Во негови очи „Нишвил“ има културна мисија! Во наши очи и тој има мисија на „Нишвил“- да ги постави најважните прашања на настапувачите, да ги запознае, слушне, и потоа и да даде значајни и адекватни констатации.
Овој преубав фестивал летово (16-19 август) ни даде можност да помуабетиме на повеќе теми за и околу повеќе работи, и временски и суштински.
Слободан Стојановиќ ака “Боби џез” е познат професор по социологија во Ниш, музички колекционер и фестивалски соработник од сенка.
*Почитуван Боби, низ годиниве Ве запознав како музички познавач и ентузијаст, а меѓудругото сте и еден од кумовите во „Нишвил“, кога станува збор за самото име…
- Ако зборуваме за именувањето и родословот на Нишвил, да, така е. Сето тоа потекна откако, своевремено, месец два пред тоа, еден од најголемите српски поети со нишко потекло Зоран Чириќ- Магични напиша збирка раскази за Ниш со наслов „Нишвил“. Тој е автор со награда од списанието „Нин“, најзначајната книжевна награда за романи во Србија. Подоцна јас предложив тоа име да премине во светот на џезот, кога на Стјепко Гут му дадов идеја така да наслови една своја песна, „Нишвил“, а тој ме праша како тоа би се напишало на англиски. Нишвил- Нешвил? Нешто така. Ја сними со група од 17 најзначајни американски црномурни џез музичари и целиот албум го наслови „Нишвил“. Албумот се објави во Америка и премина и на радиостанците. Иван Благовиќ (основачот и
директор на „Нишвил“) има извореден деловен осет во најблагородна смисла. И кога се трансформира името на неговиот фестивал од КПГТ стана „Нишвил џез
фестивал“. А, Стјепко кога имаше концерт со „Белградски биг бенд“ пред 10.000 луѓе ја
раскажа приказната за името.
*Би рекла, сега веќе имате обврска и како кум да ги посетувате на сите концерти. - Имам, точно. Благодарам на добрата забелешка. Веројатно е, да кажам, човечка и голема констатација. Да имам одговорност за своето чедо, кое не е само мое, но јас зборувам од свој агол.
*Дали Вашата година почнува и се брои од „Нишвил“ до „Нишвил“?- (се смее). Тоа е најзначајниот културен настан за Ниш и Србија, покрај Белград. Но, ова не е само џез фестивал, има и реге, и рок, значи, апсолутно, речиси сите можни и неможни жанрови. Фестивалот има културна мисија, баш културна, да образува млади луѓе за светот на музиката, и кога на него ќе гостува група како што е „Бони М“, или некое друго значајно комерцијално име кое не припаѓа на џезот, ќе се „прелажат“ и ќе дојдат што повеќе луѓе, кои потоа стануваат потенцијални џез слушатели. Така што, за мене тоа е голема радост, празнична…макар што сум врзан и за „Белградски џез фестивал“, но и за „Скопски џез фестивал“. На „Скопски“ доаѓам од 80-те години, иако имавме џез фестивал во Ниш и пред „Нишвил“.

*Колку долго трае Вашата џез историја досега?- Мојата џез историја трае со години, јас од четвртата година гимназија одам на „Белградски џез фестивал“, до
ден денес. Од 1971 година. Значи 55 години одам на концерти. Знаете како, овде во деведесеттите, беа тешки времиња, така што и „Белградскиот“ едно време прекина и го наруши континуитетот. Па организираа „Самертајм џез фестивал“, но потоа сѐ се врати во нормала.
*Живеете во свој свет, дефининитивно, обвиткан со музика. А дознав дека сте голем колекционер.- Јас сум професор по социологија, така што светот на книженоста, културата се моја сфера на интерес, а музиката најмногу. Имам преку 5.000- 6.000 плочи. Кога бев дете, тоа беше во 60-те години, татко ми работеше во Белград, и кога ќе се вратеше ми носеше рок музика, најзначајните синглови, а постепено и лонгплејки, „Битлси“, „Ролингстоунс“ и потоа почнав сам да си купувам, откако го почнав мојот поход по концерти.
