• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
недела, октомври 18, 2026
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Аргументи за

155 г.од раѓањето и 100 г. од смртта на Коста С. Шахов – основоположникот на македонската журналистика

јули 5, 2017
in Аргументи за

Коста Шахов од Охрид е една подзаборавена, но многу значајна личност од македонската национална историја. Тој е неодминлив деец во македонската национална и културна историја кој е заслужен во неговата работа на полето на новинарството во втората половина на деветнаесеттиот век и првите две децении на дваесеттиот век.

Тој се појавува како сопственик или како главен и одговорен уредник на 11 весници. Освен весникот „Македонија“ (1888-1893), Коста Шахов ги издавал и весниците: „Дневни Новини“ (1890), „Странник“ (1891), „Глас македонски“ (1893-1898), „Борба за слобода на Македонија и Одринско“ (1899), „Балкански ек“ (1900), „Македонија“(1902), „Борба“ (1905), „Софиски новини“, (1906), „Македонија“ (1908-1912), „Балканска зора“ (1912). Но, со тоа не се исцрпува неговата новинарска дејност. Шахов, исто така, соработувал во многу други весници, како што се: „Реформи“ (1899), „Дебарски глас“ (1909), „Дебар“ (1905) и др., а, исто така, и во списанието „Лоза“ (1892).

Тој е најактивниот македонски публицист од втората половина на XIX век и првите две децении на XX век. Се разбира, Коста Шахов со неговото журналистичко дело е рамо до рамо со Ј. Х Константинов Џинот, со Рајко Жинзифоф, Димитар Василев Македонски, Стефан Јакимов Дедов, Арсениј Јовков и другите македонски дејци, публицисти и литературните раскажувачи од своето време.

Личноста и делото на публицистот и раскажувачот Коста Шахов, се типичен модел во проучувањето на развојни процеси, и состојби, на автори и дела на кои македонската наука сè уште не им посветила соодветно внимание. Целокупното дело на Шахов претставува посебно значајна алка на извонредно многу попречуваниот македонски национален развој. Не занемарувајќи ги претпоставките за недоволното внимание кон Шахов од страна на македонската наука, наспроти неговата извонредно значајна улога во македонскиот национален развој, потребно е натамошно проучување кое ќе се стреми кон синтеза на вредностите на Шахов на повеќе рамништа, но секогаш толкувани и вреднувани од позицијата и со мерилата на неговото време.

Недоволно истражен ликот и делото на Шахов

Коста Шахов е и книжевен деец и тоа е посебно поглавје во историјата на македонската литература од крајот на XIX век и првите две децении на XXвек. Проследувајќи го развојот на македонската проза од почетокот на XIX век, и низ споредбени интенции доаѓаме до современиците на Шахов од редот на македонските литературни творци: Евтим Спространов, Атанас Раздолов, Христо Калчев, Васил Пасков, Никифор Попфилипов, Петар Стојков и уште некои други творци и на оваа „поприлично затемнета епоха и развојна етапа од македонската литературна историја“. Натамошни доистражувања и синтези на овој план би биле интересен прилог кон задоцнетите но нужни дорекувања на македонската литературна наука.

Коста Шахов беше соборец со највидните револуционери и дејци на Внатрешната македонска револуционерна организација: со Гоце Делчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров, Иван Хаџи Николов и др., а неговиот весник „Глас македонски“ (1893) на почетокот беше и орган на Организацијата.

За овој виден македонски деец со својата публицистичка и литературна активност, денес се соочуваме со констатацијата дека нашата наука сèуште недоволно го истражила ликот и делото на Коста Шахов од Охрид; човекот кој се вклучил во движењето на македонските интелектуалци кои се бореле за афирмација на македонската национална индивидуалност; еден од духовните двигатели на македонското национално чуство во последните децении на XIX век и прв претседател на Младата македонска книжевна дружина во Софија, автор на нејзиниот Устав и Правилник и активен соработник на „Лоза“ и уредник на плеада весници. Како основач и претседател на Дружината (ММКД), тој ги запознава двајцата македонски револуционери (јули 1893): Иван Хаџиниколов, главен иницијатор за основање на Македонската револуционерна организација (MPO, BMPК), и Гоце Делчев, најистакнатиот нејзин организатор и идеолог, потоа. Коста С. Шахов, исто така, е и сред основачите на Македонскиот комитет, основан во Софија во 1895 година, заедно со првиот претседател Трајко Китанчев. Коста Шахов континуирано се залагал за решавање на Mакедонското прашање преку создавање на македонска самостојана држава и покрај двојството кое го дозволува и е видливо во објавените прилози во неговите весници.

Тој е виден македонски деец и со својата публицистичка активност, еден од зачетниците на македонското новинарство, литературен раскажувач со многубројни објавени творби, македонски патриот и национален деец, револуционер, интелектуалец, публицист, општественик, непосреден учесник во градењето на лозарската идеологија. Завршил правни науки на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ во 1894 година и потоа работел во Русенскиот окружен совет и Русенската околиска управа, а потоа работел во Апелациониот суд во Русе.

