Во издание на „Студентски сервис“ од Скопје деновиве од печат излезе книгата „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“ на проф. д-р Милан Јазбец, несомнено еден од најзначајните словенечки дипломати и амбасадор на Република Словенија во Македонија во периодот од 2016 до 2020 година, универзитетски професор по дипломатија, писател, поет и некогашен истакнат словенечки новинар, автор на седумдесетина книги од областа на дипломатијата и литературата и на повеќе од 140 научни трудови.
Основна цел на книгата, која е плод на повеќе од две години континуирана истражувачка и творечка работа на проф. д-р Милан Јазбец, е да се претстават личноста и делото на, како што и самиот наслов на книгата говори, бардот на македонскиот журнализам Свето Стаменов кој, како што истакнува проф. д-р Јазбец во својата воведна студија „Свето Стаменов: журнализмот како вокација, определба и живот“, во која ги разоткрива феноменот Свето Стаменов, начинот и елементите на неговото професионално созревање и творештво, со своите повеќе од 3.000 интервјуа со државници, политичари, дипломати, универзитетски професори и личности од политичкиот, стопанскиот, јавниот и културниот живот во земјава и во странство ја „разви категоријата интервју до тешко достапни височини“ и токму затоа, „интервјуто е тоа со кое Свето Стаменов го создаде својот бренд и интервјуто е тоа кое од Свето Стаменов создаде бард“. Свето Стаменов – политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје, еден од првите македонски воени репортери од боиштата во Хрватска и Босна и Херцеговина во почетокот на деведесеттите години на минатиот век, антологичар, хроничар на македонската современост и несомнено еден од најпознатите и најплодни македонски публицисти во последните две и пол децении, автор, коавтор и приредувач на повеќе од 50 книги од областа на меѓународната и внатрешната политика, одбраната и безбедноста, евро и евроатлантските интеграции, меѓукултурниот и меѓуцивилизацискиот дијалог, културата, литературата и, особено, македонскиот стандарден јазик, при што за посбено истакнување се: тетралогијата „Македонски безбедносни лавиринти“, двотомните „Силата на Охридскиот дух“, „Охридски разговори“, „Македонија во НАТО“ и „Јазикот – нашата единствена комплетна татковина“, како и: „Свети Климент Охридски и македонскиот културен контекст“, „Религијата и културата – нераскинлива врска меѓу народите“, „Quo vadis, Македонијо?“, „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ (прво и второ изменето и дополнето издание), „Слово за зборот“, „Како да се нацрта разговорот“, „За македонскиот XIX век“, „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“, „Даница Ручигај: Песна над песните“, „Книжевната критика за Даница Ручигај“, „Скопски разговори“, „Политиколошки вивисекции во етерот“ и „Од Климента до Блажета“, антологиите „Недореченост, о проклета да си“ и „Ден судбоносен: 26 јули 1963“, како и зборниците на трудови „Навраќање кон Конески“ и „Уште едно навраќање кон Конески“, кои излегоа по повод стогодишнината од раѓањето на великанот на современата македонска култура Блаже Конески.
На 620 страници Б-5 формат проф. д-р Милан Јазбец „распостила“ 130 текстови – мислења, осврти, статии и рецензии на книги на македонски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, англиски и француски јазик, преку кои хронолошки квантитативно и квалитативно се следи творечкиот пат на Свето Стаменов во изминатите три децении, односно од неговите 13 сараевски воени денови во април 1992 година па сè до крајот на 2021 година, кога беше заклучена редакцијата на книгата, виден преку очите на седумдесетина македонски и странски негови колеги – новинари, универзитетски професори, дипломати, политичари, писатели… Журналист, како што истакнува доајенот на македонското новинарство Зоран Иванов, кој “целото свое животно новинарско дело, милионите редови вести, интервјуа и други новинарски продукти и вкупниот обемен новинарско ‐ публицистички опус го создава тивко, без врева, без јавни настапи надвор од својата матична новинарска куќа. Зашто, не е таква неговата природа и како човек и како работник да крева прашина за да го сврти вниманието врз својата новинарска и публицистичка работа и затоа во најшироката јавност можеби е малку познат, но во македонските новинарски и интелектуални кругови тој е авторитет, репер за стамен, исклучително квалитетен новинар со свој нагласен професионален интегритет“.
Но, книгата „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“, не говори само за него, за журналистот Свето Стаменов, туку таа е и своевиден хроничар на македонските лавиринти низ кои поминаа македонското општество и држава во изминатите три децении и на сликовит и објективен начин го отсликува долгиот, трновит и неизвесен пат кој го изодија македонските граѓани и нивната држава во напорите за остварување на своите стратегиски, долгорочни и национални интереси, како што се прогласувањето на независноста и ризиците од тој процес, зачленувањето во ООН, членството во НАТО, Европската Унија и членството во сите други меѓународни организации и асоцијации и како таква таа е значаен прилог кон современата македонска историја. Затоа, проф. д-р Димитар Пандев во својата рецензија заклучува дека „Книгата подготвена од Јазбец е своевидна архива не само за насловеникот Свето Стаменов, туку и за македонската журналистика воедно“.
Инаку, Свето Стаменов и проф. д-р Милан Јазбец во 2021 година ја објавија книгата „Скопски разговори“ – збирка на 20 радио – интервјуа реализирани за време на македонскиот амбасадорски мандат на проф. д-р Јазбец во периодот од 2016 до 2020 година и која претставува де факто македонска дипломатска хроника.
Публицитет.мк