Во организација на КУД “ГЕРДАН ОД БИСЕРИ” и под менторство на уметничкиот раководител Татјана Узуноска – Тренеска,во прекрасна атмосфера покрај езерото, со многу насмевки, младински дух и љубов кон традицијата, се одвиваше деветтото издание на меѓународниот Етно Камп – уникатна едукативно, креативна и рекреативна манифестација која обединува млади од целата земја и пошироко. Во работата на кампот како и секоја година беа вклучени еминентни имиња од фолклорната и музичка фела, врвни професори, кореографи и членови на државниот ансамбл ТАНЕЦ.
Оваа година, како нова содржина ги запознававме старите занаети, особено грнчарството а учесниците имаа можност со свои раце да оформат традиционални садови и да ја научат техниката на калапење,цртање и боење.

Секако, примарен фокус и оваа година беа фолклорните работилници, на кои се изучуваат македонски традиционални народни ора, инструменти, песни и елементи од облеековната култура на Радовишко Поле и Охридско -Струшко Поле во автентичен амбиент, под раководство на врвни предавачи и кореографи.

Кампот на учесниците им понуди и вечерни дружења, тематски забави, спортско- рекреативни активности за психомоторен развој на младите.

Кампот беше заокружен со јавен час на кој секој фолклорен ансамбл имаше можност да презентира дел од своето културно наследство.

Етно кампот го оправдува своето постоење преку големата заинтересираност на учесниците, деца и младинци со квалитетно исполнета продуктивна програма..До сега на него учествувале над 1500 учесници.

10. јубилејно издание на Етно кампот планирано за овој август на учесниците ќе им донесе и средба со познатиот инструменталист Драган Даутовски.
Тој е музиколошки експерт кој мајсторски свири на повеќе од 20 народни инструменти а ова лето на кампот акцент ќе биде ставен на гајдата како специфичен македонски инструмент.

Публицитет.мк