Богата журналистичка дејност

Коста Шахов, како интелектуалец кој добро ја знае моќта на печатот, за потребите на бројната македонска емиграција во Бугарија, го издавал весникот „Македонија“. Весникот не бил орган ни на партија ни на некоја струја во македонското револуционерно и ослободително движење, туку е резултат на напорите на една интелектуално осознаена личност. Весникот почнал да излегува на 21 октомври 1888 година во Русе, а продолжил во Софија. Во првиот број на „Македонија“,Коста Шахов во својата статија ја изнесува потребата од македонски печат, кој според него преставува „топ со кој се служат сите народи освен македонскиот“. Меѓу другото тој ќе напише: „При сè што сме два милиони луѓе, пак немаме, еден каков и да е весник, кој ќе нè држи во текот на работите што се случуваат околу нас и за нас и ќе ни служи за да ги изразиме нашите народни искажувања и мисли. Денеска печатот е посилен од топот и со него се служат скоро сите народи на светот, освен нас… На крајот, ние Македонците, како сме едни под двојно и тројно ропство, а други прснати по разни страни, сепак не смееме да си ја заборавиме татковината и сме должни да работиме за подобрување на нејзината положба. Зашто како народ ќе бидеме одговорни пред нашето потомство ако и при толку неволји во својот живот мине времето безработно, без борба за слободен живот, зашто нашите господари не сакаат да се грижат за олеснување на нашиот живот“.

Никој нема толку во македонската национална и културна историја како Коста С. Шахов. Целиот свој живот го посветил на Македонија и новинарството. Тој е неуморен македонски деец кој беспоштедно работеше за македонската емиграција во Бугарија во втората половина на XIX век и првите две децении на XX век. Тој остави неизбришливи траги во македонското новинарство и во македонската национална и културна историја.

Следејќи ги почетоците и развојот на македонскиот печат, чии основачи и издавачи се Македонци, може да се забележи дека во него како црвена нишка се провлекува и идејата за една посебна Македонија без оглед на различното толкување на атрибутите што ѝ се додаваат: „слободна“, „независна“, „автономна“ итн. Оваа идеја ја поддржувал и развивал весникот „Македонија“ на Коста С. Шахов. Таа идеја опстојува низ сите периоди и пројави во развитокот на македонскиот печат, сè до денешни дни. Весникот „Македонија“ спаѓа меѓу првите македонски весници.

Ликот на Коста Шахов се поистоветува со една активност на најпрогресивниот дел на македонската интелигенција, насочена кон афирмација на македонската национална свест и борбата што ја водел за време на целиот негов живот, меѓу емиграцијата и со перо врака, со плеадата весници на кои тој беше и сопственик и издавач и пишувач на текстовите. Во областа на журналистиката оваа борба на Македонците ја поведоа повеќе весници но сепак меѓу првите беше весникот „Македонскиј глас“, (1885) па подоцна Коста Шахов со своите органи „Македонија“ (1888) и „Глас македонски“ (1893-1898).

Неговото дело и како интелектуалец и како културно национален деец сред македонската емиграција го легитимира како прогресивна личност, еден неуморник во македонското дело. Со своите публицистички, новинарски и политички активности, како и со неговата дејност како писател, како еден од групата на македонските писатели од втората половина на XIX век во таа бурна епоха на македонската историја, Коста Шахов треба да го вреднуваме и да го рангираме на пиедесталот, заедно со челните македонски револуционери, со основоположниците на новинарството, литературата…

Сограѓанинот од Охрид, Петар Карчев го опишува Коста Шахов како „неуморниот долгогодишен издавач на серија весници кои се во заштита на македонската слобода, кои се појавуваа, и додека читателите разбереа дека излегле, тие успеваа да згаснат“.

Тоа беше Константин (Коста) Стефанов Шахов кој е роден на денешен ден, на 6 јули 1862 година во Охрид, а починал на 15 август 1917 година во Софија. Живееше 55 години и два месеци, „преполни со успеси и падови и горчини што не се успеало во многу работи“. Но неговиот живот и делото оставија трајни белези и заслуги во македонската културно национална историја.

*/Студијата „Коста Шахов Публицистика“ на проф д-р Томе Груевски опфаќа повеќе поводи и датуми што се поклопуваат со оваа 2017 година, од областа на историјата на македонскиот печат и новинарство. Со овој труд ја одбележуваме стоипедесетипет годишнината од неговото раѓање, на денешен ден, на 6 јули 1862 година во Охрид и сто годишнината од завршувањето на животот на Коста Шахов, на 15 август 1917 година во Софија. По тој повод во Охрид, на овој датум ќе биде организирана промоција на трудот.

 

tome gruevski01 650x396

Пишува: Проф д-р ТОМЕ ГРУЕВСКИ

gruevski@studiorum.org.mk

Публицитет.мк 

Посетеност: 155
Share
Previous Post

Воениот камп во Охрид ги отвора вратите за граѓаните вознемирени од серијата земјотреси

Next Post

Новинари,водители,доајени и дебитанти на „Канео фест 2017“

Next Post

Новинари,водители,доајени и дебитанти на „Канео фест 2017“

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 155

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk