„ЗВУКОТ НА КОРЕНИТЕ“ е насловот на најновиот музички албум од композиторот и инструменталист, маестро Гоце Џуклески. Корените зборуваат најгласно, а најчесто се слушаат токму преку музиката и преку традицијата, вели Џуклески.
Овој музички албум е 26. по ред, а тоа значи дека, како што е познато, обемно и разновидно е целокупното дело на Џуклески. Имено, со години и со децении тој успешно и професионално се вложува во македонската музичка култура, како важен дел од идентитетот и посебноста на македонскиот народ. Неговиот стил на музицирање е кристално чист, благороден, неверојатно динамичен и подвижен, а воедно и чудесно уметнички индивидуализиран. Сето ова, поврзано со силната творечка личност, од Џуклески прави уметник кој обезбеди значајно место во македонската музичка култура. Како поткрепа за тоа се и големиот број добиени признанија и награди од различни фестивали, институции, здруженија и слично, како во нашата држава, така и во странство. Тука се и повеќето реализирани документарни и документарно-музички емисии од страна на МРТВ, како и од други телевизии и радија, но и големиот број позитивни рецензии и коментари од страна на стручната и научната музичка јавност. Оттаму, очигледно е дека ората и песните на Гоце Џуклески претставуваат не само значајно збогатување на вкупниот фонд на македонската народна музика, туку и на македонската култура воопшто.

Компакт-дискот е во издание на Рекордс Сенатор – Битола, а како аранжери на неговите инструментални композиции се јавуваат компетентни луѓе и врвни професионални уметници, негови долгогодишни соработници, и тоа: Дамир Имeри, м-р Сашо Ливрински, Славко Ристески и м-р Наум Џуклески. Како гостин, на една од нумерите на овој носач на звук, се јавува неговиот пријател – афирмираниот кларинетист и професор по музика, м-р Благојче Трајковски.
Но, уметничко-творечките активности на Гоце Џуклески не завршуваат тука. Имено, и оваа година Џуклески со свои композиции продолжува да учествува на некои од претстојните фестивали, како „Охрид фест – Охридски трубадури“ и други. Исто така, во текот на оваа година, во соработка со м-р Сашо Ливрински, треба да излезе од печат неговата нова книга со нотни записи, со наслов „Авторски ора од Гоце Џуклески“, каде што ќе бидат поместени 75 ора, односно неговото целокупно досегашно инструментално-орско творештво. Се работи за многу значајна публикација и истата несомнено треба да им послужи на нашата и на странската музичка јавност, на вљубениците во македонскиот и балканскиот народен мелос, на професионалните музичари, на младите инструменталисти, како и на композиторите што бараат инспирација за своите дела во македонскиот и балканскиот музички фолклор.

Вреди да се спомене и соработката помеѓу Гоце Џуклески како композитор и Милчо Јованоски како текстописец, поврзана со новото вокално-инструментално музичко дело „Плаче зората“, кое ќе биде заокружено во изведба на Боби Поповски, уметник со кадифен вокал во придружба на неговата гитара.
За крај, да го кажеме и следново: Продолжува да плови музичкиот брод на Џуклески низ непознатите пространства на волшебниот свет на музиката. Да му посакаме уште многу творечки успеси.
Публицитет.мк








