Ако го слушнете и доживеете еднаш, веднаш ќе посакате и повторно. Виолинистот Жељко Стефановиќ е вистински виртуоз за изведба на ромска музика. Не случајно го добил и уметничкиот прекар Паганини. Свири и танцува во ритамот на своето свирење. Те покренува од столче.
Почнал на дванаесетгодишна возраст и, понесувајќи го талентот по линија од кај мајка му каде сите имале музички талент и биле виолинисти, па така сам по слух ја совладал виолината. Го нарекле „Паганини е Дорчола“, што веќе сосема јасно отсликува дека преку духовита алузија го споредуваат со легендарниот Николо Паганини.
Британскиот „Гардијан“ го опишал како „локална легенда“, додека новинар од „Метро“ напишал дека тој е „лик кој го обликува уникатниот звучен пејзаж на Белград“.
Освен што е омилен кај белградската публика, Жељко свирел низ цела Европа, особено во Франција, каде што живеел со години. Неговата музика е мешавина од фолк, руба, џез и класика. Неговиот бенд, некогаш наречен „Најдобро чуваната тајна на Дорчола“, а сега само „Пагснини бенд“ ја воодушевува публиката на сцените, во филмовите и на телевизија.
Тој и во Скопје, со бурните аплаузи на „Рома фест 2026“ во МКЦ – Кино Фросина, на 15 септември, доби потврда дека сето тоа е препознаено и овде, што беше добар повод за веднаш потоа да направивме интервју.
Настапи со својот „Паганини бенд“, во кој на сајзер свири и неговиот син, за кого ни рече дека е и подобар од него и во дел од програмата и со неговиот внук, виртуозен гитарист Ное Фритц од Франција, кого го нарекуваат младиот „Џипси кинг“.
*Навистина, секоја чест, сите заедно ни направивте многу пријатно изненадување, бидејќи мислам дека има некој што не би реагирал кога ќе Ве чуе и ќе Ве види толку весел. Згора на тоа, за да се добие вистинска слика да кажам дека говорот на Вашето тело на сцената, е потполно исто како и Вашата виртуозност во свирење со својот инструмент. Како го правите тоа? Како ја правите таа магија?
– Се случува за секунда. Музиката и самата публика. И сега, и да сакате да ми платите јас не би можел тоа да го отсвирам повторно истото. Никако. Тоа е дел од секунда, штом е толку совршено.
*Па, тоа е веќе џез манир, така го прават тоа џезерите. Импровизација, но многу виртуозна.
– Да, да!
*Сега кажете ни малку за себе. Ве видовме по прв пат. Вие сте од Панчево, град населен со многу Македонци и Роми од Македонија, и мислам дека е сосема во точно ако речеме македонско – ромски град во Србија.
– Така е. Во близина на Панчево имаме и село кое се вика Јабука. Тоа е населено со семејства од Македонија. Од таму е и семејството на мојата снаа. А мајката на мојата сопруга е исто така од Македонија,од Куманово, а и мојата кума е од Куманово.
*Значи, вие сте од Македонија. Велат „Од каде ти е сопруга, од таму си“.
– Да, токму така. Патем, семејството на мојата сопруга е во роднински врски со Џеј Рамадановски.
*Славниот Џеј!
– Душа!
*Ах, сите го сакаме. Нема никој што не го сака. Џеј потекнува од Ресен!
– Не сум знаел. Јас и Џеј свиревме во Скадарлија во Белград. Најпрво тој дојде таму како гостин, со неговите пријатели. И потоа останувавме до шест, седум, наутро. Пееме, пиеме. Одлично беше. Русвајт.
*Сега каде свирите?
– На Дорџол, во БАМ клубот. Тоа е Белградската академија на музичари. Таму сме 7-8 години.
*Живеете во Белград?
– Живеевме до неодамна. Сега живееме во Панчево. Работам во Белград. И имам стан таму. Мојот син живее во станот.
*Не верувам дека ви е прв пат во Македонија. Имате такви силни врски со Македонија.
– Верувале или не, да, прв пат ми е. Требаше да свириме на Денот на Ромите минатата година, но не го направивме тоа, имавме веќе резервиран настап во Ужице. И имавме свирка пред 3-4 години, па пак не дојдовме кога нè поканија. Значи, ова ни е прв пат и сум воодушевена. Татко ми, кога бев мал, многу ми раскажуваше и ми рече дека Скопје е најдобриот град.
*Дојде ли Вашиот татко тука?
– Да, да, сè уште доаѓа. Веќе реков, и јас денес имав 2-3 свирки, одбив, и дојдов тука, да ве видам вас, да го видам градот.
*Го видовте градот?
– Сè уште не, за жал, но утре…
*А Шутка, дали ја видовте Шутка?
– Не сум, не, утре. Мојата снаа за брат е од Шутка, знам сè за тоа место. Дури морам да го кажам и ова, свириме во клуб каде што свириме програмска музика, малку џез, а потоа одиме на народна музика и ромска, и многу странци доаѓаат таму да свират. И кога некој странец доаѓа од Франција или Англија ми кажува како тој веќе бил во Шутка, а јас никогаш не сум бил во Шутка, о, ме фаќа срам.

*Ја знаете ли најпознатата песна за Шутка од Влатко Стефановски? „Џипси сонг“. Тоа се на стихови од неговиот брат, познатиот сценарист Горан Стефановски, кој опејува дека таа долина е повесела и од оние највеселите на Харе Кришна.
– Едвај чекам утре да одам да ја видам.
*Колку албуми имате, како живеете, како ви е сценскиот живот?
– Па, да ви кажам, само сакам да си ја видам сопруга. Само сакам да си ја видам куќата. Најубаво ми беше кога беше таа корона. Тогаш не свиревме. И дури тогаш сфатив колку е убаво да се биде дома. Тоа беше најубавото нешто за мене.
*Затоа што имате свирка секој ден?
– Речиси секој ден. Но, од 365 дена, свириме речиси 280 годишно. И сакам да свирам… Не дека секогаш свириме за пари.
*Кога ќе влезете таа машинерина, не ви дозволува да паузирате.
– Браво, убаво кажано. И имаме многу, многу пријатели. Одите таму, одите тука, и не можете да кажете не.
*Само во Србија или свирите малку подалеку?
– Порано свиревме подалеку, Франција, Украина отидов со фолклорна група уште во деведесеттите, но сега не. Најчесто свирам во Србија.
*Дали имат снимки, албуми, своја музика?
– Имам шест свои песни. Јас сум првиот што сними песна „Ром“, а снимив и една црногорска песна. За 15 дена или за еден месец ќе снимам уште шест. Бидејќи свириме секој ден немам време, а притоа, замислете, имам свое музичко студио. Моја музика има во неколку филмови и серии, меѓу кои и во еден јапонски филм Учествував во филмот „Недела“ за Џеј. Во повеќе филмови имам свирено. И во „Бел мачор, црна мачка“, од кога потекнува моето пријателство со вашиот поет и новинар Сафет Камбер.

*Ја познававте нашата Есма?
– Ја немав таа чест да ја запознам.
*Кога ќе се рече ромска музика, веќе е препозналиво што е тоа. Што најмногу обожавате да свирите? Кој припадник на ромската музика Ве одушевува, освен Џеј секако?
– Шабан Бајрамовиќ. Господин човек. Свиревме во негова чест два пати на Нишвил. Ете тој. Врв е!
Валентина Ѓоргиевска Парго
copyright
Публицитет.мк








