Да се остава поучна и корисна трага со своето творештво, е цел и сон на секој добар писател. Со ваков мотив твори и српскиот автор Боривоје Бора Живаљевиќ кој живее и работи во Белград (потекнува од Штаваљ, општина Сјеница).
Негови дела се изразени во збирки поезија и проза, застапени се и во повеќе антологии и списанија низ целиот регион, фален е и наградуван, а во Македонија дочекуван со голема чест од страна на неговата фела.
Минатото лето беше одржано негово претставување во гимназијата во Охрид, а сега гостува со цел промовирање на неговата нова книга, кој е со многу “тежина” и вредност, “Патот до пеколот”.

*Македонската публика Ве запозна со Вашиот портрет претставен во Охрид. Како дојде до поканата да гостувате тука?- Македонците ме запознаа во неколку наврати, а имав две промоции на моите дела, во Охрид и во Скопје. Повеќе од една деценија имам исклучителна соработка со писатели од Македонија, па оттука и поканите за гостувања.
Македонските писатели навистина ги ценат моите дела и сè што правам во врска со литературата.
*Овој пат доаѓате за промоција на Вашата книга која е од големо општествено значење, таа зборува за борба со големо злото и зачувување на иднината на младите. Дрога и педофилија. Што Ве поттикна да напишете вакво дело?
-Ова гостување на 11 декември 2025 година, претпладне во Скопје, попладне во Куманово, е моја голема цел. Жалам што не можам да ја претставам оваа приказна на младите луѓе. Постарите ученици од основно училиште и помладите средношколци се честа мета на педофилите. Ако спасам едно дете да нѐ падне во канџите на предаторите, ќе го сметам тоа за најголема награда за мојата работа. Сите мои романи се засновани на вистински настани, вклучувајќи го и овој.

*Имавте ли лични средби со луѓе кои го изоделе патот до пеколот и што беше најважната поента во сето тоа?
-Ликовите опишани во оваа приказна се реални, некои ги познавав лично, за некои дознав во разговори кога се заинтересирав за оваа случка. Најважно за мене беше да истакнам што се случуваше. Малолетна девојка, одлична ученичка која предаторите ја “навлекле” на дрога и проституција.
Младите луѓе, понесени од лажен сјај, честопати залутаат, претворајќи го својот живот во пекол.

*Кога би ја сведиле книгата на една, две реченици, односно една дефиниција, што значи и како изледа “патот до пеколот”, и што може да ве врати назад од тој пат?
– Ако одиме по патот на пеколот ќе завршиме во пеколот. И Рајот и Пеколот се на Земјата, тука околу нас, само треба да ги забележиме. При раѓањето, сите ние го добиваме од Бог патот по кој ќе одиме. На патот има подеми и падови, разни пречки и искушенија, а што ако не одиме “правилно”? Ако не сме подготвени да ги надминеме сите стапици на патот или да ги прифатиме како предизвик, враќањето е тешко, а честопати и невозможно.
*Вие сте и поет. Која тематика е застапена во Вашите збирки поезија?
– Објавив пет збирки песни. “Поглед од Голија”, “Крикот на перото”, “Кога песната плаче”, “Со песна до ѕвездите” и “Роза на сонце”. Главната тема во сите нив е љубовта; љубов кон татковината, љубов кон жената, љубов кон православната вера и љубов кон родниот крај. Ова се најчестите теми во моите песни.
*И романите што ги објавивте се резултат на едно долго искуство, потоа пренесено на хартија. За што зборуваат истите и дали некој од тие романи Ви е подраг ид другите?
-Имам објавено четири романи: “Бели каранфили”, “Рани и лузни”, “Божја волја” и “Патот до пеколот”. Веќе реков дека сите се засновани на вистински настани. Некако сум најприврзан кон “Бели каранфили” и мислам дека постигнав многу со тој роман.
Со “Патот до пеколот” очекувам училиштата да ми ги отворат своите врати, за да младите луѓе, особено девојчињата, бидат предупредени дека “бесплатното сирење има само во стапица за глувци”. Сакам да ги предупредам да не бидат излажани и да бидат многу внимателни при изборот на пријатели и момчиња. За жал, едно девојче во Македонија исто така страдаше од канџите на предаторите!

*Вашите активности се бројни. Основач сте на Здружението на писатели “Дунавски венец”, организатор сте и на две големи манифестации кои се одржуваат традиционално.
– Да, основач сум и претседател на Здружението на писатели “Дунавски венец”. Здружението е познато низ целиот регион, особено во земјите од нашата поранешна Југославија. Секоја година организираме три поетски фестивали: “Божеќен стихозбор”, кој е двојазичен, српско-македонски, Фестивал на поезијата „Видовден“ и Фестивал на поезијата на празникот „Света Петка“, кој пред две години беше трансформиран во “Денови на поезијата на Архангел”. Од 2018 година “Дунавскиот венец” е збратимен со Здружението на просветни работници- литературни творци на Македонија, од Скопјe. Јас и “Дунавски венец” сме соработници и пријатели и со Македонската национална заедница во Србија.
*На кој начин соработувате со македонските поети и писатели?
– Ние сме како некое големо семејство. Верувајте ми, нашето пријателство достигна многу повисоко ниво од пријателство. Немојте да мислите дека лажно се изјаснувам дека за мене македонскиот и српскиот народ се еден ист народ што некој некогаш го поделил. А сега нè делат и нè сечат. Истата или слична култура, наследство, вера, за среќа сè уште нè држат блиски. Македонските поети во голем број се учесници на разни литературни настани во Србија и обратно. Потоа тоа се кристализира и се создава челичен синџир на соработка и почит.
*Кој Ве иницираше книгата да се преведе и на македонски јазик?
– Идејата за преведување на романот “Патот до пеколот” потекнува од Македонија. Професорката и поетеса Благојка Филипчева, на која ѝ сум многу благодарен, вложи најголем труд и го преведе романот. Семејството Филипчев е братско, кумско и роднинско семејство. Од скромна соработка до ова ниво. Тоа е она што го велам, го надминавме пријателството. Едвај чекам да ги видам и прегрнам моите почитувани и многу драги пријатели. Да ми живеат!
Валентина Ѓоргиевска Парго
Публицитет.мк








