• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
сабота, септември 19, 2026
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Елегија за летото во Охрид дваесетишестата

септември 19, 2026
in Во потрага по трајната убавина
Елегија за летото во Охрид дваесетишестата

МИ СЕ СОНИЛО

Почитувани, ви пишувам од далеку, од моето шпанско странство покрај морето, за да споделам чудно случување. Еве, сеуште лежам зашеметен, можеби и замелушен од медитеранското сонце… и размислувам вчудоневиден, што ми се деси сношти?

На седмиот ден по моето враќање од Македонија, од онаму каде што Бог да(ру)вал многу, се случи следнава случка – снагата ми замре, душата ми слезе, божем папсав, па липсав, а умот влезе во друга димензија.

Како и секоја вечер така и таа, читајќи на “тенка” светлина историска книга за вековите наши, осеќав како ме кутнува сонот.  Но, овој пат беше “малку поразлично”, како да сакаше некој нешто да ми каже. Некако одеднаш натежна тело, и во глава ми стежи, се наежи кожа, почна во градите да жежи, пред очите – мрежи, отежнаа оловни клепките, си помислив, ете, ми се склопија за навек на саатот стрелките… и паднав во длабок вител. Та, дури ни полпат недочекорен, неверојатни слики и светови неосетно ми го “свртија паметот”, се заледија вениве… и се случи чудесно, огнено магновение!

Утрово, само се сеќавам дека  сам некаде бегав, од остров пуст низ простор проѕирен, но густ! Оркански ветрови здив ми сушеа, а морски бранови ме удираа и гушеа. Змејови рикаа, жар-птици  кликаа, подводни ѕверови беснееја, та го кршеа на бродот трупот, и едрото, и веслото, и кормилото… Ме шибаа по плеќите, но не осеќав болка, само на допир печење, нешто како грубо гмечење.

Не се давав, но се уплашив!

Душата ми дојде на место кога, после долго јурење, морето најде смирување и, глеј, езеро се стори… или така ми се стори!? Површината стана и остана рамна, мислиш бебешко дишење пред сон, наслушнувајќи далечен тивок ѕвон на приспивна, што мајка му пее… додека жнее едно недогледно златно житно поле во врелината. Се насмеав со широка насмевка и, иако од далеку дојден, уморен и воден, повторно почнав да трчам слободен, ослободен… лесен, прелесен.

Дома сум пак, чинам. Ако грешам нека изгорам!

Во бунилото осеќав дека во конопените еспадрили, место шарени зрнца од песочните шпански плажи распослани пред мене, скокаа од Светец осветени езерски капки бели… мислиш седефни бисери, направени од лушпите и намазани со намаз од крлушките на малите сребрени плашици. Ми се наполнија очите со прашина од добро утапкан друм, Виа Игнација, и заплакав. По него, одамна било, чекорел легионер во сандали со копје, па селанец во опинци, со снопје конопје. Поминувале потем меѓу западниот и источниот Рим, уште многу карвани, верници, намерници… но и скитници, скитајќи. Таму негде во близина, итајќи, занесен во апостолската мисија, за прв пат стапнал во Македонија, ранохристијанската европска порта, мудриот проповедник и благовесник, старецот Павле. Го гледав скришум како ја гледа со подзатворени очи прекрасната проѕирна житкост во просторот, пулсирачката живост и живописната жилавост – и како пишува житија таму, за еден вреден живот што бил, па минал… на оној кој учел и поучувал, проштевал, крштевал и спасувал – чуда правел, но и страдал, па воскреснал.

Се сетив и на она што ми се сни откако замина таа фасцинација. Насоне, ѕуницата на синото и памучно небе ја прескокна гиздаво немирно ждребе… со шеќерна сенка и сјајна ѕвезда на градите. А по него, залутан од лут галоп по жар, леташе кон облаците друг разјарен ждребец црн, азган со златни узди на усти. Позади нив трчаа по ред, една кобила нежна со очи-мед љубов полни , украсена во огнени гриви, и стамен алов ат, со бестрашен поглед-лед во недоглед. Во далечината, до темнината, крај извори што гргаат и огништа подзагасени, видов талкаа два ангела, две пчели, мантии долги и гунчиња бели, црни…

Каков сон ли беше ова? Донесе ли покајание и спасение, или само знак на внимание – на она што ми е и не ми е?

