Од 3 до 7 јули во организација на Агенцијата за иселеништво во Охрид и Струга се одржа „Иселенички фолклорен фестивал“.
Учествуваа над 150 игроорци од шест фолклорни друштвата: КУД „Македонка“ од Виена, Австрија, МКД „Св.Кирил и Методиј“ од Крањ, Словенија, МКД „Охридски бисери“ од Нова Горица, Словенија, Ансамбл „Сонце“ од Крајова, Романија и МКД „Браќа Миладиновци „Осиек, Хрватска, КУД ,,Разиграна Македонка” од Квинбијан, Австралија.
На третиот ден на Иселеничкиот фолклорен фестивал се одржа фолклорна работилница на тема: “Охридска свадба, традиција и култура на Варош и Велгошти” обработка на охридско староградско “Сирто оро”, “Лакочерјеско оро” и “Велгошко оро”, одржана од страна на уметничкиот раководител на КУД “Ѓердан од бисери” Татјана Узуноска -Тренеска.
Игроорците со големо внимание и интерес активно учествуваа на работилницата со надеж дека ново научената кореографија ќе биде дел од нивната програма.
По работниот дел, уметничкиот раководител на КУД “Ѓердан од бисери” Татјана Узуноска -Тренеска одржа средба со раководствата и уметничките раководители на иселеничките културни друштва на која се утврди дека е потребно организирање на семинар на кој учество ќе земат уметнички раководители на сите иселенички културно-уметнички друштва, на кој ќе се одржат работилници и предавања на теми кои ќе им бидат од голема полза на фолклорните друштва во иселеништво.
Сите учесници ја поздравија идејата со надеж дека во иднина ќе се реализира.
-Оваа активност се поклопи со проектот поддржан од Министерство за култура “Охридска свадба”, во тек сум со истражување под менторство на м-р проф. Благица Илиќ и дел од тоа им го пренесов за обичаите и традиција во Варош и Велгошти на учесниците. Наскоро ќе ја започнам со моето друштво и реализација на сценската адаптација “Охридска свадба“, ни рече Узуноска – Тренеска.
Публицитет.мк