Почина композиторот, музичарот и професор Илија Булоски
Уште еден скромен ЧОВЕК замина во вечноста. Благородното срце на професорот по музика и композитор Илија Булоски, престана да чука денеска во 71 година од животот.
Охрид загуби уште една култна личност која музички образуваше генерации и генерации ученици во ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и последните децении од неговиот работен век заедно со неговата животна сопатничка Вера ( исто професор по музика) во ООУ „Христо Узунов“.
Нема кој не се сеќава на нивните музички точки во изведба на хоровите, оркестрите и учениците солисти. Во наследство на нивните млади колеги Илија им остави над десеттина композиции кои „дишат“ со неговиот композиторски дух.
Семејството Булоски – нивната куќа во уличката крај црквата „Св. Ѓорѓија“со години беше моја дестинација. Особено во периодот кога со многу љубов и жар подготвуваме заеднички песни за „Распеаното рибарче“ и најчесто за музички средби и проби со за жал веќе седум години покојниот гитарист и пејач Симон Костоски. Токму композициите на Илија беа моја инспирација за подоцна испеаните грст – хит песни на неколку фестивали од страна на нашиот Симе.

Во овој миг ќе си земам право да ја споменам и мојата и негова колешка Татјана Дурнева која паралелно со мене специјално напиша стихови за неколку песни кои и денес се помнат.
Не се гледавме често, но почитта ни беше голема и обострана. Патувај во Рајот драг Илија и таму заедно со Симе сигурно пак заедно ќе пеете како некогаш по охридските хотели и ресторани.
Да, останаа солзите на плочникот стар и Беше МУЗИКА СЕ’
Милчо Јованоски – Публицитет.мк
Фото: Фејсбук