Сепак, носталгична елегија ќе е… која место белина на хартија, нашла белина во душава. Почнав да ја препознавам лесно… ми доаѓа кога сфаќам дека времето проаѓа, кога ќе се сетам на тие денови, насмеани сите, во чашите црвенеат вината, или на оние пејсажи од татковината! Во последниов четврт век ме изненадува таа понекогаш, но се почесто и одненадеш… топла како лек копнеж или надеж, студена како морници од длабок езерски извор, некогаш така драга како неочекувана средба на туѓа веселба или баш силна-силна, како оваа последнава, сонувана необјаснива фантазија.

Сега ми паѓа на ум дека можеби во таа ноќна треска јас сум ја видел питомината опишана од Миладинов. Сум бил повторно во Охрид, а не сум бил тука каде што сум сега, крај морскиве камени брегови!

Ох, какво откровение и ослободение!

Сосема сигурно, опиен од божјата нестварна неземна убавина, на интимното платно ја препознав маестралната мисла и вештата рака  на Јордан Манасијески, уметникот, охриѓанецот, мистикот.

МИ СЕ ЗГОДИЛО

Веќе буден, почнувам да го враќам филмот недели наназад и, онака од страна, се гледам себеси во Охрид како чекорам по шеталиштето кон пристаништето, сосема лесно замислен, баш летно опуштен. Во августовскиот жежок ден носам модра кошула од лен, фина морнарска марама место пешкир, и шешир сламен да заштити очи од сончев пламен. По сенката во погледот препознавам дека можеби сум малку загрижен – долгиот житар ми тече премногу брзо и “испарува”. Размислувам, некако нестварно ми се скусија “броените” охридски денови – од Илинден до Преобрежение. Но, од друга страна си велам, престојот во дедовината, во прегратките на татковината, вртоглаво ми ги зголеми емотивните вртлози и ги збогати интимните набои.

Штом очи отворев, при првиот поглед на дрвјата во паркот, гледав како утрината, од зелените лиснати крошни плетеше чипкани милиња во тревата, а вревата бревташе и се “креваше” со врелината на денот. Сончевата топка лежерно, со часови се тркалаше од зад галичкиот масив, па сѐ до јабланичкиот запад. Некаде напладне, запираше малку за да ги поздрави Свети Наум и Црн Дрим долу. Од под камената плоча на манастирскиот свет гроб, срцето на светецот тупкаше и ја туркаше реката во невидливото измислено корито, сечејќи го езерото на половина. После го чекав одразот на златната квечерина кој ме возбудуваше со својот вибрирачки неспокој. Метаморфозата на небото над Канео беше импресивна, длабоко индиго прошарано со нежната боја на нашиот плетварски рубин. Секогаш непогрешно точен, уште минут по зајдисонце, најавувајќи ја раната ноќ, влегуваше од Горна Порта, минуваше под велелепната Перивлепта и низ сокаците удолу, па во пресрет ми се спушташе вечерното пријатно ветре што освежува. Истото тоа, малку подоцна ќе се трансформираше во студениот Ноќник кој, како пуштен од јаже, виеше и вртеше низ нерамните варошки калдрми. На крај доаѓаше доцната ноќ и смирувачкиот ѕвезден трепетлив свод. Меката енергија на Охрид беше врамена во стилизираната и префинета галактичка хармонија на Нав Муан, суптилниот сликар на бајките.

Распостилаше тогаш ноќта една романтична полноќносина наметка врз спомениците на претците – оние борците, оние светците… оние на браниците, што се бореле со клетото, за да го зачуваат светото! Кога описменети сме молчеле пред волците – тие толчеле, мелеле и смелиле онолку колку што можеле… додека ние не сме се осмелиле! Потоа сме се грижеле повеќе едни за други… и дружеле, и низ таа дружба, како тајните формули на лековите, се пренесувале на новите, приказните кои кружеле през вековите. Секое херојство е важно, без разлика колку е мало или завршило тажно. Ми дојде на ум, незаборавот на тие огнови ни дава мотивација, ни “фрла јадици”, отвора видици  да се справиме со уште поголеми предизвици.

Онде беше шепотот на заљубените, посилен и од џагорот на толпата. Топлата фестивалска нота на класична музика во Света Софија секојдневно ширеше култура низ етерот. Од карши, величествениот антички Амфитеатар, кон небото креваше светлини, вишеше музика за народ и дишеше со народни мелодии, дури и толку софистицирани како оние на Македонисимо и маестралниот наш Симон Трпчески. Понекогаш ми се мешаше и крцкањето на штиците по кои глумеа глумците и глумиците, а таму негде беа и играорците, дојдени од тука некаде и од секаде.

