Пештани пред сѐ е рибарско село. Главно занимање и еден од главните приходи за опстанок на Пештанци е риболовот. Речиси нема домаќинство кое не располага со рибарски прибор или кајче. Тие се родени рибари бидејќи риболовот низ вековите им бил основен извор од каде што ја обезбедувале својата егзистенција уште од најстари времиња. Токму поради рибарењето, тие уште од дамнина, ја одбрале својата локација за живеење веднаш крај брегот на Охридското Езеро. Во рибарењето било вклучено, речиси целото семејство. Мажите вршеле потешки работи, додека жените и децата биле ангажирани околу плетењето или крпењето на мрежите.
И не случајно ги спомнав жените. Сакам акцентот да го ставам на жената –пештанка и нејзиното постепено калење во цврста и нескршлива личност.
За разлика од денес, порано, семејствата во Пештани живееле во поголеми заедници. Се разбира таквиот начин на живеење го диктирале тогашните економски и политички услови. Клучната улога за хармоничниот живот во едно семејство и припаѓа на жената. Зошто? Затоа што симбол на обновата и носител на виталната сила во космосот е токму таа – жената. Како мајка и родилка, таа е способна да застане наспроти сите надвиснати зла и да го износи на сопствените плеќи огромниот животен товар. Оваа констатација важи и за жената – пештанка. Била сиромашна, моќна но истовремено и кршлива, немоќна. Ова е речникот за вечната женска судбина на пештанката некогаш. Умеела храбро да ја поднесе секоја болка. Од кого ли научила, се прашувам? Се разбира, од нејзината прабаба, баба, мајка. Таква била женската судбина. Таа морала да биде потчинета во таа семејна заедница. И колку и да била уморна, стоечки ги извршувала сите обврски. Кога мажот уште од ноќи тргнувал на риболов, таа станувала и го испраќала со парче леб во рибарската торба со желба за добар лов, бидејќи од тоа живееле. А потоа,и таа го почнувала својот од во текот на целиот ден. Се собирале по неколку комшивки и заедно уште ноќе тргнувале во планината по трески, дрва. Се плашеле ли? Секако, да,но со песна на усните и со шеги разбирливи само за нив го продолжувале патот. Се враќале, ќе употребам оригинален пештански збор, вежани, со дрва и трески на сопствениот грб за да ги згреат своите деца,за да подготват ручек за целото семејство. А, кога мажот ќе се врател од риболов,оваа неуморна жена земала риби во рацете и одела пеш дури во селата во Дебрца да ги замени за жито, брашно за да ги прехрани гладните усти дома,бидејќи владеела сиромаштија. И пак,вредните женски раце не престанувале со работа. Везеле кошули, клашенци за женската народна носија бидејќи во тоа време сите оделе во народна носија. Интересен бил начинот на кој ја переле својата облека. Грееле вода во котли покрај езерото и переле со луга(пепел), а потоа ги сушеле на специјални сушални (дрвени прачки покрај брегот поврзани со добро познатите ортоми од влакот.). Така го белеле и платното, испружено на чистите бели езерски камења за да можат директно на него да паѓаат сончевите зраци. Неуморна била таа. Одела и како аргатка по богатите имоти на Охриѓани, и тоа пеш изложена на разни временски состојби. И сосема е разбирливо,зошто ако погледнеме некоја стара фотографија на млада пештанка ,таа изгледа постара отколку што била. Времето оставило траги на нејзиното лице.

Како поминувале годините низа пештанци кои се добро познати како градежни работници заминувале во летниот и есенскиот период на пробивање на шумските патишта. Заминувале на изведување градежни работи во Кувајт, Сирија и Ирак. Таа останувала сама со своите деца ,свекор и свекрва доколку ги имала. Впрочем, таа секогаш останувала врзана за домот за да ги чува огнот и пепелта во огништето. Таа раѓала,доела,лулала и пеела заспивалки кои наизменично некогаш биле сменувани со тажаленки. Страшно било за жената-пештанка кога ќе останела сама или кога мажот ќе и умрел. Тоа ја боли, силно ја боли. Но,храбра била таа. И повторно како феникс од пепелта се издигнувала и пронаоѓала мотив за животот понатаму. Целиот живот и бил составен од лекции за трпење и сила,лекции за школата за болка. Но, таа некаде длабоко во себе секогаш пронаоѓала сила да се исправи и да тргне понатаму застанувајќи само за момент,за да го растовари товарот рамномерно.
Животот оди по нагорна линија. Како поминувало времето,Пештани станува едно од најатрактивните туристички места и пионер во селскиот туризам. Него најнапред го откриле Холанѓаните во 60-тите години на 20-от век истовремено користејќи ги благодетите кои им ги нуди природата на ова село и љубезноста на нивните пештанки кои благодарение на мудроста- тој највисок чин во хиерархијата на човековата благородност, успеале да ги привлечат туристите со низа домашни специјалитети. Така, тие ги облекувале во народни носии,им подготвувале риба, рибна чорба, ѓомлезе, палачинки и ги служеле со домашни приготвени сокови од капинки, вишни, дренки. На тој начин заработувале пари кои биле навистина од големо значење за текот на зимскиот период.
Гладта на душата,за потребата на човечкото суштество само да ја одбере својата цел и да ја пронајде животната слика,ќе ја натера и оваа намачена жена-пештанка полека,но сигурно да се освестува. Таа се обидува да побегне од судбината на своите прабаби,баби и мајки и да го земе животот во свои раце. И така акцентот таа го става на своето образование па денес ги имаме пештанки како успешни економистки,професорки,правнички,докторки…
Но, пред се, таа жената-пештанка денес е една љубезна и насмеана жена-газдарица на модерни туристички објекти и апартмани. Таа нејзина љубезност се должи на една цел: да привлече што поголем број туристи и да реализира побогата туристичка сезона.

Пишува: Бети Лазеска – Симоноска
Публицитет.мк