1-ви декември, Светски ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА (1-7.12.2023 г.), Црвен крст Охрид ги одбележува со низа активности во рамките на светската кампања под мотото „LET COMMUNITIES LEAD” „НЕКА ЗАЕДНИЦИТЕ ВОДАТ“ потенцирајќи го значењето и важноста од заедничкото делување во борба против СИДА-та. Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога.
Со цел подигање на нивото на свеста во јавноста за СИДА и изрази поддршка на оние кои живеат со ХИВ, вчера волонтерите на Црвен крст Охрид низ охридските улици, кафулиња и јавни собиралишта на минувачите, посетителите им ставаа црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка за оние кои живеат со СИДА. Ќе се дели и едукативен материјал, кондоми и совети за превенција и заштита од ХИВ/СИДА.
Во основните и средните училишта дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците да се запознаат со основните знаења за ХИВ вирусот, начин на пренесување и заштита.
Инаку, расте бројот на новорегистрирани случаи на инфекции со ХИВ вирусот во Охрид. За разлика од минатата година кога имавме два новорегистрирани случаи на ХИВ/СИДА, оваа година има три нови случаи во Охрид, кажа на вчерашниот прес во Црвен крст – Охрид д-р Јованка Стурлакова Коровешоска – специјалист епидемиолог.
Од три новорегистрирани случаи,еден е во возрасна група од 25-29 години, другиот е во возрасна група од 35 – 39 години а третиот е на возраст 50-59 години. Едно од нив е припадник на мсм популација (мажи кои имаат секс со мажи), еден е бисексуалец и третото лице е хетеросексуалец.“ – кажа д-р Стурлакова Коровешоска.
На ниво на држава годинава има 46 нови случаи на ХИВ/СИДА од кои најголемиот број се од машки пол (42лица) а 4 лица се од женски пол. Според начинот на трансмисија на вирусот 22 лица од новорегистрираните случи се мажи кои имаат секс со мажи, додека 20 лица се хетеросексулани и 4 лица се бисексуалци. Оваа година од сида починале 3 лица. Во Македонија 505 лица живеат со хив/сида.
Во текот на Неделата на борба против СИДА планирани се интерактивни едукативни предавања и работилници со младите во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата.
Активностите организирани по повод Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот.
И оваа година активностите во кампањата на Црвен крст Охрид за борба против ХИВ/СИДА се поддржани од Canadian for Children at Health Risk од Канада.
Публицитет.мк