Ненад Сврзикапа , доктор по педијатрија – Linacre College, University of Oxford и Резидент Научник Oxford Science Enterprises
Оваа година беше полна со предизвици и победи. Минатиот август успешно ја одбранив докторската теза на Оксфорд. Месеците кога ја пишував ќе ги паметам по неверојатниот труд кој го вложив, и безрезервната поддршка која ја добивав од моето семејство и моите професори. После одбраната добив понуда за научна резиденција со Oxford Science Enterprises (OSE), а исто продолжив да бидам поврзан со мојот колеџ, како и со одделот на Педијатрија на Оксфорд. Моментално работам како директор на геномика и компјутациона биологија во стартап за кој добивме значителна инвестиција, но за тоа повеќе информации ќе споделам наскоро.
Оксфорд е преубав во секој момент, но навистина е магичен кога е сончево. Англичаните се опседнати со одржување на своите градини и паркови. Од пред една недела официјално е отворена и сезоната за punting. Не знам баш како да го преведам тој збор, но punting е традиционална активност која е многу карактеристична за Оксфорд, и се состои во пловење низ реките Шервел и Темза на пловни објекти кои можеби најмногу личат на гондоли.
Како што знаете од овој викенд Обединетото кралство има нов крал па имав среќа роденденот да ми се падне на неработен ден. Се надевам дека времето ќе ни се погоди како денес и ќе имаме време за малу фудбал и возење велосипед со фамилијата. Син ми денес ги совлада педалите на својот велосипед, така што овој роденден ќе биде специјален поради тој прекрасен момент. Инаку, иако е се’ уште мал за Лига на Шампиони, го научив како да слави кога ќе се постигне гол. Тоа е битна лекција за него; во успесите треба да се ужива, и тие треба да се прослават.
Публицитет.мк