*Се сеќавате кога за прв пат отидовте на нечиј концерт?- Мојот прв концерт беше на мои 11 години, но кога зборуваме за „официјален концерт“ беше на мои 17 години, на летната сцена во Ниш. Беше преполно повеќе од 3.000 рок „навивачи и навивачки“, во тој период беше „битлманија“. Но, мојот прв концерт не беше домашна, српско – југословенска група, туку англиска, на која жал ми е ѝ го заборавив името, но потоа нивниот пејач знам дека се префрли во некоја позначајна група. Но, одев на секакви концерти, не само на џез, и имав среќа, во 70-те години да ги посетувам концертите на великаните на џезот, уште беа живи. И Дјук Келингтон настапуваше во Белград во 1971 година, и Ела Фитџералд…
*Се запознавте со некои од нив?

-Да, да. Стив Гросман, Дејвид Либман, тоа кога бев студент…Бев на „Њупорт џез фестивал“, знаете дека најзначајниот светски џез фестивал е “Њупорт” во Америка и дел од тој фестивал беше во Белград, траеше три или четири денови. И јас во 1972 година дури два пати во иста вечер го слушав Мајлс Дејвис. Се направи фестивал, се започна со и со џемсешни, веќе во Дом Омладине, култно белградско место. Првиот неверојатен џемсешн беше подобар дури од џез концертите, со импровизации, а креацијата на уметниците од Америка и атмосферата беше неверојатна. И тогаш имавме величествена музика во живо, потоа беше “Кени Дру Трио”, од Копенхаген и имавме извонреден тапанар, Ед Тигпен, кој беше еден од најдобарите мајстори на чинелите. Доаѓаа и музичари кои сакаа да избегнат расизам каде што имаше… Знаете се свиреше сѐ, од Ела Фидџералд, која е најсублимна пејачка за џез, до буквално сѐ, така што тие беа основа за џемсешни. А потоа и големите музичари и младите музичари се придржуваа, така што, тоа беа неверојатни свирки. Е сега ќе ви откријам тајна, поминаа толку години можам (се смее). Веќе на следниот џез фестивал, поточно во 1973 година, открив, дека по концертите, кои се случуваа од 18 до 21 часот и од 21 часот до полноќ, зад сцена можат да одат најмлади луѓе. И јас купував билети само за публика до 18 години, и тогаш влегував таму каде што беа музичарите, во бекстејџот. Но, не со главните имиња, но со младите музичари, и тогаш се научив на спонтаност во разговор, така што мојето искуство на опуштеност и на природна комуникација, како млад човек кој сака добра музика, се создадоа уштр тогаш и ги задржувам по сите овие години. Како се вели тоа, “Након свих ових година” (“По сите овие години”, се смее).
*Се случило ли некогаш нешто интересно меѓу вас и музичарите кои доаѓаа на „Нишвил“?- Имаше многу случки. Навистина сум им благодарен што многу луѓе сакаат да зборуваат со мене. Мене лично ми е најдрага и најзначајна средбата, разговорот,
пријателството со нашиот најзначаен џез трубач, Душан Гојковиќ, кој според мене најверојатно е најголемиот европски џез трубач и мислам дека спаѓа и во светскиот врв. Добро, можеби не може да свири како Мајлс Дејвис, но по звукот, по убавината, по волшебната магија, звукот кој го создаваше понекогаш беше нешто како Џеф Бејкерс.
Навистина е голем, голем трубач. И баш, се запознавме ние на, не така голема сцена, на некој фестивал, кога тој имаше 79 години. Потоа во пролетта, кога наполни 80 години, имаше јубилеен концерт, и по разговорот, се спријателуваме, седиме во кафуле и муабетиме. Јас му велам: Душко, сега зборуваме за сè и за твоите џез плочи, „Белград Блуз“ и посебно „Свингинг Македонија“. Споменувам намерно, ми дојде идеја да ви зборувам поради моите омилена плочи на Душко, а тоа е превенствено е „Свингинг Македонија“…Тој направи мелодии од Македонија, макар што е родум од Бања Лука, и умее и босански песни да преточува во џез. Душко Гојковиќ кога слушна дека ги имам неговите плочи, а и „Свингинг Македонија“, ми вели „Дали ќе ми ги подарите тие плочи?“. Јас му одговорив „Во целата мојата џез колекција, таа веројатно ми е една од најомилените плочи, еве сега се наежувам кога зборувам, вклучувајќи го и Мајлс Дејвис, зашто тоа е нашата душа, нашата музика. Мене тоа ми е величество, но ќе ви ја подарам“. И Душко вели- „Ма немојте, само се шегував да видам како ќе реагирате“. „Само да знаете, му велам, дека за неа во Јапонија плаќаат големи суми. Но, кој може да дојде до тие лкои имаат да платат по 5.000 долари од плоча, на пример некои луѓе од типот на директор на Сони, да речеме. Секако, јас не можам да дојдам до нив, но драго ми е што посебено се ценат вашите плочи“. И Душко Гојковиќ тогаш ми раскажа дека во Јапонија има џез клуб, во кој се свири само негова музика и цел клуб е обложен само со негови плакати.
*Факт за гордеење. Како што и вие Нишлии сте горди со вашиот Нишки фестивал.- Апсолутно. Ова е од есенцијално значење за култура, не само на Ниш, туку и за Србија.
Оваа година имаше малку помалку од жанрот „џез“ отколку порано, но беше извонредно успешен фестивал. И комерцијално, и за луѓето. За да преживее фестивалот, кој е приватен, мора да има комерцијална ориентација и да се поканат и „Бони М“. Имавме преубава последна вечер со великаните на нишката рок сцена, од најстарите до најмладите… Од „нишките Битлси“- „Далтони“, до балкански познатите „Галија“ кои славеа пет децениски јубилеј, и младите „Лавина“ и „Бохемија“. Но и оваа година имавме три вистински значајни џез бендови, големи џез имиња, пред сѐ Пакито Д Ривера. Но, убедливо најдобар концерт имаше Тони Китановски и „Афро“. Апсолутно, единствен и креативен. Тоа повеќе е вордл мјузик поради Баба Сисоко кој настапи со него, а Баба Сисоко и неговите африкански гитари и неговите тапани кои разговараа, се чиста магија.
*Тој на бина смисли и српска песна… „Хвалаа, хвала“.
-Знаете како? Големите џез музичари некогаш се деца во душа. И еве и Баба Сисоко кој е светски музичар е еден од нив. Кога ќе почувствуваат дека публиката ги почитува, тие ги даваат своите души на музиката, и ќе го доживеат тоа повратно чувство од публиката. Така што, Баба Сисоко, почувствува и битно сфати како да се заблагодари и како се заблагодарува на српски јазик, и потоа повторуваше
преку мелодија „хвала, хвала“. Тоа се тие преубави доживувања на овој фестивал.

*Имровизации кои се трансформираат во филозофија, во музичка и човечка смисла.- Има луѓе на кои тој некој филозофски аспект им е близок. Може Тони Китановски да размислува филозофски. Секоја музика има филозофија ако е длабока, независно дали е фолк, џез, или рок. Музиката секако има поглед на светот кој може да го крстиме со високопарно име, не само филозофија. Не би ја одбегнал таа високопарност и повеќе сакам да речам „голем поглед на светот“, отколку само филозофија. Но мене ми е многу важно она чувство кое го добив од нивната музика, да го истакнуваат надлабокиот корен, најдоброто од еден народ. Она што го прави животот поблагороден, што му дава убавина и на религиозните магични обреди. Како на пример свадба. Сѐ тоа се магии – раѓањето, свадбата, смртта, тоа е најзначајно во човечкиот живот. И тоа е пренесено во музиката, така што тика се и корени кои се длабоко вткаени во земјата, а потоа преку нашето срце оди во небеските простори, во Вселената. Тоа е поврзувањето на најдлабокото – ние сме втемелени со нозете во земјата, а преку срцето и духот, одиме во тој вселенски небесен простор. И тоа добива една голема религиозна димензија. Како што Влатко Стефановски го има во наслов на групата она што е важно за нашиот живот и со кое пречекуваме гости – леб и сол. Така и со изведбата на Баба Сисоко, кој со помош на Китановски, осетува, слуша, поддржува, навестува, предвидува, соработува. Сисоко е најеминетниот артист од Африка. Општо за мене таа музика е најголема светска музика во последниве 30 години.
