Во рамките на одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст – Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната дејност.
На 18 јануари (четврток) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст -Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст – Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 8 степени.
Традиционалната крводарителска акција „Водици 2024“ под мотото „ЕДНА КАМПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СЕ’“ во организација на Црвен крст – Охрид ќе се реализира на 19 јануари (петок) од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското Езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19 јануари (петок), Црвен крст – Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, нуркачки тимови, како и со медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
Црвен крст – Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел за почитување на следните препораки:
– Со огледа на ниската температура на водата во Охридското езеро-(кај пристаништето околу 8 степени), релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат за 19 јануари (околу 9 степени), силен југозападен ветар со брзина од околу 10 м/с, повикуваме на исклучително високо внимание, сериозност и претпазливост на оние кои ќе влегуваат во водите на Охридското Езеро:
о Да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат каков било здравствен проблем
о Да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, а да конзумираат топли безалкохолни напитоци-чај
Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.
о Оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат кратко (не подолго од 3 мин.)
Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.
о Да облечат обувки при влегувањето во вода
о Да имаат сува и топла облека по излегувањето од вода
– За сите кои ќе бидат дел од настанот на Градското пристаниште на копно, препорачуваме:
о да облечат повеќеслојна облека
о да конзумираат топли безалкохолни напитоци-чај, вела од Црвен крст – Охрид.
Публицитет.мк