Специјално од Ниш, Валентина Ѓоргиевска Парго
На овогодишниот „Нишвил“, фестивалот му оддаде почит и посебно признание на славниот нишкиот рокер Жарко Станковиќ, кој повторно се појави во јавноста и остави силен емотивен впечаток.
Жарко Станковиќ е еден од пионерите на нишкиот рок, гитарист, композитор и еден од основачите на легендарните „Далтони“. Групата е основана во Ниш во август 1963 година, кога Жарко и останатите членови биле само шеснаесетгодишници. Тој свирел соло гитара.
Во почетокот најмногу свиреле инструментална музика инспирирана од британските „The Shadows“. Подоцна станале една од најголемите атракции на нишката, но и на југословенската рок-сцена.
Годинава беа најемотивниот фестивалски момент, изведувајќи концерт на завршната вечер кој в срце ги погоди Нишлии.
Во нивната колективна меморија тие сѐ уште го држат приматот на рок легенди. Нивен вокалист бил легендата Гоце Николовски.

*Оваа година враќањето на „Далтони“ беше можеби и најголемото изненадување за градот. А многу Македонци пак ги изненади фактор дека легендата Гоце Николовски беше ваш пејач.
– Со Гоце Николовски лично ме врзуваше големо пријателство. Му бев и кум за првиот брак со Соња. Тој живееше во Ниш триесеттина години. И со втората сопруга Весна реши да оди во Македонија, кога се започна да се гради земјата. Имаше татко во Канада, медицински техничар. И таму дали му рекоа „Ајде направи нешто за Македонија“, не знам, но така замина. Го замена својот дом во Ниш за стан во Скопје. И таму ја оствари композицијата за Валандово.
*„Бисер балкански“…
– Но, некое време, политичарите го искористуваа, му ветуваа кој знае што и тој беше толку разочаран, што на крај изврши самоубиство. Беше разочаран, меѓутоа, никој не се надеваше дека така ќе заврши. Знаете што, тој 30 години живеше во Ниш и отиде во Скопје без пријатели, без ништо. И кога дојде со Весна можеби една година пред да се случи тоа, тој доаѓа во вратата и прашува „Где сте бре Нишлије?“. Една недела останаа. Весна ми кажува дека никогаш така не се смеел, радувал, како кога дојде тогаш во Ниш.
*Неговиот син Сандро едно време го наследи во музиката, многу кратко, блиц.
-… Сандро веќе беше голем кога и тој ја испеа гоцевата „Рука од сна“, неговата славна песна со „Далтони“. Ја пееше како Гоце. Личи на Гоце, многу.

*Би дошле ли во Скопје?
– Не, никогаш. Јас едвај чекав овој концерт во Ниш да се случи. Немаме сили, јас имам 79 години.
*Знаете колку би било емотивно кога би дошле, особено поради споменот на Гоце?
– Верувам! Поздравете го Скопје. Нема шанси, верувајте ми.
*Народот е желен за тоа. Доволно е само да дојдете. Сепак е најголема фолк легенда и таа песна што ја споменавме од Валандово, „Бисер балкански“, е многу популарна.
-Но тие не го знаат дека пред тој период тој беше рокер со нас.

*Колку време пробувавте за овој нишвилски настап?
– Пробувавме, прво само вокалите, зашто најважно е пеењето. Ние тројцата, Нуне, Баја и јас кај мене дома пробувавме, три – четири денови. Па потоа пробавме во Симфониското, заедно со тројца дувачи, за една џез композиција. Имавме и генерална проба.
*А и песната од Гоце на концертот предизвика…
– Неговата песна беше хит. „Рука од сна“. Необичен текст. Тој сѐ направи, и композицијата и текстот, а јас го аранжирав, јас му помагнав и направив некои делови… И ние го потпишавме тоа заедно, Николовски- Станковиќ, зашто како Ленон- Макартни, сакавме да бидеме… Сѐ што ќе направевме потпишувавме заедно. Јас ќе направам песна ќе ја потпишеме заедно, тој ќе направи песна ќе ја потпишеме заедно. Но тие три песни навистина беа негови. Не снимавме многу, тоа е пропуст. Знаете како? Четири композиции снимавме „Рука од сна“, „Петак“… „Петак“ ја направи мојот брат, со неговиот кум Гане. Тие напишаа необични песни многу интересни, и ние ги зедовме тие песни да ги снимаме. Другите две повторно ги направи Гоце- „Волим нашу истину“, тоа е комерцијална песна, и „Враќам се понекад у прошлост“. Јас и тогаш баш и не го разбирав. Тој уште тогаш размислуваше за смислата на животот. Внимавај колку сме били млади, а Гоце снима „Се враќам во минатото и сакам да останам тука“. Тоа е пораката на песната… Па и женските се лепија за него. Беше како Елвис Присли.
*Која беше оригиналната постава на „Далтони“?
– Имаше на изложбата на „Нишвил“ фотографии од оригиналната постава, но многу од нив не се живи.
*Патувавте низ Југославија?
– Бевме во Хрватска, во Загреб. Тие тоа го нарекуваа како натпревар на бит ансамбли од земјата. И ние дојдовме од Ниш со сите инструменти со товарен вагон. Тие готови да паднат во несвест „Па каде сте? Од каде сте, од Ниш дојдовте овде да се натпреварувате?“, не сметаат онака некои, а, таму се натпреварува разни познати групи од Словенија, од Хрватска. Имаше една група од Марибор „Рдечи дечки“ се нарекуваа, „Црвени дечки“. Един Флисер свиреше со нив. Потоа јас бев на турнеја во Советски Сојуз со Мики Јевремовиќ и со Ѓорѓе Марјановиќ. И Един беше во оние пејачи што ја загреваат атмосферата. Тој ме препозна и вели „Абре Жаре Далтони“ се вртам јас и тој вели „Кога вие требаше да дојдете од Ниш, на натпреварот, не знаевме кој доаѓа, но кога слушнавме колку квалитетно свирите, јасно беше“. Ние ја отсвиривме „California dreaming“од „Мамас и Папас“,„ll be there”, „Рука од сна“ и една друга. Тоа за нив беше шок.

