Охрид отсекогаш важел за град каде што македонските граѓани и странците, покрај во убавините и културното наследство, уживаат и во чистиот воздух. Се чини дека епитетот воздушна бања полека се губи во одредени периоди од годината, особено во текот на грејната сезона кога многу често воздухот е загаден.
Велат дека Охрид е воздушна бања, која со своите 700 метри надморска височина е идеална локација и за лекување на лицата со кардиоваскуларни заболувања. Сепак, експертите тврдат дека не може да се каже дека градот го заслужува тој епитет во текот на целата година. Загадениот воздух е особено присутен во текот на зимските месеци кога граѓаните, освен дрва и пелети користат и нафтени деривати.
„Чувствуваме мирис, особено во зимскиот период од октомври до март месец, кога голем број на индивидуални ложишта се активни и произведуваат загадени материи. Чад, прашина и да не зборувам за ПИ-ЕМ честички, и да не зборувам за некои сулфурни, азотни оксиди, јаглерод моноксид и сето она што го прати аерозагадувањето“, вели Сашо Точков, директор на Центар за јавно здравје – Охрид.
Веќе стана акутен и проблемот со депонијата „Буково“ во која многу често во текот на летото од несовесни граѓани се подметнуваат пожари и гори неселектирани отпад. Притоа се ослободуваат штетни честички кои ја загадуваат охридската котлина.
„Штетноста од горењето на неселектирани отпад, како од депонија, предизвикува најразлични канцерогени материи. Само да спомнам дека додавањето на адитиви во производство на гумата, создава канцерогени материи“, дополни Точков.
Треба да се каже дека и се поголемиот број возила во градот го загадуваат воздухот, а нивната бројка преку летото се удвојува.
За загаденоста голем удел има и масовната урбанизација, односно, високите објекти кои се изградија на крајбрежјето, бидејќи го оневозможуваат струењето на воздухот кое во минатото од езерото доаѓаше и во останатите делови на Охрид.
Извор: www.mrt.com.mk Сашо Нелоски
Публицитет.мк