Со цел да се креира квалификуван кадар за потребите на пазарот на трудот општина Охрид активно работи на подобрување на условите во средните стручни училишта и во истовреме ја поттикнува соработката помеѓу стопанските субјекти и образовните институции. Разговорите помеѓу засегнатите страни треба да придонесат за дизајнирање квалитетни наставни програми според потребите на стопанството …
Се поголем број млади лица во Охрид се запишуваат во средните стручни училишта каде што се спроведува дуално образование. На тој начин тие сметаат дека ќе имаат подобар професионален напредок, но и побрзо вработување, бидејќи учат преку работа.
„Во дуалното образование во оваа учебна година имаме вкупно 450 ученици од 820, останатите не реализираат дуална настава, туку онаа по модуларни дизајнирани предмети со смален обем на учење преку работа“, изјави Сашо Недески, директор на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Охрид.
„Треба да имаме поголема соработка со рестораните, хотелите, туристичките агенции со кои заеднички ќе придонесеме за зголемување и да го зголемиме интересот за упис на ученици во овој сектор“, изјави Марјан Радески, директор на државно средно училиште РЦСОО „Ванчо Питошески“ Охрид.
Процесот на соработка помеѓу стопанството и образовните институции го поттикнува општината со потпишување на меморандуми за соработка.
„Секоја година можам да кажам дека доаѓаат се поквалитетни деца. Ученици се заинтересирани, нас ни се потребни најчесто мехатроничари, техничари за индустриска мехатроника и индустриско инженерство“, истакна Наташа Јовческа, директор на компанија.
„Општината вложува сериозни средства во изградба на објектите, во подобрување на условите во набавка на потребните средства за изведување на настава“, изјави Димитар Спасески од општина Охрид.
Целта на образовните институции, стопанствениците, но и на локалната самоуправа е да се креираат млади стручни кадри, кои по завршувањето на средното образование ќе се вработат во охридските компании.
Извор: www.mrt.com.mk Сашо Нелоски
Публицитет.мк