Габриела Стојаноска-Станоеска писателка, уредничка на „Стремеж“ и наставничка.
Многу ми се важни родендените. Ги сакам и ги славам. И моите, и родендените на ближните, и на сите со кои го делам секојдневието. И списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ ги одбележува родендените на творците – негови соработници со потсетување на нивното дело. Според мене, освен сопствениот живот, луѓето соживотници се најголемиот дар од Бога што секој од нас го има, па славењето на родендените е славење на раѓањето на нечија посебност, единственост, уникатност, оригиналност, неповторливост со која е станат побогат, посодржаен, поискуствен, позначаен, поплеменит, пожив, повистински нашиот заеднички свет. Родендените се славење на љубовта и постоењето и причина повеќе секојдневно да испраќаме јата среќни мисли да кружат низ Универзумот и да се вгнездуваат во сечиј поглед.
Четириесет и петтиов роденден ми започна неочекувано порано, вчера рано утро, благодарение на моите драги пријателки кои ми честитаа на Фејсбук. Попладнето, кога веќе имав заборавено дека ми ближи роденденот, случајно, на минување, ја слушнав мојата шестгодишна ќерка како вели „Батоо, да се договориме за подарокот за мама!“ и веднаш потоа се случи една тишина – веројатно големиот бато, мојот седумнаесетгодишен син, ѝ даде знак да молчи. Така не ни знаеја дека веќе ми го дадоа најубавиот подарок за овој роденден.
Утрово ги добив од нив и првите роденденски прегратки и бакнежи. Па следеа честитките од колегите во ООУ „Кочо Рацин“ Прилеп со кои си се заблажуваме редовно, на сечиј роденден, па честитките од учениците, од пријателите со кои сум во повеќе групи, а ќе следи и роденденска вечера и дување свеќички на торта со семејството. Роденденски честитки, претпоставувам ќе стигнуваат и утре, па можам да кажам дека сум во жижата на три мои убави славенички дена. За роденденот знам и сама да си се почестам и да си се разгалам со некои ситници и уживање кои ме радуваат. И секако роденденот ми е уште ден кога малку повеќе од вообичаено, во текот на целиот ден, а не само рано наутро и доцна навечер, искажувам благодарност и среќа што сум жива и што го делам со сите вас, сега и овде, и со сите вас од минатото и од иднината нашиот убав, и покрај многуте несовршености, неодоливо привлечен, магичен свет.
Публицитет.мк