Ѓорѓи Ѓоргиевски, Ѓе.Ѓе., е познат новинар и текстописец од Преспа. Основното образование го почнал во родното село Подмочани, го завршил во Царев Двор, успешно матурирал во гимназијата “Свети Климент Охридски” во Охрид, студирал на Правниот факултет во Скопје. Во гимназијата во Охрид по неговата одлична одбрана на матурска тема за творештвото на Кочо Рацин од страна на гимназијата била организирана приредба со публика, на која наизуст го изрецитирал целото творештво на славниот поет.
Воениот рок го служел во Генералштабот на ЈНА во Белград, каде работел во весникот “Војник”. Почнува како новинар во “Битолски весник”, набрзо станува и Претседател во Општински комитет на Сојуз на Социјалистичка младина на Македонија за Ресен, во два мандати.
Работел како новинар, подоцна и уредник во Центарот за радио и печат- Радио Ресен, во “Нова Македонија”, бил дописник на “Вечер”, “Нова зора”, “Трудбеник”, “Народна задруга”, “Трибина”, “Комунист”, “Македонија”, “Просветен работник”, “Просвета”, белградски “Спорт”, а негов потпис краси издание на “Илустрована политика”. Се пензионира од Општинскиот синдикален совет на Ресен.
Бил и многу популарен млад фудбалер, а потоа во Ресен официјално ја пречекува екипата на “Партизан”, но, и турскиот премиер Булент Еџевит.
Добитник е на највисока награда “Орден на трудот со Сребрен венец” од Претседалството на СФРЈ, највисоката општинската награда “11 септември”, признание од Општинскиот штаб за територијална одбрана, признание од Редакцијата на “Вечер”, “Златна плакета” од преспанските иселениците во Австралија, признание од градоначалникот на Рокдал, Бил Саравиновски, од Сливничкиот манастир, од О. У. “Гоце Делчев”- Ресен, и други.
Награден е и на поетската манифестација “Сплоти се Македонијо 2020”, на литературниот конкурс “Бдеење на Кокински мугри 2017”, на “Илинденски средби” во Љубојно во 2013, учествувал во конкурсот за теми посветени на “Ванчо Николески” од Квинбијан.
Текстописец е на познати евергрин хитови, испеани од најпознати интерпретатори на македонската сцена, победнички и наградувани на музички фестивали, Кенан Таировски, Селимова-Желчески, Симеон Георгиевски, Петранка Костадинова, Томислав Маниќ, Петар Нечовски, Адријана Алачки, Горан Симевски, “Пелагониски бисери” … Соработува со Првата детска амбасада во светот “Меѓаши” и со уметникот кандидат Нобеловец Живко Поповски- Цветин.
Семеен човек, татко на две деца, дедо на прекрасни внуци. Живее во Скопје. Неговата прва книга “Македонијо, гордост моја!” е објавена минатата година , во годината кога се славес 1000 години од основањето на Свети Јован Бигорски.
Добитник е на Цетинова награда за мир 2021 и признание од Здружение на Просветни работници на Град Скопје 2022
Публицитет.мк