Ретко која војна во историјата временски траела толку многу кратко, а била исклучително крвава. Важна е пораката која може да се извлече од оваа битка, особено за младите генерации да ја разберат апсирдноста на војната, за таа никогаш повеќе да не се повтори.
Судбоносниот чекор без објавување на војна го започнала бугарската војска на 30 јуни 1913 година против српската и грчката војска. Главната и одлучна битка се одвивала по текот на реката Брегалница во Штип и неговата околина и на територијата на Злетовската област. Со тоа започнала Втората балканска војна. Втората балканска војна, во литературата е позната и како Меѓусојузничка војна.
Во книгата авторот се задржал на улогата на црногорската и на македонската војска во 1913 година, на последиците и поделбите. Опишани се и посетите на спомен – обележјата на Брегалничката битка од страна на претставниците на Црногорската заедница во РС Македонија со покажување на чест, признание, почит на јунаците кои чесно ги вградија животите во темелите на денешната Македонија. Текстот во книгата е напоредно на македонски и црногорски јазик.
Академик Миле Д. Миќуновиќ – автор на книгата
Авторот во заклучокот изнесува: „… Никогаш како општество не смееме да ги заборавиме сопственото минато и историја, зашто на тој начин можеме да останеме без иднина. Народите од Балканот треба да учат од историјата, а не да ја повторуваат и на темелите од минатото да градат иднина. Недоразбирањата не треба да се решаваат по пат на војна туку треба да тргнат по патот на соработка и зближување за опшествено – економски и културен напредок. Тоа е и потврда за сигурна иднина на Балканот. Важно е и да се извлече заклучокот за апсурдноста на војната особено со залудното губење на младите генерации“.
Публицитет.мк