Георги Ристески – физиотерапевт и зенсегрити практичар.
Со раѓањето сум добил право да живеам со полни гради и да бидам слободен во секој нов ден што е нова можност, почеток и авантура. На овој ден кога го одбележувам мојот роденден најубавиот подарок што можам да си го дадам е безусловната љубов.
Ќе ја искористам можноста во оваа рубрика да се придружам кон подигнување на свеста за овој глобален ден, однсоно одбележувањето на Светскиот ден на лицата со Даунов синдром. Се што ни треба е веќе околу нас за да покажеме солидарност кон сите лица кои живеат со три копии од 21-от хромозом. Ги поттикнувам сите читатели на Публицитет.мк наместо да ми напишат роденденска честитка, на овој 21 март нека направат позитивна промена во својот живот, нека се охрабрат да облечат шарени чорапи, дамите нека си ги обојат ноктите во различни бои и со насмевка на лице нека чекорат храбро низ овој ден со што би ја подигнале јавната свест за Дауновиот синдром затоа што кога сите би биле среќни би го живееле секој ден како роденден.
Создадени сме за емпатија и може да бидеме магнет за големи промени во современото живеење затоа што треба да знаеме дека и овие лица имаат потенцијал да придонесуваат за сите заедно да бидеме неверојатни и да го прославуваме секој ден како наш роденден. Доколку фокусот го насочиме кон освестување за присуството на најмалите ситници, доколку често зборуваме за уникатностите и различностите, тие можат да бидат патоказ за нешто големо и значајно. Кога сме усогласени, се тече само од себе.
PUBLICITET.MK, Ви благодарам за вниманието, со Вашата честитка допринесовте овој роденден да го започнам со пролетни вибрации и уште повеќе да го вдишувам животниот здив со полни гради.
Публицитет.мк