*Таа музика има експлозија, секогаш.- Таа музика има ритам, чувство на срцето, тоа не е строго професионално, тоа се работи од душа. Тоа ми беше на овој фестивал, далеку над сѐ. Втор концерт ми беше Сточело Росенберг. Знаете како, тие живеат во Франција, Белгија, тоа големо семејство. Тие по вредност се исто така чиста магија, тоа го рече и мојот пријател Влатко Стефановски на сцена. Баш истакна „голем музичар“, а ако некој знае што е голем музичар, тоа го знае магот на гитара, нашиот господин Влатко Стефановски.
*Кој друг концерт оваа година го заслужи Вашето внимание?- Пакито да Ривера. Тој е човек кој сака хумор. Баш хумор. И знае и да свири првенствено кубанска музика, а потоа и сериозна музика, и Моцарт и Шопен. Тој е кубанец. Една од најголемите светски музики е кубанска. И нашата музика е, и македонската, и босанската, првенствено македонската, според мене е најголема светска, но нема таква едноставност. Некои од нашите ритми се сложени, за да светот ги игра. А кубанската ја има таа магија на сензибилност и лесно се прифаќа. А во Ниш пред неколку години настапуваше една кубанска група од Хавана, една од најстарите дури и многу подобра и од „Буена виста сошл клаб“, иако ви изгледа неверојатно. Но, тие направија магија, магија, магија. Седум луѓе само со акустични гитари. Со најстариот од нив се спријателивме на пресот. И тој, додека стојам во првиот ред покрај бината, прекинува да свира на гитара, ми приоѓа долу и ми пружа рака да се ракува со мене. Ме зема за рака, ме качува на бина да танцувам со него. За чудо, не се посрамотив, добро играв. Преубаво. И тоа е еден детал кој е и музички и немузички, со кој се гордеам. Го има некаде архива, јас немам ништо. Дури во својата архива немам ни фотографија како на „Нишвил“ му предавам награда за животно дело на еден светски музичар. Тоа беше пред короната.
*Не случајно го правиме овој разговор во музејот на „Нишвил“, а се наоѓаме во собата на Соломон. За него велат го имал најдобриот концерт кој се случил овде, а знам Нишлии најмногу се гордеат со концертите на Шабан Бајрамовиќ. Се согласувате?
-По мое лично, субјективно, персонално мислење, Соломон Барк е најголемиот соло пејач. По длабочината на емоција, мислам дека најдобри соло пејачите се Арета Френклин, Отис Реј. Тие се поголеми пејачи од џез пејачите. Ако ја изземеме пејачката над сите пејачки, тоа е Били Холидеј. Која емоција ја дава, невидено. И нешто од белата музика, најприближно што е можно, до Били Холидеј, иако е невозможно, тоа е Еми Вајнхаус. Трагично што се случи со неа, и тоа баш во Србија (нејзин последен концерт, кога здравственонсе сруши на сцена). Оваа година имавме прилика да го слушнеме нејзиниот бенд. Тие по манири, чувство, трудот кој го вложиле е навистина максимално. Невозможно е да с3 биде Еми Вајнхаус, ти мораш да го имаш тој живот за да пееш така. Но, пејачката Бет Морис, која сега ги пее нејзините песни, тоа го направи со максимална посветеност и љубов кон Вајхнаус. На пресот се запознавме и зборувавме. И како што јас спомнав некои детали и моменти од животот на Ејми, а и двајцата спомнавме, ни поминаа морници. А, кое почитување го има кога ја спомнува Ејми, е тоа е за почитување.
*Ве фотографирав папарацо кога муабетевте…Дали мислите да напишете книга?- Греота е што веќе и не напишав досега. Треба веднаш, имам случки веројатно најмногу од сите, зашто разговарам овде и на пресот, потоа на нивните проби, а и по концертите. Тоа искуство го имам уште од времето откако само што матурирав во гимназијата, отидов на „Љубљанскиот џез фестивал“. И таму веќе на пробите научив да разговарам со музичарите, и пред пробите и потоа. Ги гледам точно што прават на бина, им приоѓам покрај бина, како реагираат, како реагира публиката на нивната музика. Тоа што е најважното е всушност реакција на музичарот. Но, тоа се детали, ако ги не забележиш и запишеш веднаш, исчезнуваат од сеќавање. А јас одам на разни настани, да речеме на „Театар на Раскршчу“, на филмскиот фестивал, се запознавам со режисери и глумци и разговарам. Ако не ги забележиш веднаш тие сеќавања, се поматуваат. Тоа го знам бидејќи имам некое искуство од 55 години
*И вие имате јубилеј, две петки – 55. Браво за посветеноста. Која група ви сакате да ја гледате и слушате на Нишката тврдина?- Винтон Марсалист. Том Харел беше веќе еднаш во Ниш. Тој е трубач. Јас бев во Белград на негов концерт, свиреше во иста вечер со Фреди Хабард. Фреди Хабард е големо име, но, Том Харел во тие години беше повеќе.
*А џезот првенствено лежи во трубата…- Па да. Саксофонот тргна дури во 30-те години. Значи џезот не започна со саксофонот, започна со труба5а. Во тоа време, во дваесеттите години на минатиот век, уметниците се качувале на приколка на камионет со инструменти кои можаат да застанат во камионет и по улици го промовирале џезот. Зошто сега воопшто зборувам за тоа? Иван, директорот, кој навистина е генијалец, ја сфати таа основа и постојано внесува иновација во сѐ и сешто. Носи младо групи да свират по пазари, оди со камионет низ Ниш, дели билети на луѓе кои не може тоа да си го дозволат… Годинава на фестивалот едно до друго постави две големи бини, за да нема чекање на публика при менување на бендовите кои настапуваа. Тој е театарски човек, соработник на Љубиша Ристиќ и во 80-тите години имаше авангарден театар, а како студент ги режираше студентските претстави. Знае да ја оживее уметноста, да ја покрене духовната вредност. Оливер Белопета, директорот на „Скопски џез фестивал“ е свесен кој потфат е тоа. Во Белград како да не се свесни и како да се љубоморни. А некои се и расипани, потценуваат. Знаат да кажат “Еј не слушам јас „Бони М“, го слушам само Мајлс Дејвис…”. Но знаете како, тоа е снобизам. Ти можеш најквалитетна џез музика да слушаш, но чекај овде има млади џез групи кои доаѓаат да свират за прв пат. Почетници. Испочитувај ги тие почетници. Секако дека ќе има љубомора, завист, блокади, има и кон Иван, и кон вашиот Оливер, тоа се нашите слабости, маленкости… Но, да споменам уште нешто, не би можел комерцијално да преживее фестивалот ако биде на ниво за 100-200 луѓе и ако нема комерцијална музика која е врвна во својот жанр.
*Добро е да се има тој еклектизам во себе- Некогаш повеќето се ограничени, добро, јас тоа да го почитам. Има луѓе кои такви се по карактер- ова е мојата нива, надвор од тоа ништо не ме интересира! Нема проблем. Добро, слушајте рок, или класична, или џез, но тоа не значи дека нема и други музики. Има и европска, има и африканска. Почитувај! И Јапонија има врвна музика, и Србија има врвна, и Куба, или Америка. Секој го дава од себе најдоброто од својот менталитет и својата карактеристика која е генетски во нас.
*Прекрасен, исцрпен разговор со еден од кумовите…- Мене тоа ми е многу симпатично речено, ама да, сепак сум еден од кумовите.
*Ајде, ако „Нишвил“ му е неговото име, кое му е презиме?- Радоста на музиката.
- Радоста на музиката? Толку убаво звучи.
- Толку добро прашање.
*И добар убав одговор. „Хвала, хвала, хвала“.
Валентина Ѓоргиевска Парго
copyright
Публицитет.мк








