари на македонската музика и нашите изведувачи.
Композицијата ” Чувам слики, спомени”на музика на Копров ја дообликуваа авторот на текстот Огнен Неделковски и аранжерот и продуцент Јовица Каралиевски. Бескрајно се радувам на соработката, бидејќи и тие се имиња кои многу дале за македонската музика, вели Маринова за Публицитет.мк
Публицитет.мк