Целиот работен век од близу 38 години, но и претходниот хонорарен стаж од 1986 кога прв пат напишал новинарски текст, познатиот охридски и македонски новинар Сашо Нелоски му остана верен на тогашната РТС а сега јавниот сервис МРТВ.
Токму во периодот на неговото вработување и децении потоа беше престиж и чест да се работи во и за МРТ.
Зад работниот век на Сашо Нелоски, како што сам пресметал стојат импозантни над 14 000 текстови кои поминале низ етерот и секако оставиле трага во глобалниот медиумски простор.
Тешкиот новинарски леб со девет кори го трасираше сам, преку прилозите и репортажите кои со висока професионалност ги подготвуваше. Со стотици линковски јавувања во живо известувајќи од и за бројни настани, бидејќи Охрид, по Скопје е магнет за тоа.

Беше прв од Македонија што влезе во Поградец со камерманот – покојниот Љупчо Шурбаноски по падот на Енвер Хоџа а околу нив фрчеа куршуми и бомби. Ја следеше авионската катастрофа во Охрид, езерската трагедија на бродот Илинден…
Беше прв што го забележа со камера доаѓањето на првиот македонски војник во нашата македонска армија како и заземањето на првата македонска караула на која започна да се вее македонското знаме кај Св. Наум…
Секако имаше и стотици релаксирани прилози особено Охридско, Балканскиот фестивал и низа успеси на многу личност во многу области што го прават животот поубав.
Неповторливи времиња ќе рече тој. По осамостојувањето на Македонија и ние новинарите ја сфативме таа задача дека градиме држава. Работевме со елан без да гледаме на часовникот и дали е ден или ноќ.

Сашо Нелоски со камера и без неа со соработниците сниматели ги издржа сите голготи и на самата куќа и Дописниот центар во Охрид, простор убаво замислен да се развива а некој за жал дозволи да пропадне.
Нелоски во медумската заедница во Охрид важи за едно од најобјективните новинарски пера, респектиран од колегите но и од соговорниците сите овие години наназад.
Денес му е роденденот а од утре ново поглавје во животот. Ќе почне да му тече пензискиот стаж.
Токму, јас неговиот колега Милчо Јованоски му посакувам да има челично здравје, никаков стрес, убава пензија и како што често се шегуваме да ме чека за околу две и пол години заедно да седнеме на клупа близу езерото и безгрижно да ги минуваме деновите. И како сите пезниоенри да си кажуваме: – Ех како беше во наше време…

И дозволете да бидам малку личен и директен. Тоа не значи дека го узурпирам сопствениот медиум за сопствена промоција, туку напротив во многу случаи сум зборувал и пишувал за другите отколку за себе.
Сашо и јас речиси истовремено, во разлика од еден месец ја започнавме професионалната кариера. Тој во РТС јас во Радио Охрид.
Нашата професионална дружба прерасна во едно нераскинливо пријателство кое еве трае и по близу четири децении. Никогаш не сме покажале љубомора еден на друг, ниту сме се дружеле од некаков интерес. За нас веста и убавиот прилог биле на врвот.

Како ретко кој сме биле и се надевам и натаму ќе бидеме поткрепа еден на друг.
Чинам дека никој не го познава повеќе од колегите колку јас него и обратното. И кога солзите почнувале да течат и кога на радоста и’ немало крај. Секако, обострано.
Благодарение на него го искусив и новинарскиот телевизиски израз, како што во Радио Скопје вратата за тоа ми ја отвори покојниот колега Јаким Каневче.

Секако имало и по некоја кавга и недоразбирање. Не траеше ни повеќе од пет минути. Или јас или тој не ќе издржевме и ќе ѕвоневме, да се извиниме и разбереме и ќе продолжевме како ништо да не било
Драг колега денеска слави го роденденот а од утре, сврти нова страница. И не заборавај, те чекам да ме викнеш на бурек и парче торта…
И така секој ден нека ти биде поубав од претходниот. Биди жив и здрав …

П.С.
Сашо не сум сигурен дека кажав се’ за тебе. Знам имам уште многу случки рамни на анегдоти. Ама ај – не е се за јавност. И да по малку ти се лутам што секогаш ме одбиваш за интервју, од оние исповедните во „Мојот живот, мојот свет“. Ќе бидам поупорен времето е пред нас.
Милчо Јованоски
Публицитет.мк