*Кога последно свиревте како „Далтони“?
– Последно свиревме за нашиот член Раде Радивојевиќ, пред 10 или повеќе години. Тој славеше 40 години од својата работа и направи концерт во Белград и во Ниш. Во Ниш отсвиревме само 2-3 работи.
*Колку снимки имавте со групата?
– Со „Далтони“ подготвувавме албум, сакавме, но никогаш не успеавме да го снимиме. Имаме некои снимки. Во 1972 година сите отидовме за Белград. Три години се обидувавме да се преселиме, па свиревме на Звездара година дена. Ни даваа сместување во Младински центар. И кога треба да дојде зима, не можеме да останеме, се враќаме во Ниш. Во 1982 година конечно се преселивме, зашто добивме ангажмант во „Tопчидерска ноќ“. Тогаш тоа беше славно место, но се свиреше до 3 часот наутро. Раде, пред тоа се преселува во Белград, во Браќа Јерковиќ, некаде натаму, кога вели „Како јас во 3 часот наутро, тоа време да се враќам дома?„. И одлучивме да не одиме. Секој тргна по свој пат. Мене претходниот клавијатурист, кој сега живее во Инсбрук ми вели „Жаре дојди, ни недостига гитарист“. А јас веќе сум наставник по француски. Се запишав во Белград трета година на Филолошки факултет. Кога тој ме повика веднаш отидов во Германија, а потоа во Советски Сојуз, Русија, Холандија. Свирев во славен клуб „Чита“ во Берлин. Ние од Холандија патувавме дење и ноќе со автомобил низ Источна Германија до Западна Германија, тогаш Германија беше поделена. Едвај стигнавме на свирка. А пред тоа во Амстердам купивме по две нови униформи, лесни, без постави. И сопственикот и сопственичката на клубот нѐ чекаат нас, ние ќе отсвириме цела тура и ќе се преслечеме. И тие, ќе умрат од радост, велат „Ова е најдобро, ова е најдобар состав“. Тоа е една анегдота. Потоа јас се приклучив на „Нова Димензија“, кој беше придружен бенд на југословенски пејачи на турнеи низ Советскиот Сојуз. Во 1980-тите го водев нишкиот состав „Дан по Дан“, а кон крајот на осумдесеттите свирев и со „Френки“.
*Мене особено ми се допадна што во 1998 година го објавивте соло албумот „Измеѓу два времена“, со свои гитарски инструментали инспирирани од етничката музика. А со вашиот „Жар бенд“ уште неколку изданија, меѓу кои „Уживо у џез пабу Орбит“ (2000). Всушност, како Вие почнавте со музика?
– Јас прво свирев на виолина. Како и дедо ми. Живееше во Неготин, Врање. Тој собирал стари народни песни и сакал да ги објави уште пред Првата светска војна. Книгата ја издаде дури во 1951 година. Дедо тоа го дочека беше и жив радосен. А таму е забележано од обичај до тоа како се пеело, кој свештеник вршел обред, забележал сѐ- од кого е, каков е текстот… Свиреше виолина, знаеше да напише и текст и мелодиска линија. И тоа јас го искористив за 800 години Хиландар и по тој повод во 1998 година направив концерт. Тоа беше прекрасен концерт. Ми помогнаа и другарите, без пари. Велат – ќе го направиме тоа за тебе, јас им велам- не за мене за сите нас! И го направивме…
Copyright
Фото: Јована Крстиќ Нољица
Публицитет.мк








