Повремените врнежи од дожд изминатава недела придонесоа нивото на Охридското Езеро да се искачи само неколку сантиметри над дозволениот минимум, меѓутоа цел месец претходно беше под тоа ниво. експертите сметаат дека причина за ваквата состојба е искористувањето на езерската вода за производство на електрична енергија, атак кој мора да прекине, бидејќи остава далекусежни последици врз целиот екосистем.
Иако Охридското Езеро егзистира повеќе од 2 милиони години и е на врвот на Светската листа по богатството на видови, особено на ендемични, луѓето врз него вршат засилен антропоген притисок покрај сето она што му се случува поради неповолните хидролошки услови. Користењето на езерото како акумулација предизвикува интензивни осцилации на неговото ниво, особено на крајбрежниот појас и му нанесува огромни штети на живиот свет.
„Сето тоа предизвикува стресни моменти за животинската и растителната заедница на Охридското Езеро. Предизвикува промени во нивните животни циклуси, начинот на живот, начинот на исхрана, начинот на раст, развој и размножување. Несомнено би можело да доведе и до изумирање на одреден број на растителни и животински видови“, изјави д-р Орхидеја Тасевска – директор на Хидробиолошки завод Охрид.
Годинава имаше потпросечни врнежи, а годините наназад отсуствуваше и снегот, но тоа не е главната причина за драстичното намалување на езерското ниво, велат од УХМР.
„Секако тука е присутно вештачкото влијание врз него преку менаџирањето и управувањето со водите од езерото преку двете регулации во Струга. Така што во голем дел состојбите по однос на водостојот и водите во езерото се наметнати од друг вештачки диктиран режим на испуштање и контролирање на водата во езерото“, изјави Атанас Угрински-раководител на одделение-УХМР.
Со децении наназад испустот кај Дрим се регулира со талпи што е недозволиво за езеро со уникатна вредност кое е под заштита на УНЕСКО. Поради тоа експертите бараат што поскоро да се постави софистициран систем за испуштање на водата.
Извор: www.mrt.com.mk
Сашо Нелоски.