Во Охрид, како и секогаш, никогаш не бев сам.

Покрај безусловната љубов на моите родители, наидов и на некои нови лица, открив активни и креативни луѓе. Разговарав со наши академици – неуморни работници за доброто, но и универзитетски професори во подем, “страшни” ерудити, храбри и посветени. Пиев кафе со градски фаци, буџи, дипломати, адвокати, сликари, композитори, критичари, политичари… Ги продлабочив и семејните теми, та некои воздржани тајни станаа возбудлива реалност.

Дојдоа таму и другарите, кумашинот и кумот златен, со кумата, и кумот на кумот, и оние кои ме викаат во кумова тајфа за славење на животот, и оние кои стално ме канат на езерска прошетка до Пештани, Трпејца и Свети Заум, и оние кои секогаш сакаат да го споделат со мене широкиот поглед од терасите на Лагадин… Ми дојдоа сите тие на по едно внуче полно со кумова ракија жолта и лута, на слатко од смокви зрели, на сочни охридски черешни црни, на мезе за лезет, горко кафе од ѓезве и ѓеврек варен.

Со нив нема ни вечерен сиктер. Запеавме тивко за наша душа, за Биљана, Лихнида, Деспина, за Караѓуле и Патче, за мајката на Русе, Ангелина… и за уште многу други. Потоа продолжувавме да пееме гласно и страсно со музичарите во Чун, освен оние вечните – староградските, по ред ги редевме и “химните”, онаа на Прличев за Патрикот, па Налеј, па печалбарската. Еј!

Уживав со љубената во чудното шармантно “un je ne sais pas quoi” на Кајче, и се фатив на спонтаното оро “онаму под скалите, во куќниот двор” на Уранија и Робевци. Тука блиску ми беа и закотвените чамци кај Сараиште, кои танцуваа некое свое весело пијано коло, со нерамномерни скокови врз далгите. Ги пратеа тие ритмовите на Попладневецот, ветерот што скоро секогаш се шегува, иако понекогаш знае и да лудува, груб анархичен шарлатан. И сето тоа пред строгите очи на отмената стара варошка архитектура – таа светски препознатлива урбана иконографија.

Одекнуваше таму и вечното христијанско пастирско  ехо – во авата меѓу еркерите, косниците, чардаците, тремовите и дворовите – стигајќи јасно и силно до народот уште од времето на невремето. Тоа се прелевало како жубор низ вековите, низ блажено потомство, та денес стигнало до нас, божјето стадо на Неговото Блаженство… како што стасал и жезолот од сите претходни охридски владици. А, скришно од некаде, како противтежа и безгласен вековен историски конец што спојува и врзува, се одѕиваа и тивките молитви од испостените светиклиментови ученици во Плаошник.

До мене допираше, па занемен го слушав и немиот, но торжествен хор на ослепените фрески во катедралната црква… кои повеќе од десет столетија ги успокојуваат лелеците на самуиловите несреќни војници-селани, скоро сите без очи. Нивната болка е и моја, наша е, како што е и заглушувачкиот очаен плач на нивните мајки, жени, деца – што фучат и бучат од “бучката” на која и денес царува царската средновековна тврдина.

Нејсе, да не должам појќе од потребното, охридското лето дваесетишестата, како и оваа елегија, ме наполни со спомени, мечти, пориви и позитивна енергија! Секоја прошетка, секој поглед во далечина, секое длабоко здивнување ми беа посебно заминување, искуство и олеснување.

д-р Владимир Попоски, очен лекар во Барселона, Шпанија

Фотографии: д-р Владимир Попоски

Публицитет.мк

Посетеност: 241
Share
Previous Post

Броз и Марама пеат за една „Скопјанка“  

Next Post

ЖЕЉКО СТЕФАНОВИЌ ПАГАНИНИ: Откажав настапи само за да дојдам на „Рома фест 2026“ и бев во право!

Next Post
ЖЕЉКО СТЕФАНОВИЌ ПАГАНИНИ: Откажав настапи само за да дојдам на „Рома фест 2026“ и бев во право!

ЖЕЉКО СТЕФАНОВИЌ ПАГАНИНИ: Откажав настапи само за да дојдам на „Рома фест 2026“ и бев во право!

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 241

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk